1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од уништувач на климата до еколошки пример?

15 декември 2009

Во Кина се‘ поактуелна станува употребата на соларна енергија. Наредната година градот Дезу ќе биде домаќин на меѓународниот конгрес за соларна енергија. Но, соларната долина Дезу е само остров во морето од јаглен.

https://p.dw.com/p/KgoJ
Во Кина се‘ повеќе се употребува соларна енергија.Фотографија: AP

Кина важи за уништувач на климата. Ниедна друга земја не испушта толку издувни гасови во воздухот како Средното кралство. Застарените индустриски системи немаат филтри, а околу 70 проценти од енергијата се‘ уште се добива од јаглен. Сепак, во Кина се забележува опасноста поради климатските промени и покрај тоа што Пекинг и натаму одбива да воведе граница на дозволеното ниво на испуштање ЦО2. Централната власт амбициозно поставува цели за штедење енергија, а во наредните години се планира засилено зголемена употреба на обновливи енергии. Но, комунистите постигнаа напредок во тој поглед. Сакаат да станат предводници во долготрајниот развој и еколошки организираните градови.

Фабрика за бојлери на соларна енергија во Дезу

Фабричка хала на периферијата на Дезу. На големи машини се произведуваат метални плочи и се швајсуваат цевки. Готовите цевки се наоѓаат на лента која полека ги транспортира во следната хала и од нив се доизработуваат резервоари за вода. Стотици илјади други фабрики во Кина се слично бучни и валкани, но фирмата Химин во Дезу е нешто особено. Тука се создава зелената иднина на Кина.

Во фабричката хала се произведуваат бојлери на соларна енергија, кои веќе снабдуваат милиони домаќинства во Средното кралство со топла вода. Технологијата е релативно едноставна. Сончевата енергија се акумулира во црните стаклени цевки со дупла обвивка поставени на покривите, и така се загрева водата во бојлерите. Обичен бојлер чини помалку од 200 евра, што е прилично поволно и за многу семејства од селата.

Solarenergie in Iran
Соларната индустрија во Кина штеди големи количества јаглен.

Химин произведува по еден милион бојлери годишно и со тоа е предводник на светскиот пазар, вели основачот и шеф на фирмата Хуанг Минг: „Во Кина и на светскиот пазар инсталиравме речиси 20 милиони метри квадратни од нашите бојлери на соларна енергија, кои досега имаат веќе заштедено 20 или 30 милиони тони јаглен, што е голем придонес за заштита на климата.Соларната индустрија од Кина вкупно има заштедено околу 200 милиони тони јаглен, прилично големо количество.“

Кинеската соларна долина

Поранешниот инженер за нафта Хуанг Минг се смета себеси за борец за зелена иднина. „Кинеската соларна долина“ е натписот на светлечката реклама на влезот од неговите фабрики. Над централата на претпријатието е поставена гигантска полумесечина од соларни плочи, кои дистрибуираат електрична енергија за висококатниците. Енергетската ефициентност им е од големо значење. За да се штеди струја, лифтовите застануваат само на секој втор кат: „Уште пред петнаесет години, кога ја основав фирмата, нашиот слоган гласеше: сино небо, бели облаци за следната генерација. За таа цел мораме да користиме соларна енергија и да го негуваме еколошкиот стил на живеење. Тоа беше мој сон и визија, и до денес остана мој сон и задача.“

Сонот на Хуанг Минг е веќе во изградба во центарот на Дезу. Од звучниците поставени директно покрај големото градилиште се слуша пријатна музика. Овде се гради утописката градина, град на иднината. 1600 станови градени еколошки во висококатници со најмногу 30 ката. Над покривите ќе бидат поставени огромни плочи за соларна енергија. Наредната година треба да бидат готови првите луксузни станови. Секој детал е направен од рафинирана еколошка технологија. Клима уредите, кои се инаку големи потрошувачи на електрична енергија во Кина, работат на соларна енергија. На фасадите и на оградата од терасите се поставуваат истите стаклени цевки кои акумулираат енергија, како оние во бојлерите на соларна енергија на покривите.

Ќе се намали испуштањето на ЦО2

Притоа Дезу со своите пет милиони жители е сосема нормален кинески град. На плоштадот на хармонијата во центарот, навечер се среќаваат пензионери, свират на барабани и танцуваат. Сите се враќаат од работа и има згуснат сообраќај. На периферијата од градот се гледаат облаци над фабричките оџаци. Најзначајни индустриски гранки се хемиската и текстилната индустрија.

Но, откако Хуанг Минг со своите бојлери на соларна енергија прерасна во предводник на светскиот пазар, градот се‘ повеќе се залага за долгорочен развој, вели Занг Јунфа од градската управа: „Речиси 90 проценти од сите згради имаат интегрирано соларни системи. Во помалите предградија, над 50 проценти од куќите имаат бојлери на соларна енергија, а во градот овие системи имаат стопроцентна застапеност. Покрај тоа, во рамките на еден пилот-проект инсталиравме вкупно 5000 соларни улични светилки, со што ќе се заштеди големо количество електрична енергија. Тоа значи дека потрошувачката на јаглен годишно ќе се намали за речиси 500 тони, а емисијата на ЦО2 за околу 1240 тони.“

Дезу-град домаќин на меѓународниот конгерс на соларна енергија

Der chinesische Volkskongress beginnt mit Appell zu Umweltschutz
Треба да се намали загадувањето во Кина.Фотографија: AP

Такси превозниците како и половина од автобусите во Дезу веќе користат гас. Поставени се и првите соларни семафори. Наредната година Дезу е домаќин на меѓународен конгрес за соларна енергија. Североисточниот кинески град се пријави и беше одбран, а конкуренција му беше и зелениот Фрајбург во Брајзгау. И Гринпис ги пофали заложбите на Дезу. Зенг Мингкинг е експерт за клима во организацијата за заштита на средината: „Владата во Дезу посвети најголемо внимание на развојот, производството и употребата на соларна енергија, и со тоа се обидува да создаде нова долгорочна основа за стопанскиот развој. Другите градови може да учат од Дезу. Така би можело да се заштеди многу електрична енергија и да се намали емисијата на ЦО2 во Кина.“

Досега 40 фирми од областа на обновливи енергии отворија седиште во Дезу, но нивниот број треба уште да се зголемува. Дезу со тоа се обидува да стане кинескиот соларен град и за оваа титула конкурира со многу други градови, кои сакаат да се развиваат во слична насока. Владиниот претставник Занг Јунфа вели дека економскиот пораст и заштитата на животната средина не се противречни едно на друго: „Затоа што користиме бојлери на соларна енергија, се штеди струја и се редуцира испуштањето на ЦО2, веќе имаме сино небо и бели облаци. Со распространувањето на соларната енергија имаме добри шанси да станеме град каде светилките ќе бидат вклучени и ноќе.“

Концепција за долгорочен развој

Deutschland Energie Weltgrößtes Solarkraftwerk in Waldpolenz
Во Дезу се гради соларна електрична централа.Фотографија: picture-alliance/ dpa

Тоа не му е доволно на претприемачот Хуанг Минг. Негов сон е Дезу еден ден да стане најголемиот соларен центар во светот. Околу седиштето на неговата фирма тој гради конгресен центар, населби и забавен парк, како и соларна електроцентрала. Тој смета дека со проектот може да се привлечат милиони посетители и потенцијални клиенти. Минг е оптимист и покрај тоа што соларната индустрија во земјата на јагленот се‘ уште има маргинална улога. Соларната долина Дезу се‘ уште е само остров во морето од јаглен: „Сметам дека ова острово ќе биде се‘ поголемо, и неговото влијание ќе биде огромно не само во Кина туку и во светот.“

Но, сепак тоа е музика од иднината. Невпечатливиот Дезу со амбициозниот проект за утописка населба и неговата соларна долина допрва треба да докаже дека навистина може да го оствари пренасочувањето кон долгорочна, еколошка концепција за развој. Но веќе има планови и визии, како и стотици илјади бојлери на соларна енергија на покривите низ градот.

Автор: Рут Кирхнер / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска