1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олмерт и Меркел гледаат шанси за мировниот процес

2 април 2007

Израелскиот премиер Ехуд Олмерт ја искористи вчерашната посета на германската канцеларка Ангела Меркел за нов исчекор во мировниот процес на Блискиот исток. Тој имено им понуди на арапските земји сеопфатни преговори за изнаоѓање решение на конфликтот меѓу Израелците и Палестинците.

https://p.dw.com/p/AdsD
Ехуд Олмерт и Ангела Меркел во Ерусалим
Ехуд Олмерт и Ангела Меркел во ЕрусалимФотографија: AP

На завршната прес-конференција во Ерусалим, домаќинот, израелскиот премиер Ехуд Олмерт објави:

“Можам дури да ја искористам важната прилика по средбата со претседателката на Советот на ЕУ за да го кажам следново: ги канам сите арапски лидери на средба, секако и Саудискиот Крал, кого го сметам за многу важен државник за остварувањето спогодба со нас. Тема на средбата би била претставување на идеите.“

Кусо потоа премиерот се коригираше и појасни дека поканата се однесува само на арапски лидери од умерените земји, значи не и Сирија и Либија. Тој понуди да организира мировна конференција со учество на умерените арапски земји во Ерусалим, но исто така изрази готовност да учествува на слична средба што би ја организирала Саудиска Арабија.

Ангела Меркел и во оваа прилика ги поздрави резултатите од неодамнешниот самит на Арапската лига во Ријад. Ставот на Лигата покажува дека е време за дејствување, порача Меркел во својство на претседавач со ЕУ. Таа ја смета иницијативата на арапските земји за голема шанса за напредување на мировниот процес.

“Верувам во визијата за две суверени држави, така што егзистенцијата на Израел ќе биде еднаш за секогаш обезбедена, а од друга страна ќе постои палестинска држава со признаени граници, што ќе живее во добро соседски односи со Израел“

Понудата на Арапските земји во принцип подразбира признавање на Израел, доколку се повлече на границите пред војната од 1967-та година. Освен тоа се бара право за враќање на Палестинците протерани во 1948-та година.

Израелскиот премиер изјави дека и понатаму има големи разлики меѓу Израелците и Палестинците, кои што не се смалија по декларацијата на арапските земји од самитот во Ријад. Убавите зборови не можат да бидат замена за соодветните дела. Пред нас е уште долг пат, но верувам дека може да вроди со плод, доколку му пријдеме со внимателност и одговорност, порача Олмерт.

Израелскиот премиер доби полна поддршка од германската канцеларка Меркел за договорените редовни средби со претседателот на Палестинците Махмуд Абас. Гостинката од Берлин во исто време ги повтори барањата до палестинската влада на национално единство да ги прифати принципите на Блиско источниот квартет, како неодминлив предуслов за надминување на деценискиот конфликт.