1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Операција: Превртени чорапи

11 мај 2017

Нетранспарентноста, тајновитоста и селективната информираност за процесите кои се одвиваат сѐ повеќе од доволни за здрав сомнеж дека под плашт на реформите всушност ни се подметнува некаква Операција на Пресвртени чорапи

https://p.dw.com/p/2cnCu
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Сред сите дебати за српски и македонски сценарија, чинам дека една друга споредбена аналогија од соседското минато поадекватно ја одразува тековната состојба кај нас. Со должна резерва кон нијансите (за кои треба да сме благодарни) Македонија во овој момент минува низ своја пост-Ѓинѓиќ шок терапија, но од помал интензитет и длабочина во споредба со она што се случуваше во Белград во март-април 2001 година. Што е пак своевиден логичен расплет по овдешниот 5-ти октомври кој се одвиваше во 2015г., како судир на општеството со заробената држава. Споредбената паралела помеѓу настаните во Србија и овдешните сегашни драмолетки опфаќа и редица други сличности, карактеристики и индикатори, делумно пофални, делумно неславни. Но за тоа во некоја друга прилика.

Една од побитните сличности со кои допрва ќе се соочиме се однесува на следните етапи на развојот на ситуацијата во кои – според искуството од Србија – следи систематски длабочинска деградација на институционализираните партии, отстапувајќи место на трендот на персонификација на претставништвото. Што е сепак дел од сеопштиот глобален тренд, во нашиот случај дополнително нагласен поради состојбата на (се надеваме, блага) анархичност како неминовен пост-авторитарен нус-продукт. Во кој сите оние кои во минатите десетина години чамеле во олекување на сопствениот миг, ќе дадат се од себе да истиот го одологовлечат и до максимум искористат. 

Сепак, и покрај сите сличности, секое семејство си е со свои различни среќи и главоболки. Колку и да е неблагодарно да сред популарниот занес за процутот на слободата, демократијата и новиот почеток даваме приземни предупредувања, околностите налагаат да укажеме на малите стапици кои се назираат на хоризонтот. Една од тие неодумици е секако односот кон одговорноста за политичките ставови и дела и реперкусиите по односите во општеството. 

Иако илустрации за тој диспаритет има повеќе од што треба, примерот со меѓу-етничките односи е најподатен за разјаснување. Зборот ми е секако за растечкиот тренд на незадоволство или мислење кај Албанците според кој Македонците се борат против сопствениот криминал во власта со помош и награда на албанските криминалци во истата влада. При што, според искуствата од минатото, заклучокот е дека Албанците повторно ќе го извлечат подебелиот крај како искористени, измамени и оставени на милост на сопствените криминалци, подржани од македонските им јатаци или "реформатори”. Се разбира, сумираниот пресек се однесува на односите во бермудскиот триаголник СДСМ-ДУИ-ВМРО и нивните заткулисни игри, потпомогнати – активно или готовански – од страна на помалите партии и странски емисари.

Превентивен пристап

Превентивниот пристап кон оваа опасна реторика подразбира дека на Албанците мора да им се разјасни дека македонските сограѓани не се тие кои ја диктираат или водат таа срамна трипартитна шарада ниту пак треба да бидат сомничени за таквиот однос. Туку, дека тоа е дело на конкретни партиски елити и интереси кои си имаа поединечно или групно име и презиме. Ниту пак Македонците треба, преференцијалниот вкус и мерак на нивните партии за соработка со албански лесно поткупливи и корумпирани политичари, да го префрлаат врз грб на сограѓаните Албанци. Македонското не смее да биде сведено на измаглица во која ќе се кријат конкретните одговорности и трули интереси на Никола и Сашо, Зоран и Радмила, ниту пак албанството смее да биде збег во кој ќе се кријат Али и Муса, Билал или Зијадин и нивните тесно-грди вратоломии во име на Албанците. Сулудо и наивно е да се очекува дека било кој од нив доброволно ќе се откаже од таа вкоренета, исчашена, нечесна и лукративна маша за замаглување на сопствената или партиската (не)одговорност. Замижувањето пред оваа прелесна и неказниво воспоставена пракса гарантирано и понатаму ќе ги дегенерира односите помеѓу заедниците, диктирани според формулата на лажно патриотство во опозиција и квази-граѓанство во власта. 

Процесот на ерозија на големите партии и паралелниот подем на персонификација на политиката преку авторитарни лидери дополнително ќе ја подвлече важноста на овој приод. Спречувајќи, судбината на меѓуетничките односи – добри или лоши – и понатаму да бидат ставени во залог и зависност од куклите во главата на Никола, Зоран, Али и нивните меѓу-партиски и лични ситни сметки и пресметки. Секако, ефектот на таа превентивна мерка на инсистирање на конкретна одговорност е најслесно видлива во меѓу-етничките односи. Но подеднакво употреблива во сите други димензии на политичко претставништво и институционална одговорност, транспарентност и отчетност пред јавноста, граѓаните и гласачите.

Реинкарнација на стариот дух!?

Состојбата во која се наоѓаме и настаните кои се одвиваат околу нас упатуваат на тоа дека не станува збор за сувопарни предупредувања и испразнети теоретизирања, туку за сосема реална опасност да завршиме повторно на некој нов почеток на веќе видена приказна или реинкарнација на стариот дух во некое ново тело. А причини за сомнеж дека се соочуваме со рециклирање на ист популизам под различни бои има повеќе отколку што сакаме да замислиме. Нетранспарентноста, тајновитоста и селективната информираност за процесите кои се одвиваат сѐ повеќе од доволни за здрав сомнеж дека под плашт на реформите всушност ни се подметнува некаква Операција на Пресвртени чорапи, во кои само симболите се менуваат, но аромата на трули нозе ни странски дезодоранси не ја корнат.

Во прилог на тој сомнеж одат и распространетите гласини дека во позадина на вревливите партии и замолкнатите медиуми веќе неколку недели се одвива нов "Пржински” процес со учество на ВМРО, СДСМ и (посебно!) ДУИ, а со посредништво на регионално присатен Амбасадор од една од скандинавските земји. Дресурата по конструктивност на која сме подложени со децении налага да таквата задкулисна, нова епизода на "пржинарење” ја поздравиме како придонес кон разумно и мудро разрешување на кризата. Како дипломатско-политичка досетливост за меѓупартиските тензии не се одразат врз мирот и спокојот на недолжното граѓанско стадо. Но некој сепак треба да ја преземе улогата на црна овца за да ја наруши таквата „идилично конструктивна нетранспарентност” преку барање отчет, одговор и објаснување за тоа кој, каде, како и - пред сѐ – за што се договара во тековните „мировни преговори”? Доколку преговорите се однесуваат на распределба на мандати помеѓу партиите, тогаш нека им служи на чест и сласт, посебно на опозицијата. Но доколку преговорите се однесуваат на поделба на парите стекнати преку криминал, од наш џеб и врз наш грб, тогаш попаметно е да се откажат нарачаните победнички торти. За да не им излезат низ нос.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема