1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОТА полетува, Ејџиан слетува

1 ноември 2018

Денеска претстојат два настана со крупно политичко значење: почнува со работа ОТА, со што ќе се стави крај на нелегалното прислушување, а по повеќе од една деценија се отвораат директни летови меѓу Македонија и Грција

https://p.dw.com/p/37VFn
Fluggesellschaft Aegean Airlines
Фотографија: Imago/Aviation-Stock

Четврток, први ноември, е датумот за официјален почеток со работа на новоформираната Оперативно-техничка агенција (ОТА), со која треба да се стави крај на нелегалното прислушување во земјата. За граѓаните на Македонија ова е значаен датум, со оглед дека од осамостојувањето до денес земјата ја потресоа два мега-случаи на незаконско прислушување на политичари, новинари, бизнисмени, амбасадори и јавни личности. Првиот случај на незаконско дејствување на „Големото уво“ беше обелоденет во јануари 2000 година, од страна на тогашниот лидер на опозицискиот СДСМ, Бранко Црвенковски, но функционерите осомничени за тој чин, беа амнестирани од тогашниот претседател Борис Трајковски. Петнаесет години подоцна, вториот случај што го откри лидерот на СДСМ, Зоран Заев, заврши со обвинителен предмет „Таргет-тврдина“, во кој СЈО го обвини врвот на УБК за незаконско прислушување на над 20.000 граѓани, и за уништување на опремата преку која го извршиле кривичното дело.

Ангеловски: Нема незаконско прислушување!

По ваквиот „минат труд“, ОТА стартува со работа во период кога истражувања на јавното мислење покажуваат дека кај граѓаните сѐ уште постои страв од „големото уво“. Резултатите од теренската анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), спроведена од 28 јуни до 15 јули годинава преку лични интервјуа со 1.100 испитаници, покажаа дека 45 отсто од анкетираните одговориле дека телефонските разговори што секојдневно ги вршат не се приватни и безбедни. Наспроти нив, 34 отсто веруваат дека никој не ги прислушува. Директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, избран со мандат од 5 години и без право на реизбор, гарантира дека таквата практика останува во историјата.

Bundespolizeiinspektion (Symbolbild)
Кај македонските граѓани сѐ уште постои страв од „големото уво“Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

„Како директор можам да ви кажам на сите, на медиумите и на јавноста, дека во моментов опремата е пренесена во ОТА и дека незаконско прислушување - нема! Тоа го гарантирам со целиот интегритет“, изјави Ангеловски пред три дена, кога ја  одржа и првата средба со членовите на собраниската Комисија за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите.

Ваквите гаранции произлегуваат од техничката и медијаторска улога што ќе ја има ОТА во однос на комуникациите. Имено, наредбата за прислушување од Обвинителството ќе оди до ОТА, по што таа ќе го пренасочува сигналот кон корисникот, односно барателот на услугата. Вработените во ОТА нема да можат да собираат податоци и да слушаат, само ќе можат да го вклучат сигналот. Од друга страна, барателот ќе може само да слуша и да собира податоци, но не ќе може да приклучува, со што се избегнува можноста од злоупотреба.

ПовеќеСтравот од „големото уво“ сѐ уште трае

Поради краткото време што претходеше до законски определениот рок за старт на ОТА, одлучено е Агенцијата да биде сместена во зградата на Телеком. Пратениците и натаму ќе ја вршат контролата врз прислушувањето, преку собраниска Комисија, составена од четири члена - двајца од мнозинството и двајца од опозицијата, и претседател од редовите на најголемата опозициска партија. Тие ќе може да вршат надзор без најава. Новина во системот на контрола ќе биде и т.н. Совет за граѓанска контрола, кој ќе биде составен од претседател и шест члена, кои ќе ги избира Собранието по распишан јавен оглас. Тие ќе имаат мандат од три години и обврска да поднесуваат годишен извештај до парламентот. За да изврши контрола во ОТА или кај операторите, Советот ќе мора претходно да се најави.

Авиолинија Атина-Скопје

Четврток, први ноември, е значаен и по уште една новина. За првпат по повеќе од десет години, грчката авиокомпанија „Ејџиан Ерлајнс“ (Aegean Airlines) стартува со директни летови Атина-Скопје, двапати седмично. Чинот нема само транспортно значење, туку и политичко, со оглед дека уследи по потпишувањето на Договорот од Преспа и затоплувањето на односите меѓу Македонија и Грција.

Fluggesellschaft Aegean Airlines
Летови на релација Скопје-Атина ќе има двапати неделноФотографија: Imago/Rüdiger Wölk

Подготовките за повторното отворање на оваа авиолинија беа најавени пролетта и траеја неколку месеци. Претходно, во духот на градењето добрососедски односи со Грција, со одлука на Владата во февруари годинава аеродромот „Александар Велики“ беше преименуван во „Меѓународен аеродром Скопје“. Таму вечерва во 18:55 минути ќе слета првиот авион на грчката компанија, а со него од Атина ќе пристигне и вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој заедно со министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, ќе присуствуваат на манифестацијата која во по тој повод ја организира ТАВ. Османи ќе се врати од Атина по денешната работна посета каде ќе се сретне со заменикот-министер за надворешни и европски работи на Грција, Јоргос Катругалос.

Повеќе: Заев и Ципрас остануваат верни на Договорот од Преспа

Тема на средбата ќе бидат билатералните односи меѓу двете земји, Договорот од Преспа, обврските што произлегуваат од него за двете земји, мерките за градење доверба и поддршката од Грција за македонските интеграции. По завршувањето на работната средба, Катругалос симболично ќе го испрати вицепремиерот Османи на аеродромот во Атина, каде ќе присуствуваат на церемонија по повод првиот лет кон Скопје по пауза од повеќе од 10 години. 

Катругалос: Нашите народи се зближија

Катругалос во интервју за грчки медиуми го оцени стартот на авионската линија за директно поврзување на Атина и Скопје, како можност за продлабочување на контактите меѓу двата народа и зголемување на соработката во повеќе области.

„Тоа е особено позитивен развој на настаните, што значително ќе придонесе во зголемување на контактите меѓу нашите народи, но и во промовирањето на нашата соработка во областа на туризмот, трговијата и бизнисот. Индикативно е колку се доближија нашите народи во последниве години, градејќи доверба и меѓусебно разбирање“, изјави Катругалос.

Georgios Katrougalos EU Abgeordneter aus Griechenland
Јоргос Катругалос е сигурен дека Договорот од Преспа ќе се изгласа во грчкиот парламентФотографија: privat

Гласањето во македонското Собрание и одлуката донесена со двотретинско мнозинство за почеток на уставни промени, го нарече „многу позитивна разврска“.

„Тоа покажува дека Договорот од Преспа го задржува својот моментум. За нашите два народа, тоа значи крај на горчливиот спор, кој можеше позитивно да заврши уште во 90-тите години. Но, исто така е и важен чекор за мирот и стабилноста во регионот кој секогаш бил буре барут во Европа. До март 2019 година, доколку, како што се чини, заврши процесот на ревизија во Скопје, Договорот ќе дојде за ратификација во Парламентот. Немам никаков сомнеж дека ќе се изгласа“, изјави Катругалос.