1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

240709 Allianz Prognose

24 јули 2009

Стопанскиот подем доаѓа побргу, отколку што многумина мислат, најавуваат економистите на „Алијанц“. Тие очекуваат германското стопанство во наредната година да постигне пораст од 2,7 проценти.

https://p.dw.com/p/Iwed
Фотографија: dpa

Во анализите на експертите на „Алијанц“, најголемиот осигурителен концерн на светот, едно сценарио предвидува долга фаза на рецесија, што може да биде предизвикана од повторно разгорување на кризата на банките, од претеран протекционизам или од меѓународни конфликти. Според второто сценарио, по силниот пад, ќе уследи исто така силен подем, предизвикан од можеби натамошни конјунктурни програми, од опоравување на финансиските пазари и повторно правење балони во одредени области.

Економистите очекуваат подобрување

Михаел Хајзе, главен економист на „Алијанц“ преферира средно сценарио: „Кога се сретнавме овде пред еден-два месеца, општо беше мислењето дека 2009 е повеќе или помалку отпишана. Во меѓувреме има неколку сосем позитивни податоци за конјунктурата. Вториот квартал веројатно ќе биде стабилен, а во втората половина од годинава очекуваме подобрување“.

Хајзе нагласува дека „подемот доаѓа побргу, отколку што многумина мислат“ и во наредната година очекува стапка на пораст од 2,7 проценти. Навистина, има уште многу фактори на несигурност, како сопирачка за порастот на среден рок можат да влијаат и јавните буџети, оти по широкоградите конјунктурни програми, мора да уследи консолидација на буџетите. Бројката на невработени, според Хајзе, нема да достигне пет милиони. Тој севкупно оценува дека се добри изгледите за умерен пораст.

Треба ли да се извлече поука?

Во извозно ориентираното германско стопанство некои гранки беа особено тешко погодени од падот на побарувачката во странство и кризата остави подлабоки траги, отколку во другите европски држави. Треба ли да се извлече поука од тоа? „Деловниот модел за ориентација кон извоз беше многу успешен и мора да го зачуваме. Треба само да го надополниме со стимулирање и поттикнување на домашната побарувачка, за да не правиме толку голема надворешно трговска нерамнотежа, како во минатите години. Итно се потребни нови инвестиции и поголема потрошувачка и кон тоа треба да бидат насочени многу мерки на економската политика“, вели Михаел Хајзе, главен економист во „Алијанц“.

Автор: Ролф Венкел / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска