1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Омразата не беше причина за војната во Југославија

Зорица Илиќ/Н. Домазетовиќ28 јули 2016

Илјадници млади Југословени го славеа мирот на концертот одржан во сараевската Зетра на 28 јули 1991 година. Со овој чин протестираа против војната во поранешна Југославија. Но брзо потоа сепак почна крвавата војна.

https://p.dw.com/p/1JX4u
Фотографија: Sylvie Gagelmann/LoveThatPeople

Концертот беше истовремено кулминација и крај на протестите против војната во поранешна Југославија на кој денес речиси никој не се сеќава. Германскиот новинар со потекло од БиХ Даниел Вишевиќ, 25 години подоцна се обидува преку проектот Зетра да го врати сеќавањето за концертот и протестите за мир во поранешна Југославија.

ДВ: Што претставува проектот Зетра?

Вишевиќ: Проектот Зетра е онлајн место каде повторно се среќаваат луѓето кои пред 25 години биле на концертот во Зетра. Овде ги собираме приказните на луѓето кои тогаш се заложија за мир, кои биле присутни на концертот или имаат било каква конекција со мировната иницијатива и концертот „Јутел за мир“. Тука луѓето можат да ги раскажат своите приказни со цел да го задржиме сеќавањето и да се потсетиме на тоа дека тогаш граѓаните сакаа мир.

ДВ: Со овој проект пробувате да пронајдете одговори на некои прашања, како на примерЗошто почна војната во Југославија?“ иако како што Вие кажувате, речиси сите беа против неа? Какви заклучоци можете да донесете сега?

Одговорот е многу тежок. Одоговорот кој се потврдува преку изјавите на нашите соговорници и кој ние можеме да го потврдиме е дека граѓаните беа против војната - и тоа независно од нивната религија и националност. Ниеден од народите не сакаше војна како што се сугерираше од едната или другата страна. Ние можеме да утврдиме дека не беше само концертот во Зетра, туку дека имаше и 30 други концерти и демонстрации низ цела Југославија. Тоа беа демонстрации кои беа поттикнати од граѓаните. Ниту една партија не помогна во нивното организирање. Тоа покажува дека граѓаните сфатија дека постои можност за почнување на војна и навистина направија се за тоа да го сопрат. Зашто и покрај се дојде до војна? Мoжам да кажам дека омразата не е објаснување, или може да имаше мал удел во тоа. Објаснувањето дека народите на Југославија се мразат со векови и дека едвај чекале да умре Тито за да можат повторно да се убиваат јас го исклучувам. Проектот Зетра покажува дека причината за војната сигурно не е етничка омраза. Тоа го кажуваат и голем број политолози која ја побиваат оваа теорија последните 10 години. Зошто сепак дојде до војната? Мислам дека најдобар одговор на тоа прашање даде Милан Тривиќ, еден од иницијаторите на концертот во Зетра кој во тоа време беше уредник на телевизијата Јутел. Тој рече дека е доволно неколку луѓе да креираат инциденти и тогаш се отвора реториката дека „ние сме нападнати“ и од одбранбени причини тогаш луѓето почнуваат да се вртат на една или друга страна со што настануваат граници помеѓу етничките групи кои претходно не постоеле. Тоа е веќе голем предуслов да дојде до војна. Всушност, доволни се неколку луѓе да предизвикаат војна.

Daniel Visevic
Даниел ВишевиќФотографија: Sylvie Gagelmann
Bildserie Bosnien 10 Jahre nach dem Krieg - damals
Националната библиотека беше уништена во војнатаФотографија: AP

ДВ: Да, Тривиќ кажа „За војна се потребни само неколку идиоти. Дали навистина верувате во таа теорија?

Како новинар сметам дека ова до сега е најдобар одговор на прашањето зошто дојде до војната. Тој одговор го поддржуваат и историчарите како Улф Брунбауер, кој опиша како точно војните можат да настанат и како дојде до војната во БиХ и Југославија. Така, мал број на екстремисти креираат инциденти и тогаш, како што сега ви објаснив, луѓето почнуваат да се приклонуваат, односно се чувствуваат присилени да се приклонуваат на една или друга страна бидејќи за нив сѐ друго е опасно по живот.

ДВ: Колку беше важно тогаш движењето за мир?

Сметам дека беше многу важно и мислам дека и денес е важно. Многумина ме прашуваат зошто го правам сето ова, зошто потсетувам на движењето за мир кога тоа немаше успех. Јас кажувам дека проектот за мир не би бил важен само ако го заборавиме. Ако се сеќаваме на него ќе знаеме дека луѓето сториле навистина многу за да ја спречат војната. Верувам дека така ќе се приомени и перцепцијата во странство за поранешните Југословени кои често ги сметаат за „примитивни луѓе од Балканот“ и дека тоа е некоја цивилизација која е помалку развиена од Западот и дека такво нешто на Западот не би можело да се случи. Верувам дека во западна Европа треба да се отфрли илузијата дека нешто слично не може да случи едноставно затоа што сме поразвиени. Верувам дека Југославија била многу развиена и дека можеме да научиме многу од тоа што се случувало таму – за денес да можеме гласно да настапиме против оние кои гласно се залагаат да настанат такви фронтови помеѓу луѓето. Без разлика дали тоа е внатре во Европа или станува збор за поделби помеѓу муслиманите, христијаните и други. Сметам дека на тие луѓе кои се обидуваат да изградат граници и кои дозволуваат да има омраза треба јасно да им се спротивставиме.

Bosnien 10 Jahre nach dem Krieg 2005
Хотелот „Холидеј Ин“ во СараевоФотографија: AP

ДВ: Многу ваши соговорници прават паралела помеѓу Југославија и денешната Европа. Кои се нивните пораки? Што треба Европа да научи од случајот на Југославија?

Лекциите се дека мора гласно да се спротивставуваме против омразата и границите. Исто така, важна порака е дека пред сè ние сме луѓе. Колку и да е едноставна таа порака сметам дека токму поради тоа е толку вредна бидејќи доаѓа од луѓето кои веќе преживеале војна, а во чии корени било приклонувањето кон националните редови - тие велат дека националноста не треба да биде основа според која се дефинираме.

ДВ: Говориме за концерти и демонстрации за мир кои сметате дека беа многу важни, а само неколку месеци по концертот оддржан во Зетра сепак почна војна? Како желбата за мир толку брзо прерасна во омраза? Како тоа го доживеаа вашите соговорници?

Тие до денеска тоа не го разбираат. Повеќето бараат одговори на тоа прашање до денес. Многумина ни после 4 години војна, ни по 20 години од крајот на војната тоа не го разбираат. На луѓето со кои разговарав тоа им е несфатливо. Она што го препознаваме е дека кога некој пробува да го објасни тоа насилство тогаш го користи терминот „одбрана“ и објаснува дека се било од „одбранбени причини“. Тоа е многу забележливо. Верувам дека тогаш луѓето се наоружуваа од одбранбени причини.