1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Органското земјоделство се’ попривлечно за македонските земјоделци

6 март 2011

Дополнителните 30% субвенции, како и се’ посигурниот извоз во странство преку сертифицирани извозни компании, придонесува за се’ поголем интерес за органско земјоделство од македонските земјоделци и сточари.

https://p.dw.com/p/10UCW
Фотографија: Fotolia/Olga Lyubkin

Стојан Спасиќ од велешкото село Иванковци е меѓу земјоделците кои веќе две години имаат сертификат за органско земјоделство во преод. Тој ни ја појаснува разликата меѓу конвенционалното и органско земјоделство „Разликата во органското производство е во тоа што не го прскаме, земјата не ја третираме, ѓубриво не фрламе, помали трошоци имаме. Во органското производство можеби приносот е помал, ама имаме и помали трошоци. Исто така вгариме, односно една година земјиштето што е за органско производство за пченица не го сееме. После правиме измена, ако била житарица садиме анасон или кромид, ги менуваме местата“.

Земјоделците задоволни од субвенциите за органско производство

Zwiebeln in Weimar
Фотографија: dpa

Спасиќ вели дека се задоволни од обичните, но и од дополнителните субвенции што лани им ги исплатила државата „За органско производство земавме 30% плус субвенции. Тие субвенции ни помогнаа за есенската сеидба, добро ни дојдоа, за набавка на гориво и ѓубриво. Државата многу добро ни исплати субвенции и задоволни сме“. Тој на своите 20 хектари земја земени под закуп од државата воглавно сади пченица, помалку анасон и хектар кромид. Регионот е еколошки чист и се’ поголем број земјоделци го следат неговиот пример.

Органското земјоделство во пораст

Земјоделците велат дека се задоволни од стручната и друга помош на терен, која им ја даваат од Регионалната Агенцијата за потикнување на развојот на земјоделството. Директорот Тони Тасков е задоволен од се’ поголемиот интерес на земјоделците во поширокиот велешки регион за органско земјоделство. „Со самото тоа што субвенциите за органско се зголемуваат и самите апликанти се заинтересирани да произведуваат органско производство. И од година во година се зголемуваат апликантите, на тој начин се зголемува производството“.

Flash-Galerie Themen der Grünen Landwirtschaft
Фотографија: Petra Reinartz/Fotolia

Од вкупно 600 индивидуални земјоделци во Македонија со сертификат за здрава храна во преод во велешко се дури 103. Најголем дел од нив се сточарите, следат производителите на житни и градинарски култури, а има и една винарија. Тасков ни појаснува зошто најголем дел од нив се токму сточари. „Тие преку арското ѓубре од овците што го фрлаат на нивните ниви каде што произведуваат јачмен и пченица, со тоа и го заокружуваат производствениот круг. Со тоа добиваат чиста храна, а која ја употребуваат за исхрана на овците. Тие што имаат сертификат за органска храна во преод во овчарството, најмногу им користи за извоз на органското јагне. Тоа е затоа што тоа има и повисока цена и повеќе се бара на странските пазари, пред се’ во Грција и Италија“.

Земјоделците производители на органска храна задоволни велат дека она што го произвеле за многу повисока цена од класичното прозводство, без проблем веднаш го продале на се’ побројните домашни компании за здрава храна. А воедно преку сертифицирани извозни компании нивните еколошки производи во најголем број завршиле на странските пазари, на кои се’ побарана е еколошки здрава храна од Македонија.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Александра Трајковска