1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Октомвриска еволуција

21 октомври 2021

Првиот круг на локалните избори ја отвори сезоната на политички драми. Колумна на Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/41wuV
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Кој живее на кредит, умира на рати. Овој бисер, последниот од низата мисли на Патријархот, требаше да ја опише севкупната состојба во земјата. Но, ненамерно од него, токму таа поговорка ќе излезе дека е најдобриот заклучок за локалните избори и судбината на неговиот неверен пулен Зоран Заев. Кому секако му посакуваме долг и среќен биолошки живот, но со потсетување дека (изборно) неговата премиерска кариера почина уште на минатите парламентарни избори. Неговото преживување во про-форма улога на премиер уште од август наваму се должи на скапиот кредит добиен од Мицкоски. Проследено со агонично, мачно, тегобно килавење во политички грч на етапно исплатување на кредитот. Заклучоците на опозицијата дека на Заев му е дојден крајот се ем задоцнети, ем контрадикторни, ем површно лицемерни. Бидејќи, крајот на Заев се случи минатата година, додека пак на овие локални избори се елиминира заевизмот како концепт и групација. Масовните укажувања и критики за ароганција, препотентност, отуѓеност, нарцисоидност и генерална забеганост не беа вперени до Заев лично, колку до неговите сикофанти, полтрони, и пред сѐ медиумски клиентелисти како последни бастиони на заевизмот и сопствената егзистенција. ВМРО не сакаше да го реши Зорана, па затоа мисијата мораше да биде изведена од самата СДСМ. А по таа логика, и заслугите за откочување на смрзнатата состојба креирана од Заев и Мицкоски.

Крахот на заевизмот и излитеноста на груевизмот

Не е никаква утеха, ниту релативизација на поразот на СДСМ, но нивното губитништво е рамо до рамо со неславната победа на опозицијата, главно олицетворена во ВМРО, но пред сѐ во однос на Алтер-Алијанса, Беса, Левица и останатата боранија. Откога ќе завршат со славеничките фарбања на пировите победи, оваа групација на контраријански опозиционери ќе треба да одговорат на едно бенигно, а болно прашање: како бива, дами и другари, дури 60.000 гласачи со сласт да претпочитаат да си го изгорат сопствениот глас, отколку да ви го доверат вам, самодеклрарирани алтернативи на бермудскиот триаголник СДСМ, ВМРО, ДУИ? Дали навистина изборната неопционалност сведена на овој триаголник е единствената причина за логиката „подобро да изгори, отколку избори” на толку огромен број гласачи? Или пак можеби вината лежи и кај нив и нивната маалско-јаранска популарност, која не содејствува со реалностите на теренот? Горчината на сознанието дека нихилизмот е популарна опција од сите демек спасоносни „алтернативни медицини” е лековито освестување за нивно навремено реструктуирање, промислување или со политиката збогување.

Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ, чинам дека крахот на заевизмот ги засега и нив подекнакво како и кибицерите од бихаќките под-балкони. Крахот на заевизмот е индиректна потврда и за излитеноста на груевизмот како инспирација за реванш. Но не верувајте на моите зборови, туку на изборните резултати на водечката македонска опозициска партија. Од кои единствен победник е младиот Тимчо Муцунски, и тоа со такво, десетилјадно во разлика, убедливо удирање ќотек на ривалите, што неминовно се поставува прашањето - дали тој е иднината на водството на партијата? Ова може да звучи како непријатно, провокативно прашање или обид за предизвикување раздор, но прашањето како такво ќе виси сѐ додека Христијан Мицкоски не се реши да излезе на изборен мегдан и си ја опроба популарноста кај гласачите. Но сега повеќе во споредба со Муцунски, отколку со Заев. Не знам, ниту се замарам со дилемите дали демисијата на Муцунски од челник на надворешната политика на ВМРО во аеродромски хаусмајстор беше обид на Мицкоски за елиминација на ривалот, или пак налог од меѓународната за (според моделот Зиадин Села контра Мендух Тачи) да му обезбедат финансиска, изборна база во прилог на веќе обезбедената меѓународна симпатија. Доколку беше првото, епилогот е катастрофален за Мицкоски. Доколку е второто, епилогот е загрижувачки за Мицкоски. Бидејќи, во крајна инстанца, пресудата на гласачите во полза на Муцунски потврдува каква е визурата и преференцата на членството и граѓаните за изгледот на современото водство на ВМРО-ДПМНЕ, лишено од анимозитет кон останатите и богато со грижа и разбирање на сродните. Притоа, фактот што перјаниците на СДСМ со таква пизма се нафрлија врз Тим Чо, укажува дека и тие препознаваат од каде доаѓа опасноста.

Царство за кнежевство

Се тресеше Алијансата и се роди Таравари. Повторно. Доколку има илустративен пример за логиката „царство за кнежевство”, тоа е стратегијата и логиката на Алијанса предводена од Зијадин Села, кој веќе традиционално ја жртвува факторизацијата на државно ниво во полза на победите на Арбен Таравари во Гостивар. Драматичното ништење на Алијанса во Тетово, Скопје, Арачиново, Куманово, е само еден од редицата примери за глувоста на Села-Таравари кон мислењето на базата и нарцисистичкото инсистирање во фаворизирање ислужени, компромитирани ликови без влијание во сопствените соседства, а камоли на општинско и национално ниво. Накусо, денес Села е само про-форма лидер на Алијанса, речиси целосно преземена од Таравари и неговите спонзори од Скопје.

Претходни колумни од авторот:

Локалните избори како втор круг на парламентарните избори

ЕУ и Западниот Балкан: Неславен крај на германското претседавање

Крајот на етно-командантите и крахот на граѓанските комесари

Името Билал е старо арапско име на првиот Езан, т.е. човекот кој прв ја има испеено молитвата со која се повикува на молење во исламот. Современиот Билал, од семејството Касами, е блиску да се искачи на општинското минаре во Тетово и прогласи победа над Теута Арифи. Слично како со Алијанса, неговата победа е определена од битноста на градот на сметка на целосната дефакторизација на Беса на ниво на земјата. Победата на Касами е сламка за спас од падот во ирелевантност и сведување на ниво на ДПА.

Финалниот исход на пресметката во Тетово ќе биде определен од тоа дали договорот за гласањето во вториот изборен круг ќе биде предмет на разговори и преговори помеѓу Заев и Ахмети, или пак помеѓу СДСМ и ДУИ. Доколку се случи првото, што е тешко замисливо со оглед на некредибилноста на Заев, можноста за победа на Касами е најблагу кажано подеднаква како и онаа на Арифи. Но доколку преговорите се водат помеѓу СДСМ и ДУИ, и притоа се земат предвид прегласувањата во Скопје и скопско, Куманово, Кичево и.т.н, како и споредбеното влијание на ДУИ наспроти Беса на републичко ниво при следните парламентарни избори, тогаш епилогот секако оди во прилог на Теута.

Кој ќе победи?

Што се однесува до Скопје, чинам дека тековната дебата во Бихаќка деновиве е сумирана во мудроста од есента на Патријархот дека „имаме повеќе непријатели отколку војници”. Повиците за обединување се однапред определени од прашањето - околу кој и околу што? Доколку замислата е обединување околу Заев, веќе денес можеме да ѝ честитаме на Данела, новата градоначалничка. Доколку замислата за обединување е околу СДСМ, тоа би можело да има ефект единствено ако е надополнето со одговор на прашањето - околу што. А тоа налага враќање на мисловниот капацитет на таа партија, која одамна е перцепирана како глогов колец во срцето на заевизмот.

Во секој случај, првиот круг ја отвори сезоната на политички драми, додека вториот круг ќе ја затвори административната дилема. Драмата ќе продолжи со финиширање на внатрепартиските борби, кои ќе се одвиваат паралелно и филтрирачки во сезоната на расчистување на односите со Бугарија, нормализација на односите во јужното крило на НАТО, какво-такво приклучување кон евроинтеграциите и смената на генерациите и менталитетите низ сите битни политички партии. Процес кој ќе треба да биде заокружен со извесни вонредни парламентарни избори следната година. На почетокот на овој маратон, сите партии се на иста позиција, со исти капацитети и слабости. Кој ќе победи? Не знам. Но мудроста вели дека среќата ги фаворизира храбрите.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач