1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрабрувачки напредок во Ирак

30 мај 2008

Растечки оптимизам, но и критики за властите во Багдад, ја одбележаа втората меѓународна конференција за Ирак во Стокхолм. Генералниот секретар на ОН , Бан Ки Мун го поздрави напредокот во земјата.

https://p.dw.com/p/E9G5
Фотографија: AP

Конференцијата за Ирак на ОН заврши со заедничка декларација за подршка на властите во Багдад и процесот на помирување на различните етнички заедници во земјата .

Бан Ки Мун охрабрен замина од Стокхолм

На завршната прес-конференција во главниот град на Шведска првиот човек на Светката организација , Бан Ки Мун, го пофали видливиот напредок во напорите за мир, стабилност и демократија и истакна дека заминува од конференцијата со оптимизам: „ Јас сум охрабрен дека конференцијата го поздрави ирачкиот предлог од шест точки за партнерство за развој. Охрабрен сум дека учесниците , ја потврдија меѓусебната поврзаност на прашањата како национално помирување , развојот, човековите права , реконструкцијата и анти-корупцијата како витални обласи од заеднички интерес во наредната година“

Засега нема отпишување на долговите на Ирак

Ирак на конференцијата , на која присуствуваа околу 600 делегати од 50-тина земји беше претставен од премиерот Нури Ал Малики , кој ги замоли соседните држави да и го отпишат долгот на неговата земја. Во завршната декларација од Конференцијата беше наведено дека ќе биде разгледано тоа прашање, но цврсто ветување на арапските земји дека ќе ги отпишат долговите на Ирак изостана .

Американската министерка за надворешни работи , Кондолиза Рајс пак на конференцијата изрази задоволство од напредокот што е постигнат во безбедносната ситуација во Ирак во последниве 12 месеци. Таа апелираше до меѓународната заедница дека во моментов на властите во Багдад им е најпотребна техничка подршка:

„Ова не е донаторска конференција . На Ирачаните не им се потребни големи суми пари. Ним меѓутоа им се потребни големи инфузии од техничка подршка и проекти кои ќе овозможат да се обучат адекватни полициски сили и да се изгради адекватен правен систем“-рече Рајс

Делегатите на конференцијата во главниот град на Шведска се договорија вакви собири да одржуваат еднаш годишно се до 2012 година.