1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕСМ го презема раководењето со БЕГ

ДТЗ
21 јануари 2022

Министерот за економија, Крешник Бектеши, уверува дека скопјани до крајот на грејната сезона ќе имаат топли радијатори.

https://p.dw.com/p/45tkH
Inflation | Heizkosten Energie
Фотографија: Fernando Gutierrez-Juarez/dpa-Zentralbild/picture alliance

Околу шест милиони евра ќе ја чини државата кризата со парното греење во Скопје, откако фирмата Балкан Енерџи Груп (БЕГ) најави дека нема повеќе гас за затоплување на главниот град. ЕСМ од денеска го презема раководењето на Балкан Енерџи Груп (БЕГ) со цел да се реши проблемот со снабдувањето со топлинска енергија во главниот град Скопје. Но, претходно Владата ќе треба да префрли шест милиони евра на сметката на АД ЕСМ за да го преземе управувањето, дистрибуцијата, снабдувањето и производството на топлинска енергија за град Скопје за целата грејна сезона.

Според министерот за економија, Крешник Бектеши, овие средства ќе се користат и во делот на плаќањето на разликата од реалната и постојната цена на топлинска енергија за 2022 година. Но, дали шест милиони евра ќе бидат доволни за целата грејна сезона, засега не се знае. Бектеши, при денешната посета на Сарај, рече дека таквите проекции се направени од страна на ЕСМ, Регулаторната комисија за енергетика и раководството на ЕСМ – Енергетика, која произведува топлинска енергија, според цените и берзанските цени на природниот гас за јануари. Според министерот, цената може да биде и пониска, но и повисока, но најверојатно согласно сите предвидувања, цените во наредните месеци ќе бидат помали од јануарските.

Тој уверува дека скопјани до крајот на грејната сезона ќе имаат топли радијатори. Во однос на тоа дали ЕСМ има доволно количини на јаглен за производство на електрична енергија, Бектеши информира дека во моментов на депонија има околу 250 илјади тони.

„Како што ме информира Комисијата која ја следи ситуацијата во делот на енергетиката и во топлинската и во електричната енергија, на депонија имаме околу 250 илјади тони за потребите на РЕК Битола што пред три-четири месеци не надминуваше ни 40 илјади тони. Количините се и наши и од увоз“, вели министерот, кој додава дека со овие 250 илјади тони РЕК Битола работи во континуитет, а дополнително тие може да се користат за да се зголеми производството ако има потреба и ако номинациите за некој ден би биле поголеми.