1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осврт на спортските настани во 2004-та

23 декември 2004

Спортската 2004-та година пред се беше под знакот на Олимписките игри во Атина. Супер-ѕвездата на игрите се вика Мајкл Фелпс: американскиот пливач освои шест златни и два сребрени олимписки медала. САД беа најуспешната нација на игрите, пред претставниците на новата спортска велесила Кина. Германските претставници ретко беа присутни во позитивните наслови: со 14 златни медали, германскиот олимписки тим се на

https://p.dw.com/p/Aelh
Атина за време на олимпијадата
Атина за време на олимпијадатаФотографија: AP

јде на шестото место, што е остварување под очекувањата.

Германија радо се гледа себе си како врвна спортска нација. Но, цели светови лежат меѓу желбите и реалноста. На највисокото спортско ниво – олимпиското, на германскиот спорт јасно му беа ставени неговите рамки.

Тоа започна уште со елиминацијата на германскиот град Лајпциг уште во првиот круг на селектирање на кандидатите за организација на олимпијадата во 2012-та година од страна на ИОЦ - Меѓународниот олимписки комитет. Во преден план на фрлената аргументација дека едноставно градот од 500 илјади жители е премал во споредба со другите милионски метрополи, кои исто така конкурираа за организавија на олимпијадата, не држи пред фактот дека токму тој град понуди шанса за коректура на претераниот гигантизам на игрите. Но, ИОЦ воопшто ни не сакаше да одговори на тоа прашање. Лајпциг дури во оцената на безбедносната ситуација на сите 8 кандидати доби помалку поени од Москва, каде што непосредно пред тоа во терористички напади имаше повеќе човечки жртви. Тешко е да се сфати таквото оценување. Исто така е тешко да се усогласат изјавите на претседателот на ИОЦ Жак Рог и на Извршниот Комитет на ИОЦ, кој го донесе решението. Рог неколку денови пред донесувањето на решението, при посетата на Лајпциг го означи како “интелигентен” концептот за сместување на учесниците и гостите, а Извршниот комитет не му даде никаква шанса на градот, а можеше да се насети недоверба спрема Германија дека во наредните години ќе може да реализира добар систем на сместување со оптимални сообраќајни врски.

Но, треба и самокритички да се напомене: олимпискиот пораз од 18-ти мај е последица и на отсуството на готовност за ризик во Германија, во услови на економска криза и проблеми во општестевно-политичката ориентација да се зграпчи шансата за земјата што се укажа со олимписките игри. Притоа, олимпијадата од Минхен 1972-ра година можеше да биде фантатстичен пример. Но, внатрешните германски иритации влијаеја врз оцената против Лајпциг на одговорните од ИОЦ.

Загубата на политичката супстанца на Германија во светскиот спорт продолжи и во Атина. Според турнусот, на Роланд Баар му помина мандатот како член на ИОЦ. Се сметаше за сигурно дека тој ќе биде заменет од некогашниот натпреварувач во трки со пречки Флоријан Швартхоф, но тој беше елиминиран во последниот круг од изборот. Исто така според турнусот функцијата за најмалку две години ја напушти и потпретседателот на ИОЦ Томас Бах, па во наредниот период германскиот спорт ќе тежи значително помалку во светскиот спорт.

Конечно, и на самите олимписки спортски борилишта испадна голем расчекорот меѓу очекувањата пред и билансот по игрите. Целта на германскиот олимписки тим беше можеби трето, а најмногу петто место во рангирањето на нациите; на крајот мораше да се задоволи со шесто место. Но, не е само пласманот, туку штоф за дискусија даде и кругот на спортови во кои беа освоени медали. Најголем дел од успесите Германците, имено, остварија во таканаречените маргинални спортски гранки – со што сепак не треба да се стави под прашање спортската вредност и признанието на тие медали. Но, ако една наводна голема спортска нација игра само подредена улога во кралските олимписки дисциплини како атлетика, пливање или бокс, тогаш тоа отвора прашања. На пример, дали Германците го загубија нивниот некогаш многу фален борбен дух, желба за успех и способност да се пробијат.

Меѓу малкуте светли точки на олимпијадата беше кајакарката Биргит Фишер, која на 42-годишна возраст довесла до својот осми златен олимписки медал.

“Не можам уште да сфатам и сум суперсреќна” – рече Фишер во Атина по победата во дисциплината кајак-четирисед. Биргит Фишер на крајот од годината беше избрана за најдобра спортистка на Германија за 2004-та, а нешто пред тоа во една анкета и за втор најголем спортист на векот во Германија, зад седумкратниот светски првак во автомобилизам формула еден Михаел Шумахер. Биргит Фишер до подвигот дојде по претходно речиси трииполгодишен прекин со спортување. Сега веќе се поставува прашањето дали е за неа достижна и олимпијадата во Пекинг по 4 години?

“Во спортот возраста не игра улога – едноставно, најдобриот победува!” – вели таа.

Среќни во Атина беа и германските репрезентативки во хокеј на трева, кои остварија сензација со освојувањето на златниот медал со победата во финалето над фаворизираната Холандија, иако во еден момент беше доведен под прашање воопшто нивниот пласман по натпреварите по групи. Хокеарките на крајот на годината примија уште едно признание – беа избрани за најдобра германска екипа во 2004-та година, пред машката ракометна селекција која беше втора на олимпијадата и победник на европското првенство.

Разочарувања во Атина имаше многу. Пливачката Франциска ван Алмзик, на пример, не успеа да ја круниса кариерата со златен олимписки медал во својата дисциплина 200 метри слободно.

“Си ја барам вистинската форма, но не можев сега да ја надам во еден единствен ден. Ова беше мое последно финале на 200 метѕри слободно” – разочарано констатира ван Алмзик.

Германските тенисери Рајнер Шитлер и Николас Кифер го загубија финалето во ирги на машки двојки, иако беа на дофат до златото и имаа повеќе нереализирани меч-топки.

“Се разбира дека е прекрасно да е има сребрен медал. Но, колку често ќе ми се укаже можност? Ова е брутално, никогаш не можев ни да помислам на ова.Едноставно е несфатливо” – низ солзи зборуваше Кифер.

Посниот олимписки биланс имаше и своја добра страна – тој ја предизвика повеќе од потребната дискусија за тоа дали се во духот на времето германските организациони структури во спортот. Во меѓувреме е постигната согласност: во наредните две години ќе се претопат во единствена организација сегашниот германски Сојуз на спортови, кој со своите 27 милиони членови е надлежен како за врвниот, иато така и за масовниот спорт, и Националниот олимписки комитет, досега исклучиво надлежен за составување на олимписките експедиции и за негување на духот на олимпизмот. Со тоа треба да се елиминираат пропустите на организационен план, да се заштедат пари, кои би требало да бидат во полза на поддршката на спортистите. Во оваа насока притисок изврши и германската сојузна влада. Таа широкоградо се вклучи во олимписката кандидатура на Лајпциг, широкоградо ги поддржува подготовките за светското фудбалско првеснтво во 2006-та, и практично не ја засегна поддршката за врвниот спорт во рамките на делумно драстичните кратења во сите општествени области со оглед на економската криза и значително намалените даночни приходи. Но, предуслов беше германскиот спорт да се реорганизира со надеж дека тоа ќе води кон подобар биланс на остварувањата на идните олимписки игри.

Уште збор-два за олимпијадата во Атина: игрите беа засенети од преку 20 откриени случаи на допинг. Тројца олимписки победници подоцна мораа да ги вратат златните медали. Најголемо вчудовидување предизвика обидот за измама токму од страна на врвните грчки асови Костас Кентерис и Екатерини Тану, како и откритието дека нивниот тренер се наоѓа во средиштето на широко распространета допинг-мрежа. Меѓународниот олимписки комитет се обиде да го минимизира значењето на откриените допинг-случаи со тврдењето дека тоа покажува колку ефикасни била контролите и оти процентуално таа бројка не отскокнува од просекот на допингувани во спортот. Но, факт е дека откривањето на едно се‘ погигантско допинг-мочуриште повеќе од кога и да е порано ја става под прашање веродостојноста на спортот воопшто и посебно на возвишените олимписки вредности.

И Германците беа погодени, а одземањето на дури три златни медали остава горчлив вкус. Маста применета за третман на површината од кожата од коњот на Лудгер Беербаум содржела недозволена супстанца. Експертите сметаат дека таа не дејствува за подигнување на способностите, но сепак според строгите правила мораше да биде вратен златниот медал во коњички скокови во екипна конкуренција. Уште полошо е во случајот на Бетина Хој во повеќебојот. Во решавачкиот настап во скокови таа направи мала грешка на стартот, која жирито во прв момент воопшто ни не ја забележа, а на неа самата воопшто не и донесе некаква предност. Но, конкурентите пронајдоа некаква формална закачка во параграфите и Хој мораше да ги врати златните медали како во поединечна, исто така и во екипна конкуренција. Кај ова решение беше погазен духот на спортот.

Спроти олипмијадата на домаќинот на игрите се гледаше со голема недоверба. Многумина критичари едноставно не веруваа дека Грците ќе можат да организираат беспрекорни игри. По игрите критичарите замолчеа. Стадионите одговараа и највисоки барања, изостана сообраќајниот хаос од кој се стравуваше, организацијата помина без проблеми. Но, атмосферата не беше соодветна, изостана една голема еуфорија. Во земјата во која е родена олимписката идеја недостасуваше воодушевување на луѓето за игрите. Застрашувачки празни беа трибините на многу борилишта. Можеби причина беше дека домаќините ги потрошија емоциите еден ипол месец пред тоа на европското фудбалско првенство. Грчката репрезентација на првенството во Португалија ја освои титулата по сензационалниот победнички поход со победи меѓу другото и против Франција, Чешка а потоа во финалето и против домаќинот. Многу фалби доби тренерот, Германецот Ото Рехагел.

“На играчите им ја отворив мојата ризница од животното искуство и им реков: ако се обидат од неа да прифатат нешто од сознанијата што ги добив во мојот живот, тогаш можеби и ќе одат работите” – зборуваше Ото Рехагел по триумфот на Грција и негов личен. Германија беше елиминирана уште во натпреварите по групи. Шефот на стручниот штаб Руди Фелер извлече консеквенции:

“Ќе се повлечам од мојата должност”.

Како негов наследник тренерската функција ја презеде Јирген Клинсман и почна со подмладување на екипата и формирање нов тим за всетското првенство на домашен терен во 2006-та. На клупско ниво, пак, годината му донесе двоен успех во првенството и во купот на Вердер Бремен, предводен од тренерот Томас Шааф.

“Беше навистина воодушевувачки и му искажувам на секој играч, сеедно кој број го носи, голема пофалба и комплимент”.

На велосипедската трка Тур д‘Франс изостана очекуваниот голем двобој меѓу Ленс Армстронг и Јан Улрих. Американецот е прв професионален велосипедист кој шест пати победи на најпознатата и тоа последовно!

“Ова е најголема велосипедска трка во светот и не можам да си замислам да не учествувам на неа” – рече победникот најавувајќи дека и наредната година ќе биде меѓу учесниците. Изненадувачки второпласиран на трката беше Андреас Кледен.

“Од минута во минута го сфакав тоа. Се разбира дека ми беше тешко. Јан Улрих постави многу високи критериуми, беше еднаш победник, пет пати втор. Но, за мене е ова многу голем успех и јас сум многу горд”.

Улрих заврши на четвртото место, а остана со празни раце и на олимпијадата:

"Кога си кандидат за медали и нема да освоиш ниедна, во Германија веднаш ќе те растргнат. Жално е каков е овде односот спрема таканаречените ѕвезди. Но, мене тоа не ме погодува” – се бранеше Улрих по олимпијадата.

Од секакви критики беше поштеден Михаил Шумахер. Тој останува неспорен крал во формула еден. Веќе по 14-тата од вкупно 18 трки ја обезбеди седмата титула светски првак, пњетта последовно. Тој ни не помислува на пензија:

“Всушност не гледам воопшто никаква причинада се зборува за откажување. Јас не разбирам зошто толку многу се зборува за тоа, зашто всушност постојано се обидувам да нагласам дека досега се‘ уште не ми поминало задоволството”.