1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отворен дијалог меѓу Германија и Русија

20 јули 2011

Германската канцеларка тежнее кон отворен дијалог со руските партнери. Во центарот на меѓувладините разговори во Хановер се најдоа економските теми.

https://p.dw.com/p/11znY
Ангела Меркел и Дмитриј МедведевФотографија: dapd

Три дена се тврдеше дека повлекувањето на одлуката на рускиот премиер Владимир Путин да му биде доделена наградата „Квадрига“ не игра никава улога врз германско-руските владини консултации. На крајот на средбата меѓутоа се слушнаа други зборови.

Без да биде прашан, рускиот претседател Дмитриј Медведев го изрази своето незадоволство, за најавената и потоа повлечена одлука. „Ако биде донесено едно решение, мора да биде и спроведено. Во спротивно тоа е израз на кукавичност и неконсеквентност. Мислам дека наградата по ова откажување е мртва и тоа за целата меѓународна заедница.“

Освен овие остри зборови, атмосферата во Хановер беше претежно хармонична. Медведев ги оцени разговорите со канцеларката како корисни и апсолутно од доверба. Ангела Меркел е најмногу задоволна поради вкупно петнаесетте потпишани договори, меѓу другото потесна соработка при надградбата на сообраќајните и електричните мрежи. Канцеларката подвлече дека Германија во иднина ќе има потреба од повеќе гас, поради процесот на откажување од атомската енергија. Но, тој не мора безусловно да потекнува од Русија. „Ќе има зголемена потреба од технологии за премостување, поради забрзаното откажување од атомската енергија. Во овој поглед ќе одлучува пазарот. Колку поповолен ќе биде рускиот гас, толку поголема ќе биде веројатноста да го купиме,“ нагласува Меркел.

NO FLASH Dimitri Medwedew und Angela Merkel
Фотографија: dapd

Политички, Меркел и Медведев се залагаат за натамошни разговори. По прашањето за резолуција на ОН против сириската влада, Русија и натаму има задршки, меѓутоа може да се насети заедничка линија, се вели од двете страни. „Ние сме против резолуција, која потоа ќе биде злоупотребувана, во која ќе стои дека Асад е лошиот и како и во Либија ќе биде затворен воздушниот простор и се спроведуваат воени дејствија“, подвлече Медведев.

Канцеларката Ангела Меркел мораше да ги угаси надежите дека кризата околу еврото брзо ќе заврши. Ја разбира желбата за решителен, завршен чекор, но спектакуларно решение нема да има. Секој, кој бара радикални мерки за надминување на кризата „работи небрежно или нема трпение“, подвлече канцеларката. „Потребен е контролиран процес од повеќе чекори. Овие чекори треба да го решат коренот на проблемот: намалување на долгот и зголемување на конкурентноста“, рече германската канцеларка.

Петерсбуршкиот дијалог и германско-руските владини консултации оваа година покажаа дека односите меѓу двете земји се стабилни.

Автор: Хилке Јансен/ Александра Трајковска/ дпа/ ројтерс

Редактор: Трајче Тосев