1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасност од антибиотиците за животни?!

12 јануари 2012

Лекарите и заштитниците на животната средина се во судир со аграраната и месна индустрија. Повеќе студии укажуваат на ризиците од редовна употреба на антибиотиците на животинските фарми.

https://p.dw.com/p/13hhb
Фотографија: picture-alliance/dpa

Индустриското одгледување животни во Германија и другите земји на ЕУ има малку допирни точки со селска идила. Стоката и живината во големите штали живеат на мал простор. Трендот оди во насока на се’ поголеми сточни фирми. Фарми со повеќе од 100.000 кокошки и повеќе илјади свињи денес не се реткост. Животните се товат и подготвуваат за колење во најкраток временски рок и на што поевтин начин.

Индустриското одгледување животни е можно само со примена на антибиотици

Индустриски произведеното евтино месо има и лоши страни. Животните не се одгледуваат соодветно. Со тоа што на тесен простор живеат многу животни, без антибиотици речиси по правило се разболуваат. За да го спречат тоа, сточарите во храната мешаат антибиотици. Според германската влада, индустриските кокошки се третираат со антибиотици во просек 2,3 пати, додека свињите 5,3 пати. Според едно истражување на покраинските власти за заштита на природата околината и потрошувачите на Сверна Рајна Вестфалија, кај 96 проценти од индустриските кокошки се употребувале антибиотици. Одгледување на домашни животни без антибиотици е можно само на малите фарми или био-производството, изјави министерот за животна средина на Северна Рајна Вестфалија, Јоханес Ремел, минатиот ноември, претставувајќи ја студијата.

Schweine Massentierhaltung
Фотографија: picture alliance/WILDLIFE

Смртоносна опасност

Антибиотиците во медицината и ветеринарството би требало да се користат само целно, за третирање на болести, меѓутоа масовното одгледување и товење животни има далекусежни последици. Во шталите се развиваат нови бацили кои се резистенти на антибиотици. Доколку вакви резистентни бацили дојдат во допир со отворена рана, доаѓа до инфекција, која може да има и смртни последици. Според Макс Спенсер, шеф на Европскиот центар за превенција и контрола на болести, годишно во Европската унија умираат 25.000 луѓе од инфекции, кои не можат да се лечат со антибиотици.

Во една Студија на Сојузот за заштиа на животната средина и природата, се укажува дека повеќе од половина од живинарските производи купени по случаен избор во германски супермаркети содржат бацили, резистенти на антибиотици. Томас Јанинг од Сојузот на германските живинари предупредува од кревање паника. Појавата на ваквите бацили не значи дека постои здравствена опасност за потрошувачите, смета Јанинг.

Biologisch erzeugtes Hähnchen-Filet in der Fleischtheke des Bio-Supermarktes Hühnerfleisch
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Политиката одмерува

Лекарите и заштитниците на животната средина и потрошувачите бараат радикални промени на начинот на одгледување и товење на животните. Но, лобистите на аграрната и месна индустрија се против. Евтината масовна продукција така би била неможна.

Политичарите во Германија бараат решение. На една страна стојат здравствената и заштитата на потрошувачите, на друга аграрната и месна индустрија. Во прво време ќе се направи обид да се редуцира употребата на антибиотици во индустриското одгледување со построги контроли и закони. Консекветна забрана на масовната употреба на антибиотиците наредните години не може да се очекува.

Автор: Геро Ројтер / Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска