1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН - тигар од хартија

Рајнер Зитфелд28 август 2006

Коментар на Рајнер Зитфелд

https://p.dw.com/p/Adxy
Синото знаме на ОН
Синото знаме на ОНФотографија: AP

Победничките сили, во едно ново време, чекорат рамо до рамо под синото знаме кон светскиот мир – ваквите розови илузии беа погрешни уште во времето кога се основаа ОН. Првите часови на светската заедница беа пронижени со непредвидлива политика на интереси, но тогаш САД сеуште полагаа на картата на ОН.

А, денеска? Повеќе од 30 дена силата со право на вето со име САД спречува спроведување на апелите за прекин на огнот што ги упатува генералниот секретар во Советот за безбедност и дури и блокираше една изјава. Чисто застапување интереси на едната страна во либанската војна.

Во Дарфур веќе три години владее целно насилство – 200 илјади загинати, два милиони протерани. Овде две други сили со право на вето, поради економски интереси блокираат реакција на Советот за безбедност. Владите во Пекинг и Москва ги штитат своите трговски партнери во Картум.

Ова е секојдневното вртење во круг во највисокото тело на ОН, кое толку често носи резолуции што не се вредни ни за хартијата на која што се делат на учесниците во дебатата. Но, сепак – во Либан оружјето молчи, од преговарачкиот хаос во Њујорк излезе доволно политички притисок за Европејците да бидат натерани на ангажман. Тоа е игра на интереси на 191 мали и големи држави – и една супер сила на маргините.

Сигурно, маршираат и други – Канаѓаните рамо до рамо со Ирците, Финците, можеби наскоро и Швајцарците, кои сакаат да го следат повикот на синото знаме. Но, оние кои ги предводат сините шлемови во Либан имаат огромни интереси во средоземјето. И Италија која понуди да го преземе водството на силите сака да игра повторно на светската политичка сцена. Франција не помалку од нејзе. И Германија го поврзува ангажманот со сопствена надворешно-политичка полза. Кој сака да биде близу големата петорка и сеуште сонува за постојано место во Советот за безбедност, мора да се ангажира – во Авганистан или пред либанскиот брег.

Во поддршката или блокадата на решенијата и мисиите, на крајот на краиштата, не се работи за ништо друго освен за сопствени интереси. Од политичката волја на 192-те членки да се очекува братство и еднаквост – е невозможно. Затоа, пак, тоа е претпријатие за пофалба, кога станува збор за размена и порамнување на интересите. Сепак, се функционира само ако се има подготвеност за соработка и за компромис.

Во времињата на студената војна случајот не беше таков. Двата блока се блокираа со вето. Дотолку пострашно е што сега во времиња на војна против тероризмот случајот веќе не е таков – силата со право на вето, САД, под раководство на Џорџ Буш, ги застапува интересите бескомпромисно надвор од ОН и не остава веќе место за порамнување. Конфронтацијата има предност пред дипломатијата, Вашингтон на ОН им стави печат – тигар од хартија.

Ирак, Либан, Иран – силните конфликти на интереси ќе ескалираат, зашто јазовите што ги создаде американскиот самостоен од, се премостени само со тенки штички. Преку нив, никој во моментов не може да мине од една страна на друга, кон некое мирно време.