1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осуда на нападите во Ирак: бесмислено насилство

20 август 2009

Во серијата напади што вчера (20.08.2009) го погодија Багдад, според најновите податоци загинале најмалку 95 луѓе, а повредени се 563. Светот жестоко ги осуди нападите.

https://p.dw.com/p/JEWb
Фотографија: ap

За само еден час, во различни делови на главниот град на Ирак беа детонирани автомобили бомби, експлозивни направи и гранати. Во цел Кабул беа избројани најмалку седум експлозии. Очигледно цел на координираните напади биле владини објекти. Советот за безбедност на ОН му даде уверување на ирачкиот народ и на владата во Багдад дека ќе им пружи поддршка во напорите за доволна безбедност во земјата. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун ги осуди „страшните“ напади и рече дека е разочаран од тоа што насилството во Ирак продолжува:

„Жал ми е што насилството продолжува, вклучувајќки ја и застрашувачката серија напади во Багдад денеска, кои однесоа животи на голем број невини луѓе“, рече Бан во Њујорк на одбележувањето на првиот Светски ден на хуманитарната помош.

anschlag finanzministerium irak
Една од експлозиите во близина на Министерството за финансии во БагдадФотографија: ap

Американските планови не се менуваат

Белата куќа ја осуди серијата напади, нарекувајќи ја „бесмислено насилство“ на екстремистите. Сепак, нападите не менуваат ништо во ставот на САД дека ирачките безбедносни сили се доволни за да се грижат за безбедноста во земјата. Портпарол на Пентагон потврди дека американската армија се држи до своите планови за повлекување на трупите од Ирак. Американските сили би требало да ја напуштат таа земја до крајот на 2011 година.

ЕУ, исто така, изрази најостра осуда на серијата напади, а германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер рече дека „само дијалогот и помирувањето можат да доведат до подобрување на ситуацијата и да овозможат мирна иднина за сите луѓе во Ирак“.

Вчерашните напади се најтешкиот безбедносен фијаско од почетокот на повлекувањето на Американците. Ирачките безбедносни сили признаа дека носат соодговорност поради тоа што не успеале да ги спречат нападите. Десетмина функционери за безбедност ноќеска беа уапсени поради симневање дека биле прекршени безбедносните правила, соопшти канцеларијата на шефот за безбедност во Багдад.

Автор: ЕМФ/ ТТ/ дв

Редактор: Жана Ацеска