1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Охридско лето“–„Ромео и Јулија “ за почеток

Милчо Јованоски12 јули 2012

Со театарскиот ораториум „Ромео и Јулија “ од Шекспир вечерва на Античкиот театар ќе отпочне 52 –то „Охридско лето “. Кризата е надмината, тврдат од дирекцијата и до 20 август ветуваат привлечни фестивалски настани.

https://p.dw.com/p/15Vj7
Фотографија: Milco Jovanovski

По 12 години најпрестижната македонска музичко – сценска манифестација „Охридско лето “ ќе биде отворена со театарска премиера во копродукција на ансамбли од Македонија и Русија. Вечно актуелниот Шекспир и трагедијата „Ромео и Јулија“ се спој од опера, балет, музика, акробати и 3 Д – анимација. На сцената на Антички, режисерот Дејан Пројкоски ќе смести 150 изведувачи кои треба да го доловат спектаклот: „ Ромео и неговото семејство Монтеки , всушност се македонската екипа, Јулија и Капулети се руските актери од театарот Комисаржевска. Секој зборува на својот јазик, но емоцијата е сосема јасна, а љубовта е вистинска. Така што стартната комбинација на претставата го потврдува тоа дека кога човек гледа со своето срце и душа дека може да ги надмине сите граници и бариери. Од друга страна тука е Шекспировото проклетство – тоа е судбината. Тој самиот понекогаш вели дека некогаш во животот се случуваат многу работи кои просто така треба да бидат. “ Претставата е во продукција на „Охридско лето “, Народниот театар од Битола, копродуценти се: Македонската опера и балет , театарот „Вера Комисаржевскаја од Санкт Петребург и Народниот театар од Охрид. Јулија е руската актерка Евгенија Игумнова, а Ромео – Дејан Лилиќ:

Dejan Lilic Schauspieler Mazedonien
Актерот Дејан ЛилиќФотографија: Milco Jovanovski

„Денешниот Ромео според мене е оној што дава неизмерно многу љубов, не барајќи ја назад. Тоа по малку е библиски но, и така е запишано пред стотици години наназад и така и ќе остане. Не важен јазикот, не е важен зборот и не е важно од каде си. Ако постои вистинска емоција меѓу луѓето тогаш нема да има ниту војни, ниту нетрпение. На против ќе се создаде пријателство, можеби љубов и со сигурност и сето тоа заедно ќе донесе едно спокојство и мир. “ Сите се уверени дека овој проект наскоро ќе се игра и во Русија и дека со помалубројна екипа ќе го продолжи својот живот во Македонија, но и носејќи го духот на Шекспир и „Охридско лето“ низ светот.

Музика и театар – за сечиј вкус и летна оддишка

Старо – новите селектори уверуваат дека 40 –те фестивалскли вечери се концепирани во духот на новото време. Доаѓаат над 1000 уметници од 14 земји . Охрид ќе ги пречека: доминиканскиот пијанистот Мишел Камило, прочуените „Перпетуум Џезиле“, Македонската филхармонија, камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија со „Леб и сол “, двете чела од Хрватска, виолончелистот Енрико Диндо и ред други, Директорката Елизабета Јанкуловска успешно го консолидира фестивалскиот тим и посакува: „Фестивалот „Охридско лето “ да го задржи епитетот на високо реномиран европски фестивал, но и да оствариме нови визии за уште повисоки дострели“.

Селекторот на драмскиот дел Ѓорѓи Јолески задоволен од она што го избрал за пребирливата фестивалска публика:

Der mazedonische Theater- Regisseur Dejan Projkovski
Режисерот Дејан ПројковскиФотографија: Milco Jovanovski

„Имаме пет премиери и две праизведби ова е рекорд на „Охридско лето “Тоа значи дека од македонската театарска сцена очекуваме мега претстави и спектакли. “

На охридските сцени Битолскиот театар ќе го игра „Хенри Шести “, Државниот театар од Истанбул доаѓа со „Антигона “ од Софокле, Албанскиот театар од Скопје премиерно ќе ја игра „Питачка опера “ од Хавел, Драмски ќе ја изведе „Еврипид се враќа на Балканот “ од тандемот Плевнеш - Цветаноски, МНТ и Театарот за деца и млади ќе ја играат „Декамерон “ од Бокачо, а со изведбата на „Госпоѓица Јулија “ на театар од Шведска ќе се одбележат 100 години од смртта на Стриндберг. Фестивалот ќе понуди и неколку ликовни изложби , мултимедијални проекти и офф програма. „Охридско лето“ е бренд и настан којшто ја носи политичката и бизнис елита крај езерото. Вечерва фестивалот за отворен се очекува да го прогласи покровителот – претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов,а за неговата финансиска стабилност која до неодамна беше разнишана покрај Министерството за култура се грижат и бројни спонзори.