1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасноста се’ уште не е целосно надмината

5 мај 2009

СЗО предупредува од втор уште потежок бран на свински грип. Во меѓувреме ширум светот се потврдени преку илјада случаи на лица заразени со вирусот „Х1Н1“. И во Германија експертите сметаат на нови заболувања.

https://p.dw.com/p/Hjs0
МексикоФотографија: AP

Светската здравствена организација соопшти дека досега се потврдени 1003 случаи на лица заразени со вирусот на свинскиот грип во 20 земји. Меѓутоа здравствените органи на ОН засега ќе се воздржат од тоа да прогласат највисок -шести степен на тревога од пандемија. Портпарол на ОН истакна дека СЗО сака да го сочека натамошниот развој на настаните.

И Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун истакна дека во моментов нема причина да се прогласи состојба на пандемија. „Сите земји располагаат со ресурсите што им се потребни да продолжат да набљудуваат и заштитуваат своите граѓани. СЗО нема планови да го зголеми степенот на тревога во овој момент“, истакна Бан Ки Мун.

Нови десет сомнителни случаи во Германија

Институтот Роберт Кох од Германија исто така повикува на будност. Бројот на потврдени случаи во земјата како и претходно изнесува осум, и пациентите се наоѓаат во добра состојба, изјави претседателот на интитутот Јерг Хакер. Меѓутоа мора да се смета на нови случаи на лица инфицирани од вирусот „Х1Н1“. Во Германија во моментов се проверуваат уште десет сомнителни случаи.

Во Мексико земјата каде изби епидемијата на свински грип, бројката на почината од последиците на болеста се искачи на 26. Мексиканската влада меѓутоа искажа оптимизам дека епидемијата ќе биде надмината. Во наредните денови во главниот град Мексико сити треба постепено повторно да бидат отворени училиштата, рестораните и другите интитуции, кои беа затворени во рамките на борбата против свинскиот грип.

Автор: СН/АТ/дв/дпа/афп

Редактор: Александра Трајковска