1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олдтајмери како сигурна инвестиција

Арне Лихтенберг / Борис Георгиевски25 март 2012

Поради финансиската криза, растат вложувањата во акции, ретки метали и недвижности. Но, олдтајмерите во последните 10 години донесле поголем профит од недвижностите или хартиите од вредност.

https://p.dw.com/p/14PwZ
Фотографија: DW

Фолкер Милер точно знае на што треба да внимава при купувањето олдтајмери. Овој продавач вработен во еден концерн за освежителни пијалоци сега проучува еден „Порше Спајдер 550“. Моделот е изложен во салонот на класични автомобили во Диселдорф. Тука љубителите на стари модели на автомобили можат да ги добијат сите информации за купување, реставрација, продажба или други прашања во врска со олдтајмерите. Милер е убеден дека понудениот модел не е оригинал, туку реплика. Клучeн за него е фактот што автомобилот има пластични делови на каросеријата, а не алуминиумски, и покрај тоа што моторот е оригинален.

Во последните пет години Фолкер Милер добро заработил.

„Продадов еден Мерцедес 230SL со многу добра заработка. Имаше голема побарувачка за тој модел, но и јас малку се коцкав“, вели Милер.

На што да се внимава?

Канцеларијата на Волфганг Лефелзендер се наоѓа над салонот. Тој е експерт за автомобили кој со децении е во бизнисот со олдтајмери. Тешко е да се најде некој кој подобро ја познава оваа бранша и неретко ги советува купувачите на што треба да обрнат внимание кога вложуваат во стари автомобили.

Wolfgang Löffelsender
Волфганг ЛефелзендерФотографија: DW

„Моделот треба да биде редок, да биде одлично сочуван и технички на високо ниво. Важна е и побарувачката и колку модели од тој тип воопшто постојат“, објаснува Лефелзендер.

Вредноста на олдтајмерите се зголемува за околу шест проценти годишно. За такво нешто другите финансиски производи можат само да сонуваат. И додека порано за вакви автомобили се интересираа хоби-автомеханичари, денес на нив се гледа како на добар извор на заработка, иако малкумина се разбираат во техника. Тоа го потврдува и трговецот Јерг Братке од Берген. Тој вели дека секој кој сака да инвестира во олдтајмери воопшто не мора да почнува со големи суми.

„Може да се започне со неколку илјади евра. Една добра „бубачка“ на Фолксваген, макар и од мексиканските погони може да биде многу вредна и интересна, бидејќи и меѓу тие автомобили нема многу кои се сочувани и интересни“, објаснува Братке.

Кога се работи за горните граници, се разбира, нема ограничувања. Некои модели се продаваат и за милионски суми евра.

1959 Volvo P1800 Volvo
Волво P1800 од 1959. годинаФотографија: picture-alliance/Photoshot

Драматичен пораст на бизнисот

Дека продажбата на олдтајмерите во меѓувреме стана голем бизнис говори и следниот податок - во Германија во 2011. година имаше околу 380 илјади олдтајмери. Тоа се 100 илјади возила повеќе отколку на почетокот на финансиската криза во 2007 година.

Но, чувањето на така вредни автомобили во гаража е голема грешка. Бидејќи доколку автомобилот не се движи, му се заканува оштетување од самото стоење, вели експертот за олдтајмери Кај Клеофас. И за него старите автомобили имаат предност во однос на вообичаените хартии од вредност.

„Тука секако и постои и факторот забава и задоволство, кој не е толку присутен кога станува збор за трговијата со акции. Особено доколку со вашиот олдтајмер учествувате и на некое историско рели. Притоа и самиот автомобил добива дополнителна, историска вредност“, вели Клеофас.

Сепак, треба да се има предвид дека одржувањето на олдтајмерите е извонредно скапо. На пример, самото складирање на автомобилот во салонот во Диселдорф чини 200 евра месечно.

Jörg Bratke von Bergen
Јерг БраткеФотографија: DW

„На сите заинтересирани им препорачувам да инвестираат во олдтајмери само доколку навистина имаат афинитет кон вакви автомобили. Само оној кој вистински ги сака овие автомобили, може од нив и да заработува“, порачува трговецот Братке.