Орбан влегува во „финална битка“

Говорот на Виктор Орбан за состојбата на нацијата, со кој унгарскиот премиер ги „наштима“ граѓаните пред европските избори во мај, беше огномет од ксенофобични тонови и изјави против ЕУ.

„Европа пред европските избори во мај повторно стигна до точка кога мораме да го браниме нашиот унгарски идентитет, нашето христијанско наследство“, рече Виктор Орбан во годишниот говор за состојбата на нацијата. Унгарскиот премиер претстојните европски избори ги нарече „финална битка“. Во однос на Европската унија оцени дека „нејзино средство е доселувањето“, кое значи „зголемување на криминалот, особено против жените“ и кое дозволува „влез на вирусот на тероризмот“. Партијата на Орбан, Фидес, е дел од пратеничката група на Европската народна партија (ЕНП) во Европскиот парламент.

Орбан изрази особена загриженост поради „менување на христијански земји“. Во доселеничките земји се создаваат „христијанско-муслимански светови“, во кои уделот на христијаните континуирано опаѓа, вели тој.

Како „унгарски одговор“ на намалувањето на населението во земјата премиерот најави план од седум точки. Првата мерка е секоја жена под 40 годишна возраст која стапува во брак првпат, да добие кредит во висина од 10 милиони форинти (околу 31.000 евра) на користење по свој избор. Враќањето на кредитот се одложува за три години при раѓањето на првото дете. По раѓањето на второто дете се простува една третина од кредитот, а по раѓањето на третото дете жената е сосема ослободена од враќање на кредитот. Освен тоа, бабите и дедовците кои се грижат за внуците би требало да добијат финансиска поддршка од државата.

Повеќе:

Моја Европа: Демократија против владеење на правото

Моја Европа: Две души во источноевропските гради

„Сакаме унгарски бебиња“

Освен тоа, Орбан најави и дека жените кои имаат четири и повеќе деца ќе бидат доживотно ослободени од плаќање данок, а семејствата со најмалку три деца би требало при купувањето нов автомобил со најмалку седум седишта да добиваат помош од државата во износ од 2,5 милиони форинти, односно околу 7.800 евра.

„Не сакаме само бројки, туку сакаме унгарски бебиња“, стави јасно до знаење Орбан.

Унгарија со 1,49 деца по жена има една од најниските стапки на раѓање меѓу земјите членки на ОЕЦД. Освен тоа, вкупниот број граѓани е намален и поради иселувањето на работоспособното население и сега изнесува под 10 милиони.

Мајк Помпео во Будимпешта ќе ја пренесе загриженоста на Вашингтон

Висококаратна посета од Вашингтон

Во Унгарија денеска доаѓа американскиот министер за надворешни работи Мајк Помпео, кој се среќава со унгарскиот колега Петер Сијарто. САД стравуваат поради тоа што Унгарија со својот деснонационалистички премиер засилено се врти кон Русија. Помпео, како што се најавува од Вашингтон, на Орбан би требало да му ги изнесе своите забелешки околу унгарската поддршка на руско-турскиот гасовод Турски тек. Трн в око за Вашингтон е и руското финансирање на унгарската атомска централа Пакс.