1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Фукушима и натаму алармантни вести

4 април 2011

Во нуклеарната централа Фукушима 1 продолжува борбата со радијацијата. Од пукнатината во реакторот број 2 и натаму истекува радиоактивна вода во Пацификот. Обиди за затворање-со цемент и пластика и песочни бариери.

https://p.dw.com/p/10mvz
Уште долго ќе има последици од радијацијата во ФукушимаФотографија: dapd

Состојбата во атомската нуклеарна централа Фукушима 1 и натаму е критична. Фирмата-управител со нуклеарката, Тепко, од викендот се обидува да ја затвори со цемент и пластика пукнатината во шахта со кабли, од која истекува радиоактивна вода директно во Пацификот. Високата радијација од 1000 милисиверти на час ја отежнува работата, бидејќи техничарите се обврзани да се придржуваат до безбедносните мерки. Од утрово се прават обиди да се спречи натамошна контаминација на морето со песочни бариери. Во текот на денот ќе се испитува и текот на водата во останатите реактори, за да се утврди дали има и други пукнатини од каде истекува радијација.

„Добивме редица предлози од странски експерти во однос на хаварисаната централа. Мислам дека сегашната метода да се затвори изворот е усогласена и со нив. Но мислам, дека самата идеја не потекнува од нив“, изјави Хидехико Нишијама од јапонската агенција за надзор на атомската енергија, но не можеше да потврди дали меѓу техничарите кои работат во нуклеарната централа има и стручњаци од странство. Од неговата агенција НИЗА биле присутни двајца стручњаци. Тоа значи дека фирмата- управител Тепко и натаму ги донесува одлуките за постапките во централата.

Fukushima
Фотографија: dapd

Постојано мерење на радијацијата

Од надвор, радијацијата ја мерат многу институции. На пример, од министерството за образование и наука, Мекст.

„Во името на Мекст, би сакал да кажам уште неколку зборови за висината на радиоактивноста. Според нашите мерења забележан е тренд на опаѓање на радијацијата во областите надвор од зоната од 20 километри околу нуклеарката. Тоа ја вклучува и водата за пиење.“

Меѓутоа, вредностите пред нуклеарната централа, во морето, се покачени, бидејќи истекува радиоактивна вода, навестија во текот на ноќта од јапонската агенција за атомска енергија, НИЗА.

Flash-Galerie Fukushima Atomkraftwerk Untersuchung des Bodens Radioaktivität
Мерење на нивото на радијацијаФотографија: AP

Остануваат уште многу проблеми

Иако реакторите еден, два и три се приклучени на електричната мрежа и одговорните уверуваат дека ситуацијата е во одредена мерка стабилизирана, Хедехико Нишијама од НИЗА и натаму е претпазлив:

„Има низа предизвици кои треба да ги надминеме, пред се’ ладењето на јадрата на реакторите, потоа испумпувањето на озрачената вода, мораме да спречиме натамошно истекување на радиоактивност. За некои мерки ќе бидат потребни повеќе недели, дури и месеци. Некои можеби ќе траат уште подолго.“

Условите за работа на нукларката Фукушима 1 и натаму се екстремно тешки, меѓутоа се подобри згрижувањето на работниците, покрај редовните оброци, подобрени се и условите за сместување за техничарите во близина на централата.

Автор: Петар Кујат/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема