1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

010409 steuerparadies jersey

2 април 2009

Светските лидери бараат построги правила за контрола на даночните оази. Како функционираат тие може да се види од примерот на британскиот остров Џерси, во каналот Ламанш.

https://p.dw.com/p/HONM
Во даночните оази се плаќа помал данок на приходФотографија: Bilderbox

Веќе 50 години британскиот остров Џерси, во каналот Ламанш, поради ниските даноци е „рај за богатите“. Гери Вип пред неколку години ја продаде својата компанија за телекомуникации во Англија и се пресели во Џерси. Вели дека му се допаѓа животот на островот. Му годи свежиот морски воздух, а децата му учат во добри училишта. Но, најважно е нешто друго: „Секако дека ниските даноци имаат улога во изборот на местото на живеење. Тука штедам околу 20% на даноци во споредба со Англија.“

Даночниот систем во Џерси е како создаден за мултимилионерите. Оној којшто заработува по десет милиони евра годишно, ефективно плаќа под 5% данок на приход, додека жителите на островот, коишто заработуваат просечно, плаќаат по 20% данок на заработувачка.

Џерси е вистинска оаза и за банките и за фондовите - повторно поради ниските даноци, но и поради заштитата на доверливите информации. Џон Хејз од организацијата „Атак“ исто така живее на островот и со години се бори против неправедниот даночен систем и лакомоста на банките:

„ Нашата активност не можеме да ја ограничиме само на Џерси. Затајувањето данок е глобален проблем. Инфраструктурата на сиромашните земји, како што се Нигерија, Кенија или Гана се уништува кога парите на владите од тие земји завршуваат овде.“

Symbolbild Steuerparadies Steuerflüchtling Steuerflucht

Џерси може да се најде на црна листа?

Над 500 милијарди евра во моментов се „скриени“ на островот - нешто во готовина, нешто во фондови. Поради тоа што расте притисокот врз даночните оази, Џерси во последниве години со 12 земји склучи договор за размена на информации. Во банкарскиот сојуз на островот се збунети поради можноста Џерси на самитот на Г20 да биде ставен на првата црна листа на даночни оази.

„Тоа е неправедно. Доколку навистина дојде до изготвување на црна листа на места, кои повеќе не смеат да бидат дел од легитимниот меѓународен финансиски пазар, тоа би било многу лошо за Џерси“, вели Џеф Кук од сојузот на банки на Џерси.

Островот меѓу другото се обидува да му се претстави на светот дека работи транспарентно. Но, останува неизвесно дали ќе добие помош од матицата - британскиот парламент. Според експертите, само британското министерство за финансии годишно губи околу 20 милијарди фунти поради места како што е Џерси.

Автор: Уте Валтер / Невена Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска