1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од улица на модните писти - Мис бездомничка

30 октомври 2009

Модна писта наместо улицата - гласи мотото на првиот избор за мис на бездомнички, кој се одржа во Белгија. Целта на организаторите беше да најдат живеалишта за жените. Победничка е 58-годишната Тереза ван Бел.

https://p.dw.com/p/KIjV
Тереза ван Бел, мис бездомничкаФотографија: DPA

Десетте кандидатки дефилираа пред жирито со надеж дека ќе ја освојат главната награда, една година платена кирија.

Сето ова звучи цинично, но во суштина се работи за социјален проект на здружението „Артефикс“ од Брисел, кое ионака се грижи за бездомниците и ги снабдува со лекарства. Целта на овој избор на убавина е жените да се тргнат долгорочно од улиците.

Камерманите и фотографите ја опколија новоодбраната Мис на бездомничките, 58-годишната Терезе ван Бел. Камерите ги снимаат солзите радосници кај победничката. Мис бездомничка 2010 е ѕвезда како топ-моделите од модните писти.

Тереза ван Бел е пресреќна: „Прво морам да се смирам. Не ни помислував дека ќе победам. Но, успеав и сега можам да започнам нов живот.“

Brussel Miss Obdachlos
Дел од учесничките на изборотФотографија: DPA

Негативни критики во медиумите

Изборот предизвика бурни реакции во белгиските медиуми. Тие го нарекоа овој конкурс за „Мис бездомничка“ циничен и понижувачки. Белгиските весници пишуваа дека на организаторите им е важен само публицитетот, а не жените. „Глупост“, одговори Паскал Вери по изборот. Таа има 40 години и со години живее на улица. Првпат се чувствува почитувано како жена, и самото тоа го прави проектот успешен: „Сакам да покажам дека и ние бездомничките може да бидеме убави, дека не сме само нечистотија.“

И организаторката на изборот Алин Дупортал не разбира зошто ги критикуваат: „Ние добивме голем број негативни реакции. Но, нашата цел е да им покажеме на другите луѓе колку страдаат жените на улицата. На жените сакаме да им ја вратиме вербата во животот, и повторно да имаат надеж за подобра иднина.“

Алин и финалистките појадуваат пред изборот во еден хотел со три ѕвездички во Брисел. Тука финалистките ќе се подготвуваат за нивниот настап. Само во Брисел на улица живеат над 200 бездомници, преноќуваат на железнички станици, под мостови или во прифатилишта и живеат од милостина.

Сите финалистки добија живеалиште

Алин Дупортал и жирито составено од уметници, социјални работници и модни дизајнери во февруари одбраа десет жени бездомнички и ги придружуваа се‘ до финалето. Притоа воопшто не беа важни нивните пропорции ниту пак се бараше посебно убава насмевка. Организаторите обезбедија за сите жени психолошко советување и мали станови или соби. Ниту една од финалистките денес не живее на улица.

Една од нив е Леони Рение, која живееше на улица три години. Таа пропадна по смртта на едно од нејзините три деца пред неколку години. Другите две деца прекинаа да контактираат со неа откако почна да живее на улица. Сега живее во еден стан заедно со други луѓе. Леони плаќа 250 евра кирија, од парите што ги добива од здравственото осигурување поради една хронична повреда. Изборот за мис за 39-годишната претставува шанса за нов почеток: „Најважно ми беше повторно да најдам стан, за да можат да ме посетуваат децата и да не се срамам што живеам на улица. Сега може да им кажам: Посетете ме, можете и да преноќите во мојот стан.“

Obdachloser in Rußland bei frostiger Kälte
Животот на бездомниците е тежок...Фотографија: dpa

Кандидатките на финалната вечер прошетаа петпати по модната писта. Најпрво излегоа во облеката од улицата која ја носеа на пријавувањето пред шест месеци. Потоа носеа различни вечерни фустани, кои може да си ги земат по завршувањето. Жирито не ја оценува само нивната харизма, туку и нивниот развој во изминатите шест месеци. Победничка е 58-годишната Тереза ван Бел која стана „амбасадорка на бездомниците“. Но, и другите жени како Леони се чувствуваат како победнички: „Сакам да се ангажирам социјално. Веќе победивме со тоа што сите добивме станови. Самата титула мис не ми е толку важна. Сега сакам јас да им помагам на другите.“

Автор: Рут Рајхштајн / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска