1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од почетокот на војната во Ирак досега 650 илјади жртви ?

Карстен Шмистер12 октомври 2006

Најновата студија зборува за 500 случаи на насилна смрт секојдневно во Ирак

https://p.dw.com/p/AdwY
Нападите - секојдневие во Ирак
Нападите - секојдневие во ИракФотографија: AP

Владата на Џорџ Буш проценува дека во Ирак досега има 30 илјади цивилни жртви од последиците на војната од 2003-та година. Британски истражувачи претпоставуваат дека станува збор за 50 илјади. Една најнова студија, објавена вчера во онлајн-издание на британското специјализирано медицинско списание „Ленсет“, дојде до далеку пострашни резултати: ни 30, ниту 50 илјади, туку повеќе од 650 илјади Ирачани загинале од почетокот на инвазијата врз Ирак пред три ипол години.

Тоа го пресметаа лекарите од Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Балтимор, во американската сојузна држава Мериленд. Според нив, 600 илјади луѓе биле жртви на борбени дејствија, самоубиствени напади, или биле грабнати, изложени на тортура и потоа убиени. 50 илјади лица починале од болести како последица на лошата медицинска грижа обусловена од војната. Во студијата се зборува за околу 500 случаи на насилна смрт секојдневно во Ирак, како и дека стапката на смртност во земјата од почетокот на војната е четирикратно зголемена.

Критичарите на студијата ги сметаат резултатите за претерани, но пред се’ на научниците им префрлуваат дека водат предизборна кампања и со објавувањето таква мрачна слика за состојбата во Ирак на само 4 недели пред важните избори за Конгресот се обидуваат да создадат атмосфера против владата на претседателот Буш.

Министерството за одбрана во единствената официјална реакција воопштено искажа жалење поради „загубата на секој невин живот“ и нагласи дека „се прави се’ за да се избегне смрт или ранување на цивили“.

Поранешниот полковник Џефри Меккосленд за телевизијата ЦНН, пак, рече дека студијата укажува на катастрофалната состојба во Ирак. Наредните месеци се решавачки, смета полковникот и вели дека ако американските војници не го спречат насилството меѓу припадниците на различни религии, тогаш на Ирак му се заканува отворена граѓанска војна.