Осум фотографии кои го шокираа светот
Исто како што фотографијата на мртвото дете стана симбол за страдањата на бегалците, осум други фотографии од светската историја станаа симболи за одредени периоди и настани.
Напалм-девојчето
Преплашени деца бегаат по нападот со напалм врз нивното село во јужен Виетнам. Голата деветгодишна Фан Ти Ким Пук преживеа откако се ослободи од алиштата кои гореа. Таа е сѐ уште жива и живее во Канада. Фотографијата имаше големо влијание врз јавното мислење кон Виетнамската војна. Фоторепортерот, Ник Ут, ја доби Пулицеровата награда за неа во 1973 година.
Правливата госпоѓа
Прекриена со прашина, оваа жена се обидуваше да избега од Светскиот трговски центар во Њујорк веднаш откако авионот удри во првата кула на 11 септември 2001 година. Марси Бордерс, која стана позната како „правливата госпоѓа“ почина на 26 август годинава, на 42-годишна возраст. Страдаше од стомачен рак, што беше последица на трагедијата.
Човекот кој го запре тенкот
На 5 јуни 1989 година, овој човек ја сопре колоната тенкови застанувајќи пред нив. Само еден ден претходно кинеската армија насилно го прекина протестот на плоштадаот Тјананмен во Пекинг. Идентитетот и судбината на овој храбар човек никогаш не беа со сигурност утврдени. Беше уапсен набрзо откако Џеф Вајденер го фотографираше храбриот чин.
Смртта на Бено Онезорг
На 2 јуни 1967 година, полицијата насилно ги растури протестите против посетата на иранскиот шах. Германскиот студент Бено Онезорг беше застрелан од полицаец. Неговата смрт доведе до радикализација на левичарското движење во Германија кон крајот на 1960-те. Сопругата на Онезорг беше бремена со нивното прво дете.
Атентатот врз Џон Ф. Кенеди
Претседателот Џон Ф. Кенеди беше убиен во Далас, Тексас, во номеври 1963 година, додека патуваше со претседателскиот конвој. Абрахам Запрудер случајно го сними моментот додека минуваше неговото возило. Кадарот 313 го прикажува истрелот во главата на ЏФК, а Запрудер бараше да биде исфрлен од публикацијата. Сепак, оттогаш секој поединечен кадар од филмот беше детално анализиран.
Минхенскиот масакр
За време на Олимписките игри во Минхен во 1972 година, 11 членови на израелскиот тим беа земени во заложништво, и подоцна убиени, од страна на палестинската терористичка група Црниот септември. Оваа фотографија го прикажува едниот од киднаперите на терасата на хотелот каде беа сместени спортистите.
Авганистанското девојче
Портретот на Стив Мекури се најде на насловната страница на „Нешнл џиографик“ во 1985 година. Иако не го прикажува животот на девојчето како бегалец во Пакистан, фотографијата стана еден од најпознатите симболи на советската окупација на Авганистан. 12-годишното девојче беше неидентификувано се‘ додека не беше лоцирано во 2002 година: Шарбат Гула никогаш претходно го немаше видено својот портрет.