1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отпор на притисоците и неменување на името

АМ/миа29 јули 2012

Македонците од Егејот побараа да не се менува уставното име на Македонија, на својата 32-ра традиционална погранична средба во потпелистерското село Трново. Средбата се одржа под мотото „Македонија е вечна“.

https://p.dw.com/p/15gBB
Фотографија: Makfax

„Мора да преземаме активности за да го заштитиме името на нашата држава Македонија. Нашиот македонски идентитет - тоа е македонскиот народ, македонска држава, македонска црква, македонски јазик. Да застанеме против недемократски, нечовечки, и разни други притисоци од било кој, а кои се насочени кон елиминирање на нашиот македонски идентитет“, рече Пеце Аспровски, претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

За нарушените права на Македонците во Грција на средбата зборуваше и претставникот на „Виножито“ Андон Шекревски. Тој нагласи дека иако се соочуваат со различни притисоци, сепак тоа нема да ги спречи да се собираат на македонските манифестации.

„Виножито се бори за правата на Македонците во Егејскиот дел, иако нема демократија во Грција. Во Грција никогаш немало демократија и денес нема демократија“, рече Андон Шекревски од „Виножито“.

Македонците од Пиринскиот дел се потсетија на славното македонско минато, истакнувајќи дека историските придобивки се обврска да се зачува македонската слобода и идентитет.

„Историска дата за нас Македонците е втори август 1903. година, кога целиот македонски народ се крена на смела оружена борба против османската тиранија“, рече Димитар Иванов од ОМО Илинден Пирин.

Symbolbild Mazedonien Mazedonische Flagge HOCH
Македонците бараат да се зачува македонскиот идентитет, претставен преку народот, црквата и јазикотФотографија: MIA

Од име на Македонците од Албанија присутните ги поздрави претставикот на политичкатата партија на Македонците за Европска интеграција.

„Се најде човек којшто кажа пред сите, цела меѓународна јавност, дека таму во Беломорска Македонија, во Егејска Македонија има Македонци. Останаа вџашени. Не знаат што прават. Е тој беше премиерот на Македонија“, рече Ефтим Митревски од политичкатата партија на Македонците за Европска интеграција во Албанија.

Манифестацијата да не се политизира

На манифестацијата присуствуваа претставници од владата, политичките партии, како и бројни граѓани. Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов не беше присутен, но испрати телеграма по повод средбата во Трново.

„Најзначајно е поттикнувањето на сегашните и сите идни наши генерации пред себе да го имаат светиот ден Илинден. Денот кој што е код на македонскиот народ, денот кој што значи аларм за сите Македонци, денот Илинден кој што е крвна група на македонскиот народ“, рече Владимир Талевски, градоначалник на Битола.

Пред одржувањето на манифестацијата, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, со седиште во Битола, упати јавен апел да не се политизира претстојната манифестација во Трново.

„Не отстапуваме од нашите глобални определби, а тоа значи ќе ја поддржуваме секоја влада што ќе се бори за правата на Македонците и за обезбедување работа за младите луѓе, но исто така ќе бидеме против секоја личност, група или влада која ќе сака да го смени уставното име Република Македонија. Ние сме против дискриминацијата што соседните држави ја вршат на Македонците, и тоа ќе го потврдиме и денеска“, истакна Александар Поповски, почесен преседател на здружението.