1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охрабрување за Анкара

4 мај 2005

Шредер по разговорите со Ердоан ја повика Турција на засилени напори во реформската политика, но ја нагласи и нејзината европска перспектива. Коментар Рајнер Золих по повод посетата на германскиот канцелар.

https://p.dw.com/p/AcFm
Ердоан и Шредер денеска во Анкара
Ердоан и Шредер денеска во АнкараФотографија: dpa

Средбата не донесе ништо изненадувачко. Според очекувањата канцеларот и’ упати апел на Турција да не попушта во реформскиот елан. Очекувано беше и неговото барање за поголем напредок кај темата религиозна слобода, како и неговото изјаснување за почеток на преговорите за пристап на Турција во ЕУ на договорениот датум 3-ти октомври. Притоа, канцеларот веќе претходно во едно интервју за весник нагласи дека фактичкиот пристап ќе уследи по долго време и од Турците ќе се бара „промена на менталитетот“.

Противниците на пристап на Турција во ЕУ сепак можат и овој пат повторно да стекнат впечаток дека канцеларот непотребно брзо турка напред во ова прашање. Во Турција, пак, гледањето оди во сосем спротивна насока: таму веќе со години преовладува впечаток дека Европејците постојано смислуваат нови пречки, само за да ги држат на дистанца неомилените Турци, како на пример најновата со формалното признавање на масовното убивање Ерменци во времето на Првата светска војна за геноцид.

Вистински точен би требало да е впечатокот дека на приврзениците на една европска Турција стратегијата на нејзиното приближување им е поважна, отколку нејзината крајна цел – пристапот. Но, зошто да не? И покрај некои повратни удари и националистичката промена на расположението, стратегијата на доближување поттикна напредок во многу области: укинувањето на смртната казна и признавањето на курдскиот јазик се само два од многуте примери.

Иако анкетите на јавното мислење во моментов покажуваат опаѓање на европската еуфорија, а многу реформи досега стојат само на хартија, сепак и самото ставање во изглед на едно подоцнежно пристапување кон ЕУ одамна се покажа како погоден лост за Турција уште поцврсто да се поврзе во западното општество и таму да се етаблираат се’ повеќе и повеќе европски вредности. Во секој случај мора да биде јасно дека Турција на крајот од долгиот и тежок процес има и фер шанса да ја оствари својата цел. Тоа сега го констатира и Шредер со јасност која радува.

Со тоа курсот на Шредер во однос на Турција позитивно се разликува од неговата политика спрема Кина и Русија, каде теми како човекови права и демократија постојано се жртвуваат за стопанските и пазарно-стратегиски интереси. Од Анкара тој може значително повеќе да добие, зашто тука може и да мавта со награда: пристапот кон ЕУ за Турција е и прашање на престиж. Шредер осозна дека е во прашање стабилизирање и поврзување не еден не само воено неизоставен партнер. Тој знае и дека приближувањето на Анкара кон ЕУ долгорочно би можело да ја олесни и интеграцијата на околу два ипол милиона турски муслимани во Германија. Ако згора на тоа му се приклучи и дополнителна изборна клиентела – дотолку подобро за него.

Рајнер Золих