1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Очајно потребна доверба

Рихард Фукс
30 ноември 2017

Кризата со пестицидот глифосат дополнително ја „труе“ преговарачката атмосфера во Берлин. Тензијата меѓу ЦДУ, ЦСУ и СПД е веќе голема уште пред германскио претседател да започне со посредувањето.

https://p.dw.com/p/2oWgO
TV-Duell Angela Merkel und Martin Schulz
Фотографија: picture alliance/Dpa/dpa

Германскиот претседател Франк Валтер Штајнмаер вечерва (30.11) има особено тешка задача: мора партиите, кои всушност изјавија дека не сакаат да коалицираат, да ги убеди во спротивното. Кога првите луѓе на ЦДУ, ЦСУ и СПД ќе се сретнат во замокот Белви, квалификуваниот медијатор Штајнмаер ќе има клучна улога. Точно, партиите на Унијата по неуспешните преговори со Либералите и Зелените почнаа на големо да зборуваат за нова голема коалиција. Меркел сака да спречи формирање на малцинска влада под било какви околности. Но и СПД по катастрофалните изборни резултати се изјасни дека сака да биде најсилна опозициска партија во новиот Бундестаг. Обновување на Голема коалиција, првично беше исклучена како опција од партиските членови.

Deutschland Schloss Bellevue Gespräch zu Koalitionsverhandlungen SPD Martin Schulz
Франк Валтер Штајнмајер и Мартин ШулцФотографија: picture-alliance/dpa/Bundesregierung/J. Denzel

Шулц: масовна загуба на довербата

По итниот апел на Штајнмаер сите партии да преземат одговорност и да се овозможи формирање на влада, социјалдемократите почнаа да се активираат. Разговор под негово водство со сѐ уште актуелната канцеларка Ангела Меркел (ЦДУ), Хорст Зехофер (ЦСУ) и Мартин Шулц (СПД) е резултат на овие напори. Дека нема да биде едноставно, доказ е политичкиот скандал што го предизвика министерот за земјоделство Кристијан Шмит (ЦСУ) во понеделникот.

Шмит на ниво на ЕУ гласаше за одобрување на употреба на пестицидот глифосат за уште пет години, иако сѐ уште актуелниот владин партнер СПД беше жестоко против тоа и Шмит всушност би требало да ги следи одлуките на германската влада. Министерот беше опоменат од канцеларката Меркел, но за СПД тоа е задоцнета реакција. Партискиот лидер Мартин Шулц ја оцени самоволната одлука на министерот од ЦСУ, како „скандалозна“. Тој зборуваше за „масовна загуба на довербата меѓу владините партнери и меѓу партиите." СПД дури и потегна дискусија за парламентарна комисија да ја истражи постапката на министерот.

СПД ќе сака скапо да „го наплати" ова од партиите на Унијата

Иако врвните политичари од редовите на Социјалдемократите се лути поради однесувањето на министерот од ЦСУ, не се гласни во барањата за оставка, бидејќи според аналитичарите, сметката ќе ја испостават подоцна. Ваков впечаток има и политичарот од СПД, Јоханес Карс, кој за германските медиуми изјави: „Унијата ова скапо ќе ја чини". Други претставници на СПД нагласуваат дека канцеларката мора да докаже зошто формирање на нова Голема коалиција ќе биде добро за СПД. Често се употребува терминот дека ЦДУ во „знак за градење доверба" треба да прифати одредени барања на СПД. Претставникот на ЦСУ, Александар Добринт не прифаќа вакви ставови. Тој нагласува дека СПД девет недели повторува дека не сака да биде дел од идната влада. „Така што сегашните повици за мерки на доверба се висока глума", вели Добринт советувајќи ги од СПД  „да бидат пореални и помалку да глумат."

Списокот на барањата на СПД, кои се наведени како минимални предуслови за изградба на нова широка коалиција, е сѐ поголем.Така, со нов закон за заштита на трудот треба да се спроведе омилениот проект на СПД, кој беше одложуван. Исто така, доколку СПД влезе во влада, треба да има подобрувања во платите на социјалните професии, како и реформа на здравственото осигурување. Според барањата на СПД, во идната коалициска влада треба да се дефинира и одговорноста на покраините во политиката за образование и обука. Ова ветува потенцијал за несогласување, бидејќи особено покраините кои се водени од партиите на Унијата не сакаат бидат растресени со вакви мерки.

Deutschland Angela Merkel G20 Raute
Фотографија: Getty Images/AFP/O. Andersen

ЦДУ е смирена

Членот на претседателството на ЦДУ, Јенс Спан не смета дека неговата партија е под притисок пред претстојните разговори. „Почнуваме одново на база на изборната и владината програма," изјави тој за весникот „Сарбрукер цајтунг". „Поради тоа мора да се работи на компромисни решенија." Често може да се чуе дека коалициските преговори за идната влада може да се оддолжат до почетокот на следната година. Задачата на претседателот Штајнмаер не е лесна од ваквата ситуација да даде поттик за формирање на функционална влада.

Шефот на СПД, Мартин Шулц уште еднаш ги намали очекувањата од оваа средба: „И покрај најдобрата намера, не можам да кажам каков ќе би исходот од разговорите," изјави Шулц. И во суштина, од овој состанок не се очекуваат конкретни резултати или одлуки. Претседателот може да има корист и од поканетите на „Форум Белви за иднината на демократијата" кој е закажан за денес попладне. Таму ќе има дебата на која учествуваат познати високорангирани личности кои ќе се занимаваат со прашањето „Како може да се зачува слободата на мислење во проблематични времиња". Можно е на ваков форум да се појават добри идеи, како Германија да дојде до нова влада во догледна иднина.