1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Паднати веб-сајтовите на повеќе македонски медиуми

Кристина Озимец
19 ноември 2016

Утрово повеќе веб-сајтови, кои во голема мера имаат критички настроена уредувачка политика кон власта, целосно не функционираа. Од компјутерската компанија тврдат дека се рбаоти за технички проблеми.

https://p.dw.com/p/2SwSY
Symbolbild Internet Hacker Sicherheit Computer www
Фотографија: Fotolia/alphaspirit

Веб-сајтовите на повеќе македонски онлајн медиуми, меѓу кои и НОВА ТВ, Фокус, СДК.МК, ПлусИнфо, Либертас, Локално МК и МКД.МК утрово неколку часови не функционираа.

Пристапот до електронските изданија на весниците Утрински, Дневник и Вечер исто така беше оневозможен.

Читателите на веб-порталите, кои во голема мера се критички настроени, не можеа да пристапат кон нивните содржини откако на веб-страниците се појавуваше информација дека тие се офлајн и не се достапни.

Во моментот додека го пишуваме овој текст, некои од сајтовите полека се враќаат онлајн и може да се отворат, додека дел од нив сѐ уште не се достапни и немаат пристап.

Сите веб сајтови имале хостинг кај една иста компјутерска компанија – УНЕТ, од каде за агенцијата МЕТА излегоа со став дека не се работи за некаков хакерски напад, туку за технички проблем.

„Проблемот се случил синоќа додека сообраќајот на порталите бил мал, затоа и не се активирале заштитните механизми. Се работи за линковски проблем и не станува збор за сајбер-напад. Работиме на проблемот и се надеваме дека за кратко време ќе биде решен. Потенцирам дека не станува збор за никаков напад“, изјави директорот на УНЕТ, Антони Пешев.

Уредникот и сопственик на СДК.МК, Горан Михајловски за Дојче веле изјави дека засега не може да го коментира стручниот дел, зошто сајтот не работи и тоа би требало да го објасни интернет провајдерот.

„Трпиме штета, бидејќи не можевме да постираме ништо, читателите не можат да пристапат до нашите вести, како и штета за клиентите кои се рекламираат на нашиот веб-сајт“, вели Михајловски.

Symbolbild Hackerangriff
Фотографија: Sergey Nivens - Fotolia.com

Сомневање за намерен напад

Новинарката Сашка Цветковска од НОВА ТВ вели дека според известувањето кое тие утрово го добиле од компанијата, која го одржува нивниот веб-сајт, тој е нападнат со уште некои други портали.

„Најпрвин вработените од компанијата утрово велеа дека се работи за намерен напад врз овие сајтови, за сега да ни кажуваат дека е некаков технички проблем, но со оглед на сѐ што се случува во оваа земја имаме оправдано сомневање дека може да се работи за намерен напад“, изјави Цветковска.

Уредникот на порталот ПлусИнфо, Бранко Героски  вели дека според неговите информации станува збор на некаков вид на напад врз хостингот на компјутерската компанија.

„Бидејќи приблемов веќе трае со часови и не знаеме кога ќе се среди, кај нас има извесна вознемирност дека можеби станува збор за напад од нелегитимни причини, дека не се само технички. Но додека не се расветли ситуацијата, не би коментирал повеќе“, изјави Героски.

Од магазинот Фокус велат дека тие исто така добиле објаснување дека се работи за технички проблеми, како и уверување дека се работи на проблемот веднаш да се вратат сајтовите онлајн.