1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Остануваме на улица!“

7 февруари 2011

Незадоволни од исходот на првите разговори со владата, противниците на претседателот Хосни Мубарак 14-ти ден по ред ги продолжуваат демонстрациите на плоштадот Тахрир во центарот на Каиро.

https://p.dw.com/p/10CP6
Демонстрантите кампуваат на плоштадот на Ослободувањето во КаироФотографија: AP

Во главниот град Каиро, во Александрија и во другите поголеми градови во Египет и денеска продолжуваат демонстрациите, на кои противниците на режимот на шефот на државата Хосни Мубарак бараат негова итна оставка. 14-тиот ден од протестите минува мирно, а демонстрантите порачуваат дека нема да заминат од таму се‘ додека Мубарак не си замине. Многумина млади луѓе на плоштадот Тахрир за светските агенции изјавија дека не се задоволни од исходот на вчерашните први разговори меѓу претставниците на власта и на опозицијата.

Ägypten Proteste Treffen Regierung Opposition
Заменик-претседателот Омар Сулејман (во средината) ги води преговорите со опозицијатаФотографија: AP

На разговорите со вице-претседателот Омар Сулејман било договорено формирање Комитет кој до почетокот на март ќе подготви предлози за реформа на уставот. Освен тоа, Сулејман ветил поголема слобода на печатот и укинување на вонредната состојба кога тоа приликите ќе го дозволат. Но, за опозицијата тоа е премалку:

„Немаше согласност за повеќето од нашите барања. Имаше одговори за некои прашања кои, меѓутоа, се фокусирани на површното, а не на суштинското. Но, ние остануваме на позицијата: сакаме почитување на правата и исполнување на барањата на луѓето“, изјави Мохамад Мурси, портпарол на Муслиманското братство, веројатно најдобро организираната опозициска групација во Египет.

Потрага по „елегантно“ решение за Мубарак

Во меѓународната дипломатија, пак, се разгледува можноста како на египетскиот претседател Хосни Мубарак да му се овозможи достоинствено заминување од власта. Се шпекулира, меѓу другото, дека тој може привремено да добие егзил во Германија, зашто секогаш кога имал здравствени проблеми, египетскиот претседател Хосни Мубарак најрадо доаѓаше во германскиот универзитетски град Хајделберг. Подолг престој во Германија би бил варијанта како Мубарак да ја предаде власта без да го загуби образот, известуваат некои медиуми. Владата во Берлин, меѓутоа, денеска во обидот да ги сузбие ваквите шпекулации соопшти дека не добила никакво барање за посета на претседателот Мубарак со цел комплетен медицински преглед:

Deutschland Heidelberg Universitätsklinik Mubarak
Мубарак за време на претходниот престој на Универзитетската клиника во ХајделбергФотографија: picture-alliance/dpa

„Нема такво барање ни официјално, ниту неофицијално. Затоа нема причина да се зборува хипотетички за тоа прашање“, изјави портпаролот на владата Штефен Зајферт.

Автор: СН/ЕМФ/дпа/ртр/дв

Редактор: Горан Чутаноски