1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Opel GM

26 ноември 2009

Сите фабрики на „Опел“ во Германија ќе опстанат, но не и сите работни места, објави Ник Рајли, новиот шеф за Европа на концернот „ЏМ“. Отворен е само дел од картите, покерот околу „Опел“ ни оддалеку не е завршен.

https://p.dw.com/p/Kghs
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Партијата продолжува, со неа и ценкањето околу државната помош, со пари од даночните обврзници. Политичарите повторно не му одолеаја на искушението да се прикажаат како спасители - во сите покраини во кои деновиве се појави Рајли и во кои има фабрики на „Опел“, тамошните премиери играа загрижени „покраински татковци“. Не знаеме што му ветија на менаџерот на „Опел“, но не е тешко да се одгатне: пари, се разбира, пари во замена за работни места. Тоа донекаде и помогна - ќе опстанат сите четири фабрики, но со илјадници работни места помалку.

Поинаку не можеше ни да се очекува, и во основа е погрешно итно неопходното реструктуирање на автомобилската бранша да биде платено со пари од данокот. Патем, и „Магна“, претходно од политиката фаворизираниот партнер за „Опел“, планираше да укине исто толку работни места, колку сега „Џенерал моторс“. Откако „ЏМ“ се откажа од речиси готовото продавање на „Опел“ на „Магна“, Берлин реагираше со барање да биде вратен кредитот од една ипол милијарда евра, што го даде државата за еден преоден период. „ЏМ“ ги врати парите и во Берлин со гордост нагласуваат дека даночните обврзници не дале ни цент за спасување на „Опел“.

Тоа важи само до овој момент. Незамисливо е дека Американците сами ќе можат да го понесат товарот на реструктуирање на „Опел“; „ЏМ“ и натаму бележи загуба и ни оддалеку уште не ја надмина кризата. Некои прогнози предвидуваат дека допрва доаѓаат тешки времиња за автомобилската индустрија во светот.

На почетокот на неделава Европската комисија ги собра министрите за стопанство од Германија, Велика Британија, Белгија, Полска, Италија, Австрија и Унгарија - земји во кои има фабрики на „Опел“, со цел да спречи трка во субвенционирање. Примамливо е нудењето пари за да се спречи затворање на некоја фабрика. Но, кому би му помогнало тоа? Автомобилската бранша со години страда од предимензионирани капацитети, се произведуват премногу автомобили. Структурите мора да се прилагодат на потребите, иако е тоа болен процес. Ни пропаѓањето на славната европска текстилна бранша никој не можеше да го спречи со даночни пари. Денес за опстанок се борат и други бранши, кои со исто толкаво право можат да молат за државна помош. Но, тоа е погрешен пат. Социјалните системи за осигурување, се разбира, мора да бидат толку оптоварливи, за да можат да амортизираат некоја ваква структурна промена. Но, таа да биде спречена на пократок или на подолг рок - не е можно.

Автор на коментарот: Хенрик Беме

Превод: Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска