1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ошлис: „На Македонија ѝ се потребни пријатели во светот“

Свето Тоевски21 декември 2013

Годинешниот лауреат на наградата „Мито Хаџивасилев – Јасмин“, германскиот научник Волф Ошлис говори за ДВ за значењето на оваа награда за продлабочувањето на македонско– германските културни и научни релации.

https://p.dw.com/p/1AeS8
Фотографија: DW/S.Toevski

Волф Ошлис е македонист, славист, политички научник, новинар и експерт за Источна Европа. Работел во Центарот за аналитика во германската сојузна влада, а предавал како професор во Институтот за источнонаучни и меѓународни студии во Келн и во Универзитетот во Гизен. Денес е публицист за Источна Европа и пишува редовно за мрежниот весник „Евроазиски Магазин и „Прусише алгемајне цајтунг“.

Професорот Ошлис е еден од најголемите пријатели и претставувачи на македонскиот јазик и на македонската држава во светот. Автор е и коавтор на многу дела преку кои се изнесуваат научни сознанија за оваа држава. Автор е и на првиот учебник по македонски јазик објавен надвор од границите на поранешна Југославија. Ошлис ја има преведено книгата „За македонцките работи“ на Крсте Мисирков од македонски на германски јазик, во кој има напишано и обемен предговор - студија за Македонија. Германскиот е шести јазик на кој е преведено ова капитално дело, покрај на англиски, руски, чешки, грчки и француски јазик. Ошлис е автор, или коавтор на други книги на македонски јазик, меѓу кои и на лани објавената книга со симболичен наслов „ГерМакедонија“, посветена на македонско-германските врски со поднаслов „Студии за македонско-германската заемност низ вековите“ и со прилози за културната историја на Македонија.

Wolf Oschlies Osteuropa Experte
Фотографија: DW/S. Toevski

ДВ: Вие го имате добиено и државното признание „Пријател на Македонија“ како на своевиден „амбасадор на македонскиот идентитет“. Врачувани ви се и други значајни признанија и награди на институции и манифестации од културата во Македонија, поради промовирањето на македонската национална и културна самобитност во светот од 1975 година. Како го доживувате сегашното доделување на „Мито Хаџивасилев – Јасмин“?

Ошлис: Наградата ја доживувам радосно и изненадено, како што би рекол на германски, „freudig überrascht“. Наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ постои од 1969 г. и, како што имам чуено, јас сум првиот странец, или барем првиот Германец што ја добива. Ова не е прва награда и признание за мене: во ноември 2003 година бев прогласен за почесен доктор на науки на Универзитетот „Светите Кирил и Методиј“ во Скопје. „Мито Хаџивасилев – Јасмин“ е признание за моите остварувања во областа на публицистиката, поврзани со Македонија, и јас исклучително се радувам, бидејќи станувам нејзин добитник. Можеби малку нескромно, но, сепак, ќе кажам: убеден сум дека ја заслужувам.

ДВ: Може ли ова доделување на престижната државна награда да биде поттик и уште некој од вашите колеги од Германија да тргне по вашите патеки и да стане нов, уште еден „културен лобист“ за Македонија во светот?

Ошлис: Доделувањето на оваа награда на еден Германец нека биде уште еден доказ дека Македонците не треба да бидат „објект на определени спорови околу имињата на државата, или на рамковни договори“, туку дека тие се мирољубив народ кој знае да се одбрани, ако треба. Тоа го нагласив во 2004 година во насловот на една од моите книги „Македонија - Воен дневник од една мирна земја“. Но, побитна за Македонија е културата, според која меѓународната заедница треба секогаш да ја препознава оваа земја. На Македонија и се потребни пријатели и луѓе, кои ќе ја „умножуваат“ вистината за неа ширум светот. Токму ова се повеќето од оние што денеска се занимаваат со Македонија и кои биле учесници на „Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура“ во изминатите шест децении во Охрид - „Балканскиот Ерусалим“.

ДВ: Што пишувате во овој момент и какви планови во вашето творештво имате за наредниот период?

Ошлис: Во мојата „публицистичка работилница“ има секогаш работа. Се подготвувам за едно предавање во врска со турцизмите во македонскиот јазик, кое ќе го одржам во Охрид. Работам на превод на еден роман од македонската авторка Лилјана Пандева, како и на еден обемен придонес за македонските училишта во рамки на меѓународниот проект „Училишни системи во Европа“. Ангажиран сум и на многубројни помали работи за масмедиумите. Сите овие трудови веќе се завршени. Но, по нив ќе доаѓаат нови и нови, на пример, една книга за Македонија на стари германски географски карти.

Wolf Oschlies Osteuropa Experte
Фотографија: DW/S. Toevski

ДВ: Дали би дополниле, ако сметате дека е, исто така, значајно и актуелно?

Ошлис: Ја споредувам македонистиката со десетобојот во атлетиката: секој македонист мора да биде „фит“ и подготвен за учество во повеќе дисциплини. Но, тоа не е премногу тешка работа, пред се, не за германските македонисти, бидејќи меѓу нив има бројни претходници, кои барем 300 години се занимавале со Македонија. Меѓу Германците и Македонците постои една долга традиција на културната заемност: пред две години токму ова беше поводот на една книга со многустраниот наслов „ГЕРМАКЕДОНИЈА“. Јас се надевам дека Германците ја помнат оваа заемност и се радувам оти Македонците веќе се сеќаваат на неа. Главниот сведок за тоа е мојот пријател и издавач Нове Цветановски со својата куќа „Македонска реч“, во која излегуваат најубавите книги напишани од германски автори за Македонија, но и моите преводи од македонски на германски, на пример, делото „За Македонцките работи“ од Мисирков.