1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Откриен таткото на големата лага

21 јануари 2020

Дали јавноста, ќе се определи за казна на СДСМ и Зоран Заев за Преспанскиот Договор, или ќе ја осознае заканата за Македонија ако се прифати политиката на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за раскинување на Договорот.

https://p.dw.com/p/3WX59
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Од старгрчкиот јазик потекнуваат два збора кои лаконски ја објаснуваат суштината на големите лаги и судбината на големите лажговци. Тоа се зборовите „продон псеудос,“ што во превод на македонски значи „татко на големата лага“. Толувањето пак на овие зборви означува дека штом еднаш искажете голема лага, ќе мора и натаму во врска со тоа постојано да лажете с` додека не ве откријат. Така станувате  голем лажго на кој веќе никој не му верува, дури  и кога зборува вистина.  Што повеќе луѓе поверувале на големата лага, толку  поголем срам и понижување од откривањето на измамата.

Една таква голема лажга со опашка која прво дојде како мевлем на рана беше на Христијан Мицкоски дека ако победи ВМРО ДПМНЕ на изборите ќе се поништи Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција.  За на крајот тој  мевлем да се претвори во опасен отров кој може да ја однесе Македонија во неврат, до  голема политичка нестабилност, економска криза  и до распаѓање на државата. 

Препознава ли Брисел антиевропска кампања

Во миговите кога на повидок е ублажениот став на Франција  и подготвеноста на цела Европа за почеток на преговорите меѓу ЕУ и Македонија, оваа пролет, дури и пред изборите на 12 април,  од Брисел стасаа загрижувачки  навестувања и сигнали дека ќе нема одлука за почнување на преговорите  додека не се уверат каква политика ќе води новата влада по изборите на 12 април. Брисел открива опасност и препознава во Македонија  антиевропска   предизборната кампања  на ВМРО ДПМНЕ . Иако на прв поглед пораката е неутрална и се однесува на двете најголеми политички партии и нивните коалициони партнери , сепак е јасно дека Брисел ја согледал опасноста која може да произлезе од популизмот и од  изборните резултати. Поточно Брисел не им верува на тврдењата на ВМРО ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски дека по изборите ако победат ќе ги признаат и двата договори и со Грција и со Бугарија и дека нема ништо да променат, ниту еден збор, ниту една запирка.

Други колумни од Ерол Ризаов:

-А да ги заклучиме сите во Парламентот?!

-Македонија ќе се распадне ако не влезе во ЕУ

-Паднаа најповолните понуди на акшам пазар

Меѓутоа, во Брисел и во Европа не сисаат весла, одамна научија како функционира Балканот,  нивните амбасади во Македонија работат со полна пареа.  Не е потребно ни еден ден да се откријат изворите на таблоидите на ВМРО ДПМНЕ и вмровските медиуми кои вријат од лажни вести и памфлети   за големото предавство со скључување на договорите со Грција и со Бугарија редовно  проследени  со орекстрирани напади, закани, навреди и сатанизација на с` што мисли поинаку  и ги подржува  договорите со соседите како предуслов за успешни евроатлански интеграции на Македонија. Тоа се тие постојани лаги кои произлегуваат од таткото на лагата.

Мицкоски во тесна кожа

Христијан Мицкоски е во тесна кожа не ќе може натаму едно да зборува, а друго да прави во врска со соседите,  со ЕУ и со НАТО. Разоткриена е  испробаната  доктрина, ние сме за НАТО и за ЕУ, демек од првиот ден на формирање на паријата, дека тоа се партиските изворни и програмски стратегиски  цели и приоритети,  а од друга страна да се создава амбиент во земјата дека ако  дојдат  на власт ќе ги поништат предавничките договори кои  го одземаат, уставното име на државата,  идентитетот, јазикот, националната гордост....

Деновиве ќе мора ВМРО ДПМНЕ да престане со двојната улога, една на затворените  средби со европските и американските претставници,  а друга  на   домашната сцена. Или Мицкоски  јавно и јасно ќе  каже за што е,  дали ги поддржува евроатланските интеграции на Македонија, или НЕ. Или пак ќе изигрува некаков голем лидер и патриот кој  ќе рече НЕ на Европа и НАТО пропагирајќи макзит, како брегзит. Божем  сме Обединето кралство и империја помоќна од  Велика Британија, па да кажеме збогум Европо, се уште не  влезени во ЕУ.

Јасно е. Понатму не ќе може да се седи на две столчиња, ем сме за Европа, ем сме против договорите со соседите. Вратите  на НАТО и на ЕУ ќе бидат затворени ако досегашната политика на владата за добрососедски односи нема континуитет, без оглед кој ќе дојде на власт по 12 април.  Бидејќи ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски досега со ниту еден збор на ја подржаа политиката на добрососедство и склучените догобвори  тешко е да се поверува дека сегашната популистички примамлива позиција ќе ја напуштат во натамошната предизборна кампања. Напротив, таа од ден во ден постојано се засилува најмногу играјќи на казната на  набедените предавници  кои ги потпишаа срамните договори.

На  истата  карта на Христијан Мицкоски играше ВМРО ДПМНЕ и во времето на Никола Груевски.  Со таа разлика што не само пред светот, туку и пред  домашната јавност на сет глас се трубеше дека иднината на Македонија е во Европа со  членство во ЕУ и во НАТО, а истовремено се градеа споменици на антички јунаци најголеми во светот, се расфрлаа  парите на најсиромашниот народ во Европа за интервенции во науката  во потрага по пославно минато, а земјата за оваа авантура се заборчуваше до гуша. Се менуваа имињата на улиците, автопатот и ареродромот со имиња  непозанти во македонската поширока јавност позајмени  од античките  митови и историски личности, само за инат на Грците и на сиот разумен свет. Тажните резулати од оваа политика беа празнењето на Македонија со забрзано исселување, презадолженоста, владеењето без контрола, организираниот криминал и корупција....цела деценија  поради оваа будалштина Македонија не мрдна од местото на патот кон Европа, а и загуби голем број поддржувачи и пријатели во светот. 

Ќе имаме референдумски избори

И кога се донесоа најтешките одлуки  кои беа главна пречка за редовно членство во ЕУ и НАТО и кога се отврорија вратите  на Европа со потпишување на компромисните  договори со соседите, подеднакво прифатливи,  или неприфатливи  кај сите страни во завиност од која страна гледате,  се дојде до созанаие дека главна кочница и во Грција и во Бугарија и во Македонија се анахроните десничарски националистички  струи кои целата своја старегија за освојување на власта ја градат на примитивен популизам и на сеење омраза. Прагматичните политичари во Грција  првиот ден по освојување на власта  ја прифатија реалноста  и го поддржаа договорот , се откажаа од правењето подобар договор, но ветија дека ќе ги бранат интересите на Грција за деловите кои не се додефинирани во договорот. Во Бугарија и во Македонија ставовите на силите кои влечат назад  се многу потврди. Очигледно тоа оди заедно со нивото на свеста и демократичноста на политичките лидери и интелектуални елити.

Во секој случај во Македонија предизборната кампања ја добива вистинската тема: дали јавноста, поточно поголемиот дел од избирачите, ќе се определат  за казна на СДСМ и на  Зоран Заев за потпишувањето на Преспанскипот Договор, или ќе ја осознаат вистината за опасноста што и се заканува на Македонија ако се прифати политиката  на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за  раскинување на Договорот со Грција што ќе означи крај на македонските аспирации за членство во НАТО и во ЕУ. Тоа е вистинската суштина на определбата на мнозинството  која ја одре деува иднината на Македонија. Прашањето може да се постави уште поеднаставно дали сте за влез во НАТО и во ЕУ , со веќе потпишаните договори,  или сте против членството во НАТО и во ЕУ со поништување на договорите.  Многу веројатно дека ќе имаме повторно референдумски избори за најзначајното прашање во државата по прогласување на независноста.