1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оланд меѓу Франција и Европа

Андреас Нол / Елизабета Милошевска Фиданоска19 април 2012

Во изборната кампања во Франција Меркел му даде поддршка на својот политички пријател Саркози. Истражувачите на јавното мислење, меѓутоа, веруваат во победа на социјалистот Оланд. Тоа би имало последици за Европа.

https://p.dw.com/p/14fqP
Фотографија: Reuters

Најавите на Франсоа Оланд за нови преговори околу Европскиот фискален пакт со строги правила за буџетските грешници во Берлин мора да се сфати како закана - конечно договорот се роди на иницијатива на канцеларката Меркел. За Рено Деусе од Центарот за Европски студии на реномираниот париски универзитет „Сијанс по“ најавата на Оланд меѓутоа е помалку сигнал за европските партнери, а повеќе е внатрешнополитички мотивирана. Политикологот смета дека и Оланд и Саркози се врзани во таканаречената избирачка дилема. За победа во вториот круг, на 6 мај, според Деусе, одлучувачки за умерените кандидати би биле гласовите на радикалните маргиналци, непријателски настроени кон Европа. За Никола Саркози тоа се приврзаниците на десноекстремниот Национален фронт, а за Франсоа Оланд тоа се се‘ поголемиот број поддржувачи на отцепениот социјалист Жан-Лук Меланшон, кој настапува како кандидат на Левиот фронт: „Зошто Оланд го употребува зборот ново преговарање? Затоа што точно знае дека кај избирачите кои би можеле да гласаат за него во вториот круг има многумина кои на референдумот околу Европскиот устав во 2005 година рекоа - НЕ.“

Барањето е значи повеќе маркетиншки трик за француските избирачи, отколку радикална корекција на курсот за ЕУ, претпоставува Јан-Свен Рителмајер од Францускиот институт за меѓународни студии (ИФРИ): „Не е сосема јасно што точно сака Оланд, но наједноставната интерпретација е дека станува збор за симболичен гест.“

Напад на ЕЦБ

Слична е и дебатата за политичката улога на Европската централна банка. И тука Оланд сака да испрати пред се‘ сигнали до своите избирачи, дотолку повеќе ако се знае дека Германија би блокирала секаква промена на договорот во оваа насока. Интересите на Франција се очигледни, вели економскиот истражувач Изабел Боржуа од германско-францускиот истражувачки институт ЦИРАЦ: „Она што Франција го очекува од една Централна банка, која малку повеќе внимава на политиката, е и натаму да доаѓа поволно до пари, за и во иднина да може да живее над своите можности.“

Francois Hollande
Франсоа Оланд има најголеми шанси за победа, велат анкетитеФотографија: picture-alliance/dpa

Блискост до германските планови за Европа

Ако се изземат малкуте силни барања во изборната борба, Франсоа Оланд на европската сцена важи за речиси неиспишан лист хартија. Со оглед на тоа што зад себе нема министерка кариера, досега одвај и дека имало некакви контакти на европските партнери со него. Притоа, Деусе оценува дека кај Оланд има позитивна слика за Европа. Тој вели дека тоа го покажува и биографијата на Оланд, кој долго време се движел во окружувањето на успешниот претседател на ЕК, Жак Делор. Освен тоа, по прашањето на Европскиот устав во 2005 година, што беше судбинско прашање на Социјалистичката партија, Оланд гласаше со ДА.

Во надворешната политика се важни државните интереси

Истовремено, Деусе предупредува дека не треба да се преувеличуваат разликите меѓу кандидатите, зашто надворешната политика е определена пред се‘ од интересите на државата. Тука има големи разлики меѓу Германија и Франција, пред се‘ во сфаќањето на економската и социјалната политика. Значи не е чудо што и Оланд и Саркози многу повеќе тежнеат кон државни решенија, отколку што тоа го прави германската влада. А и при нападите на сметка на независноста на ЕЦБ Оланд само ги повторува во основа позициите што во минатото ги имаше и Саркози.

Sarkozy Merkel 06.02.2012
Ангела Меркел му даде поддршка на Никола СаркозиФотографија: picture-alliance/dpa

Оланд со сличен карактер како Меркел?

Со оглед на тоа што во изборната кампања надворешната политика беше на маргините, партнерите на Франција мора да имаат трпение за да создадат прецизна слика за Франсоа Оланд. Деусе вели: „Оланд ќе именува влада, чија единствена цел прво ќе биде да ги добие парламентарните избори во лето.“ Пред доаѓањето на есента не треба да се смета со надворешнополитички иницијативи на Франција.

На среден рок, меѓутоа, ништо не зборува против тандемот Меркел-Оланд, анализира Рителмајер: „Потребно е време за да се привикнат еден на друг. Така беше на почетокот и меѓу Никола Саркози и Ангела Меркел. Со оглед на тоа што личноста игра важна улога, односите меѓу нив двајца на почетокот беа многу компликувани.“

Што се однесува до карактерот, воздржаниот, и во тесен круг исто како и Меркел полн со хумор, Оланд, дури е повеќе на иста линија со канцеларката отколку темпераментниот Никола Саркози. Останува прашањето - дали финансиските пазари ќе им остават време на Оланд и Меркел да почнат полека.