1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остануваат разликите меѓу Москва и ЕУ околу Косово

Хорст Клојзер / Зоран Јордановски5 февруари 2007

“Тројката на ЕУ” ја посети Москва, разговараше за косовското прашање и на крајот само се потврди разликата во ставовите

https://p.dw.com/p/AbzW
Штајнмаер, Лавров и Солана
Штајнмаер, Лавров и СоланаФотографија: AP

Што си кажале меѓу себе не е познато, но за јавноста јасни искажувања избегнаа и членовите на Европската тројка (актуелниот претседавач со Советот на Унијата, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер, идниот претседавач, португалскиот министер Луиш Амадо, и претставникот на Унијата за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана), како и нивниот домаќин, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

“Планот на Ахтисари не е подготвен за Русија, туку за Белград и Приштина. Пред се’ од нив зависи дали тој план има иднина. Како што договоривме во контакт-групата, мора врз основа на тие предлози брзо да се изнајде решение прифатливо за сите страни” – рече Лавров. Практично, всушност го потврди она што и досега се слушаше од Москва: дека решението во врска со идниот статус на досегашната српска покраина Косово мора да биде прифатливо за обете страни. Србија, како што е познато, веќе го отфрли предлогот на на специјалниот пратеник на ОН за решавање на статусот на Косово Марти Ахтисари за ограничен, меѓународно надгледуван суверенитет на Косово.

Лавров го премолче она, што всушност е една од главните пречки: дека Кремљ гледа поврзаност меѓу идниот статус на Косово, со статусот на грузиските провинции Абхазија и Јужна Осетија кои исто така се стремат кон отцепување. ЕУ страхува Косово да не биде преседан кој би водел и кон идни такви решенија, Москва токму кон тоа и се стреми. ЕУ, според зборовите на Штајнмаер, очекува да бидат извршени консултации со Белград и Приштина во врска со предлозите на Ахтисари, зад кои Унијата сплотено стои. В среда Штајнмаер со делегација на ЕУ ќе го посети Белград.

Инаку, на разговорите во Москва е искажана обострана желба за што е можно поскорешен почеток на преговори за нов договор за партнерство и соработка меѓу ЕУ и Русија. “Се надевам дека наскоро ќе бидат отстранети пречките што во моментов му се препречуваат на почетокот на преговорите. Разговаравме и за тоа како можат тие пречки најбргу да бидат отстранети” – рече Штајнмаер во Москва.