1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остри реакции на најавите на Шарон за расформирање на еверејските населби во појасот Газа

3 февруари 2004
https://p.dw.com/p/AcQH
Израелската влада има намера на лето да почне со еднострано одвојување од Палестинските автономни подрачја, доколку до тогаш нема никаков напредок во мировните преговори. Израелскиот вице-премиер Ехуд Олмерт за израелското радио денеска уште најави: "промената од фаза на исчекување на преговори, во кои повеќе не верувам, во фаза на примена на еднострани чекори, се очекува за јуни или јули". Олмерт во истата прилика ја отфрли критиката од дел од израелските политичари на најавата на премиерот Ариел Шарон дека се подготвува раселување на 17 од вкупно 19 еврејски населби во појасот Газа. Таму во моментов живеат околу 7.500 еврејски доселеници под тешка воена заштита. Израелските доселеници му се заканија на премиерот Ариел Шарон со огорчена битка, доколку навистина се обиде да ги спроведе најавените мерки за расформирање на еврејските населби во појасот Газа. Регионалниот совет на доселениците најави дека дури ќе се бори со сите легитимни средства за сменување на Шарон од премиерската функција. Истовремено членовите на Советот побараа премиерот да ги повлече "несреќните формулации" и да се врати на поранешните позиции за да не го одведе Израел во нова катастрофа. Ваквите реакции од доселеничкото лоби само ја потврдуваат тезата на повеќето познавачи на приликите дека Шарон овој пат е сериозен кога зборува за болните откажувања. На зборовите навистина ќе им уследат дела, оценуваат експертите. Тоа ги иритира дури и најблиските политичари од неговото опкружување: "Еднострани чекори не можат да го разрешат конфликтот, тие можат само да придонесат за негово продлабочување" - изјави шефот на дипломатијата Силван Шалом, дистанцирајќи се со тоа од најавите на премиерот дека ќе спроведе еднострано разделување од Палестинските територии. И двата помали коалициони партнери на Шарон од десните конзервативни партии се вознемирени: "Тоа кај нас го придвижува прашањето, дали воопшто треба да ја продолжиме коалицијата" - изјави Зевулун Орлев, министер за социјални прашања од редовите на национал-религиозната партија, кој инаку важи како гласноговорник на доселениците. И заменик министерот за образование Зви Хендел од Националната Унија побара оставка на Шарон, нагласувајќи дека премиерот со овие чекори сака само да ги потисне во втор план обвинувањата за корупција. Од редовите на опозицијата никој не верува во сериозноста на најавите на Шарон: "Ваквите зборови воопшто не ни оставаат некој впечаток. Додека не видиме дека нешто од сето тоа се спроведува, тоа се се' празни зборови" - рече шефот на Лабуристичката партија на Израел и добитник на Нобеловата награда за мир, Шимон Перес. Слична е и реакцијата на другиот Нобеловец од спротивниот табор, претседателот на Палестинците, Јасер Арафат: "Тој можеби ќе отстрани 17 кампинг приколки за потоа да донесе 170 нови" - со нескриено подбивање нагласува Арафат.