1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Падна ли навистина Берлинскиот ѕид?

5 февруари 2018

Берлинскиот ѕид стоеше точно 28 години, два месецa и 27 дена. Исто толку време помина откако тој беше урнат, барем што се однесува до бетонот и бодликавата жица. Во други форми, тој се уште постои, смета Марсел Фирстенау

https://p.dw.com/p/2s8fn
Deutschland Berliner Mauer
Фотографија: Getty Images/AFP/J. MacDougall

Израснав со него. Беше само неколку стотина метри оддалечен од моето игралиште: Ѕидот. Кога бев малку постар, се преселивме, и од мојот кујнски прозорец можев да гледам на другата страна, кон Источен Берлин. Бев опкружен со ѕидот, но сепак се чувствував слободно. И тоа не си го умислував, затоа што можев да патувам каде сакам, па дури и во ГДР. Моите сонародници од истокот го немаа тоа право. Освен ако беа пензионери.

Уште не бев роден кога тој одвратен објект од 160 километри беше изграден на 13 август 1961 година. Се родив една година подоцна. Ѕидот беше постар од мене, но јас го надживеав. Сега сум на овој свет двојно подолго од овој „антифашистички бедем“. Така властодршците во ГДР ја нарекуваа нехуманата пречка која ја урнаа храбрите граѓани. По цели 28 години, два месеца и 27 дена. И токму толку долго и го нема. Денес, 5 февруари 2018 година е некој вид рамноденица.

Берлинскиот ѕид веќе го нема - освен неколку спасени фрагменти. И тие се потребни за светот и генерациите кои доаѓаат да стекнат впечаток за тоа какви последици можат ѕидовите да имаат за луѓето. А тие последици можат да бидат далекусежни и трајни. Раздвоеноста од минатото станува очигледна кога разгоравам со луѓе кои живееле во ГДР. Кога се жалат поради ниските пензии - главно со право. Навистина е срамота што ни денес, 28 години по падот на Ѕидот, пензиите не се изедначени.

Deutsche Welle Marcel Fürstenau Kommentarbild ohne Mikrofon
Марсел ФирстенауФотографија: DW

Воопшто не ме изненадува што многу граѓани на поранешна Источна Германија и денес се чувствуваат како граѓани од втора класа. Никогаш не ми беше јасно зошто најголемиот дел од елитата на ГДР беше заменета со луѓе од западна Германија. Секако дека разбирам зошто тоа се правеше кај функционерите со големи политичко-идеолошки дамки во животописот, но сечење глави во фирми, на универзитети, во културата? За мојот вкус се отиде предалеку. Источните Германци и во 2018 година, гледано пропорционално, сѐ уште се премалку застапени.

Во делот на политиката, моето неразбирање е уште поголемо кога се работи за изолацијата на партијата Левица, која произлезе од поранешната режимска партија во ГДР. Демохристијаните сѐ уште не сакаат да соработуваат со нив во Бундестагот. Неодамна имав можност да видам дека и во круговите блиски до канцеларката Ангела Меркел постои респект за политичарите на Левица. Беше тоа приемот по повод 70 роденден на Грегор Гизи, легендата на оваа партија. Претседателот на Бундестагот, Волфганг Шојбле ја фалеше интегративната улога на славеникот роден во источен Берлин и израснат во комунистичко семејство. Изразот на почит и воодушевување на Шојбле беше искрен. Би било добро тоа да се случува почесто. За мене е едно јасно: знак на политичка незрелост е денес паушално да се отфрла некој политички табор поради неговите корени. На тој начин се бетонираат менталните ѕидови во земјата во која пред 28 години, два месеца и 27 дена беше урнат еден бетонски ѕид.

30 години обединета Германија: Што остана од Берлинскиот ѕид?

На политичарите единствено можам да им порачам дека и последните „студени воини“ треба да разберат во кое време живееме и да делуваат одговорно. Бидејќи дури тогаш ќе падне и последниот ѕид.