1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Прилагодена“ историја за основците

ДТЗ /ДВ
16 декември 2020

Лавина реакции предизвика новиот концепт за основното образование. Надлежните промените ги поврзуваат со моделот во Финска, јавноста, пак, со притисокот од Бугарија. 

https://p.dw.com/p/3morA
Symbolbild Schülerin & Hausaufgaben
Фотографија: Imago/PhotoAlto

Новиот концепт којшто го презентираше денеска министерката за образование Мила Царовска предвидува спојување на неколку предмети. Па така, идејата е историја да се изучува како дел од општествените науки. Ваквиот концепт предизвика лавина реакции во јавноста. Предметот историја којшто се изучува во основното образоание во Северна Македонија заминува во историјата, обвинуваат критичарите поврзувајќи ги промените со спорот со Бугарија. Додека надлежните ваквиот концепт го споредуваат со моделот којшто го применила Финска, дел од јавноста, професорите, студентите и опозицијата го оценија како „бришење“ на историјата под притисок на Бугарија. Царовска, пак тврди, дека промените се во согласност со развиените земји и дека не се последица на бугарско-македонскиот спор.

-повеќе на темата: Историчарите со порака: Науката нема да се прилагодува за потребите на политиката

 „Исто, предметот по биологија и предметот по хемија се интегрираат во исто време кога се отвора дискусијата со бугарската страна. Прави некаква разлика? Во исто време и предметите биологија и хемија ќе се интегрираат. Зборуваме за интеграција на природни и општествени науки, што се случува секаде во развиените земји во светот. Идејата е да создадеме младина, иднина која што ќе може да ја движи државата кон економски и социјален развој. Критична точка е дека нашите деца учат многу предмети, но само фактографски, без да се поврзат“, рече Царовска.

Normazedonien | Mila Carovska | Bildungsministerin
Идејата е да создадеме младина, иднина која што ќе може да ја движи државата кон економски и социјален развојФотографија: Gov. of the Rep. of North Macedonia

Реакции на академската фела

Најавата за спојување на предметот историја со географија, а биологија со физика и хемија е дел од новата концепција за основно образование којашто отвори низа дилеми во јавноста. Нејасно е од кога ќе почне да се имплементира овој наставен план. Од МОН велат дека за ваквиот концепт наскоро ќе има јавна презентација.
На ваквите измени на наставниот план, реагираше академската фела, кои се побунија  дека несфатливо е интегрирање на повеќе науки во еден предмет. 
Професорот по историја на Филозофски факултет, Александар Атанасовски на Фејсбук напиша дека ова се прави во духот да и се угоди на Бугарија, а истото ќе значи и крај за Македонија и Македонците. Според професорите, Институтот за историја, каде што се образуваат идните наставници и професори, не бил консултиран за планот на Владата. 

-повеќе на темата: Детрез: Нема ништо спорно во тоа бугарската окупација на Македонија да се нарекува фашистичка

Професорката Симона Груевска – Маџоска од Институтот за македонски јазик на Фејсбук во реакција на Фејсбук порача дека е скандалозна реформата на основното образование. „Комплетно згрешена концепција и експериментирање со учениците! Укинат предметот историја и ставен во групен предмет Општествени науки! Е па „браво”!“, вели професорката. 

- повеќе на темата: Ѓоргиев за ДВ: Има простор за подобрување и во македонските и во бугарските учебници

„Таканаречената нова концепција за основно образование е сè само не концепт за образование. Според презентираното, ниту е „постигнат концепт“ ниту, пак, е тоа во некаква близина до финскиот модел. Ова е тешка импровизација во која најмалку се водело сметка за образованието и неговата содржина“, критикуваат од ВМРО-ДПМНЕ за најавениот нов концепт за основно образование. Нивната реакција главно се однесува на тоа зошто предметот историја да се интегрира во општествени науки кога се оспорува идентитетот, јазикот и историјата на Македонија.

Weltalphabetisierungstag 2015
Зошто учениците во новата концепција да немаат барем една година национална историја како што има во други земјиФотографија: picture-alliance/dpa/M. Hitij

„Зошто учениците во новата концепција не би имале барем една година национална историја како што има во други земји? И во финската програма постои историја како водечки предмет со социјални студии од 3-то до 9-то одделение. Оттука, по чиј налог и програма е избришана историјата како предмет?“, реагираат од опозицијата.

„Прилагодена“ историја

Бирото за развој на образованието тврди дека учениците ќе учат историја, но на начин прилагоден на нивната возраст. „Нема да дозволиме нашите ученици да не се стекнат со знаења од историја, географија или содржини од друга научна дисциплина, но тоа ќе биде на начин што ќе биде прилагоден на нивната возраст, начин кој ги руши строгите граници меѓу дисциплините и начин кој го претставува светот, процесите и појавите во неговата поврзаност и единство“, велат тие. 

-повеќе на темата: Македонските ученици добија „единица“ по природни науки“ и „двојка“ по математика

Промените кои се планираат во однос на наставните предмети, ќе започнат од идната година и ќе се воведат во прво и во шесто одделение. При изработката на наставните програми се најавува дека ќе бидат вклучени универзитетски професори и наставници од соодветните области.
Ваквите новитети доаѓаат откако беа објавени резултатите според кои македонските ученици се ниско рангирани на меѓународни натпревари и студии, на кои било тестирано нивното знаење во однос на децата од регионот и пошироко.