1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата во Украина планира генерален штрајк

АТ/ ард/ дпа30 ноември 2013

Полицијата брутално ги растури демонстрациите на приврзаниците на западниот курс. Но, масовната акција како бумеранг може да ѝ се врати на владата во Киев. Тимошенко од затвор го повика народот на протести.

https://p.dw.com/p/1AR5L
Фотографија: REUTERS

Во борбата против претседателот Виктор Јанукович и неговиот про-руски курс опозицијата во Украина има намера да организира штрајк во целата земја. Претходно во текот на ноќта про-европските демонстрации на критичарите на владата беа насилно прекинати од страна на специјалните сили на украинската полиција.

Според еден организатор на протестите, силите за безбедност употребиле гумени палки и солзавец. Најмалку 35 луѓе биле уапсени, додека многумина биле повредени. Опозицијата ги обвини специјалните полициски сили дека употребиле прекумерна сила.

Комесарот за проширување и соседска политика на ЕУ Штефан Филе и американскиот амбасадор во Киев изразија загриженост поради постапките на специјалните полициски единици.

По полициското насилство од ноќта, министерот за внатрешни работи Витали Сахаршенко би морало да поднесе оставка, рече опозициониот политичар Арсени Јазенјук на прес-конференција во Киев, министерот би требало да излезе пред суд, смета тој. Освен тоа целата влада, вклучително и шефот на државата Јанукович би требало да поднесат оставки и да го ослободат патот за предвремени претседателски и парламентарни избори.

Ukraine Demonstration in Kiew 30.11.2013
Опозицијата обвинува за употреба на прекумерна сила на полицијатаФотографија: Reuters

„Ние донесовме одлука да формираме акциона група на националниот отпор и започнавме да подготвуваме штрајк во цела Украина“, рече Јазенјук. Овој опозиционен политичар најави уште денеска средби со сите ЕУ - амбасадори.

Опозициониот политичар и светски првак во бокс Витали Кличко пак, кој сака да се кандидира на претседателските избори во 2015. година ја повика ЕУ да воведе санкции против раководството на Јанукович.

Опозиционата политичарка Јулија Тимошенко, која е во затвор, повика на нови протести и мирна смена на власта. „Им се обраќам на сите Украинци со молба, да ѝ се спротистават на диктатурата и насилството на Јанукович“, се вели во јавно објавениот текст на поранешната украинска премиерка Тимошенко. „Ако ова бестијално насилство молчечкум го проголтаме, со наведнати глави и оставиме впечаток како ништо да не било, тогаш не сме достојни за слободата“, напиша Тимошенко, која веќе шест денови штрајкува со глад.

Demonstration für die EU-Annäherung der Ukraine in Kiew, Ukraine
Тимошенко го повика народот на улицаФотографија: Sergei Supinsky/AFP/Getty Images

Демонстрантите бараат приближување до ЕУ

Одбивањето на храна од страна на Тимошенко и повеќедневните протести во Украина се резултат на ненадејната одлука на владата во Киев, да го замрзне потпишувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ. На Самитот во Вилнус Јанукович ја одби понудата на ЕУ. Наместо тоа Украина се ориентира во правец на Исток.

Русија радо би сакала Украина да биде во нејзината царинска унија и за да го спречи договорот со Европа му се закани на соседот со намалување на дотокот на гас и зголемување на царините. Истовремено Москва на повидок стави милијарди, пари кои во моментов не може да ги понуди никој во Европа.