1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отровно ѓубре – од отровни компании

16 октомври 2006

Неодамна холандскиот брод „Пробо Коала„ истовари стотици тони отровно ѓубре во депониите на главниот град на Брегот слонова коска, Абиџан. Дест лица починаа од проблемите предизвикани од отровното ѓубре, а од средината на август повеќе од 100 илјади луѓе побараа лекарска помош. Приказната за ѓубрето многу бргу може да им стане горчлива на виновниците:

https://p.dw.com/p/AeKc
Фотографија: picture-alliance/dpa

Човекот кој на самото место работи со ѓубрето се вика Анри Петижан. Со недели се наоѓа во Абиџан и претура низ тоните затруено земјиште, камења и кал. Најголемиот дел веќе е во буриња и контејнери, а сега претстои следната фаза:

„Го поготвуваме отровното ѓубре за бродски транспорт назад во Европа, но правиме и анализи, зашто мора да се знае со какви материјали имаме работа и во кои европски земји можат да бидат обработени. Во Европа има специјални центри за чисто отровно ѓубре, за контаминирано земјиште и така натаму„.

Анри Петижан работи во земјата по налог на француската фирма Треди, која пак, доби налог од владата во Абиџан некако да ја стави под контрола еколошката катастрофа. Ќе ни успее, вели Петижан, но потребно е време. По околу три до четири недели во Европа ќе бидат вратени 500 тони отровно ѓубре:

„Зборуваме само за 500 тони што се товарено. Меѓутоа, во Абиџан е контаминирана целата околина: тлото, водата, бетонот - се е затруено и сега мора да се врати назад. Значи станува збор за повеќе илјади тони„.

Од тоа Европа ќе добие назад голем дел. Меѓутоа, каде ќе биде обработено тоа ѓубре и каде ќе биде сместено, во моментов не знае никој. Во рамките на Европската унија има 30 специјални депонии, пред се во држави кои всушност, немаат ништо со скандалот: Франција, Германија, Белгија. Поради старите обврски кон една поранешна колонија, француската влада соопшти подготвеност ѓубрето да го префрли во француските специјални депонии. Но, тоа не менува ништо во прашањето за политичката одговорност. Бродот „Пробо коала„ натоварен со отровното ѓубре, што тргнал од Амстердам, морал да биде блокиран од холандските власти. Имено, според законите на Европската унија, извозот на отровно ѓубре е забранет. Затоа, за Барбара Хелферих, портпаролка на евро-комесарот, се чини случајот е многу јасен:

„Политичката одговорност сосема јасно е кај земјите-членки, а сега тоа го гледаме врз холандскиот случај. Но, сега имаме работа со огромна трговија, со трговија на црно, а против тоа секогаш е тешко нешто да се преземе„.

Скандалот го покажува само врвот на сантата, вели Барбара Хелфенрих и укажува на штих-пробите во европските пристаништа: половината од сите транспорти на ѓубре декларирани како неотровни, по земените проби се покажаа отровни. Кој ќе брцне во ѓубрето, најчесто се впушта во непредвидлива битка со економските и бизнис интересите на фирмите. Бродот „Пробо Коала„ всушност е грчки брод, плови под панамско знаме и работи за меѓународниот концерно за суровини: Трафигура. Главното седиште му е во швајцарскиот град Луцерн, а според медиумите, има годишен промет од скоро 30 милијарди долари. Има 55 бироа во 36 држави во Африка, Јужна Америка, Русија и Азија. Адвокатите на концернот постојано патуваат. Пред неколку месеци се најдоа во САД. Таму Трафигура беше осудена да плати казна од 20 милиони долари поради илегален извоз на нафта од Ирак. Се чини дека Трафигура е специјализирана за бизниси со ризични суровини. Во едно соопштение за медиумите тврдат дека немаат ништо со испораката на отровното ѓубре на Брегот слонова коска. Товарот бил неопасен и мора да бил затруен од некоја локална транспортна фирма. Патем, адвокатите на Трафигура веќе се подготвуваат за пат во Абиџан.