1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осомничените руски шпиони пред суд во Штутгарт

Михаил Бушујев / Елизабета М. Фиданоска15 јануари 2013

Пред судот во Штутгарт денеска (15.01) почна еден од најспектакуларните процеси за шпионажа од крајот на Студената војна. Брачен пар наводно со децении ги шпионирал НАТО и ЕУ по налог на Русија.

https://p.dw.com/p/17KMa
Фотографија: picture-alliance/dpa

Случајот наликува на класичен шпионски трилер. Во него има тајни сандачиња за пренесување пораки, радио-врски на агенти, тајни пораки на интернет. Еден брачен пар наводно повеќе од 20 години шпионирал во полза на Советскиот сојуз, а потоа и за руската тајна служба СВР. Андреас Аншлаг (54) и неговата сопруга Хајдрун (48) од денеска одговараат пред судот во Штутгарт. Обвинителството ги товари за „шпионска дејност“ и „фалсификување документи“.

Постојат сомневања дека обвинетите и навистина така се викаат. Нивниот адвокат Хорст-Дитер Печке во секој случај за ДВ не оспорува дека е тоа можеби нивно лажно име. Околу обвинувањата за сторените дела, се изјаснува само индиректно. Но подвлекува дека можната казна до десет години затвор е претерано висока.

Печке се разбира во вакви случаи. Во 1970-тите и 1980-тите тој застапуваше шпиони на советската тајна служба КГБ или на источногерманската тајна служба Штази. Еден од неговите најпознати клиенти беше Гинтер Гијом, референт на поранешниот германски канцелар Вили Брант и шпион на Германската Демократска Република (ДДР). Откако Гијом беше откриен во 1974 година, Брант поднесе оставка.

Неупадливо живеење

Приказната на осомничениот шпионски брачен пар почнала уште додека постоеше Советскиот сојуз и Студената војна беше реалност. Според обвинението, мажот во 1988 и жената во 1990 година со фалсификувани австриски пасоши влегле во Сојузна Република Германија. Двајцата се наводно родени во Јужна Америка, а прво живееле во Ахен, каде мажот студирал машинство.

По раѓањето на ќерката камуфлажата станала совршена. Парот водел неупадлив живот и се преселил во Мекенхајм кај Бон. Соседите ги опишуваат како пријателски настроени, но дистанцирани. „Имаа малку контакти со останатите. Сопругот никогаш не сум го видела, иако живееја во близина“, вели една сосетка.

НАТО-документи за Москва

На брачниот пар му успеало да врбува еден холандски дипломат како информатор, тврди обвинителството. Тој им доставил десетици тајни документи за НАТО и ЕУ. Во нив наводно станувало збор за односите со Русија.

Prozessauftakt in Stuttgart Spionagepaar vor Gericht
Пред судот ќе молчат, најави адвокатот на обвинетитеФотографија: picture-alliance/dpa

Документите, според обвинителството, биле проследувани до централата на СВР во Москва преку т.н. „мртви поштенски сандачиња“, значи тајни сандачиња. Налозите за дејствување шпионите ги добивале преку радио-врска, а тие своите пораки ги испраќале преку сателит и интернет-видео платформа.

Магазинот „Шпигел“ пишува дека при апсењето, во октомври 2011 година, жената седела пред приемник на кратки бранови и снимала тајни пораки. Во тој момент парот живеел во куќа во Михелбах, мала општина во покраината Хесен. Мажот е уапсен истиот ден во Балинген. Припадници на Германската криминалистичка служба со денови, со помош на специјални апарати, ја пребаруваа куќата и дворот на осомничениот шпионски пар. „Одеднаш пред нашите прозорци се одигруваше шпионски трилер. Беше како кино-филм“, се сеќава една сосетка.

Размена по пресудата?

Reportage Mikhail Bushuev
Куќата во Михелбах, каде што живеел брачниот пар „Аншлаг“Фотографија: DW/M.Bushuev

Како осомничените руски шиони можеле со децении да живеат во Германија, без да бидат откриени? Соседите во Михелбах велат дека го препознале источноевропскиот акцент. Но, не соседите, туку како што тврдат некои медиуми, американските тајни служби биле тие што ги навеле германските истражни органи на трагата на брачниот пар. На барањето на ДВ за коментар, нема одговор ниту од руската амбасада во Берлин ниту од тајната служба СВР во Москва.

Пред извесно време наводно германската влада се обидела да ги размени двајцата шпиони. Требало наводно да се разменат за агенти кои работеле за тајна служба која соработува со Германија. Но до дил не дошло. Во меѓувреме се шпекулира дека парот сепак ќе биде разменет. „Мојот клиент не губи надеж дека ваква размена е можна по пресудата“, изјави адвокатот Печке за весникот „Ди Велт“.