1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берзите во пад - без паника!

Хенрик Беме
7 февруари 2018

Берзите веќе се опоравуваат по потресот предизвикан од падот на курсевите. Но, Њујорк беше вистински потресен кога тргна бран на продажба на акциите, кој го обиколи светот. Хенрик Беме смета - сето тоа брзо ќе се смири.

https://p.dw.com/p/2sDw6
USA Börse in New York
Фотографија: Getty Images/S. Platt

Господе, колку беа здодевни последните месеци!  На берзите се бележеа добивки и тоа низ целиот глобус.  Првенствено на Волстрит, каде чука срцето на финансискиот капитал. А посебно - откако бизнисменот Доналд Трамп од својата кула, оддалечена само неколку блокови од Волстрит, се пресели во Белата куќа во Вашингтон. Творецот на дилови на чело на администрацијата во САД - што може тука да тргне наопаку? Освен тоа, каматите се на историски ниско ниво, „пазарите“ полни со милијарди долари и евра кои не можат да се вложат подобро отколку во акции и недвижности.

Што, нема твит?

Откако Трамп застана на чело на државата, индексот Дау Џонс забележа преку 70 рекорди, што претседателот секогаш го проследуваше со свој твит. А сега - пад. Кога Волстрит во понеделникот попладнето во 16 часот по локално време во Источниот брег на САД подвлече црта, загубата изнесуваше 4,7 проценти или 1175 поени, во еден краток момент дури 1600 поени. Тоа е најголем пад во текот на еден трговски ден во долгата историја на тој важен берзански барометар. И каде беше твитот на Доналд Трамп? Го немаше!

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме

Потрага по причинителите

Секако, сите сакаат да знаат: откаде овој пад? Дали тој ќе продолжи? „Морам ли сега да продавам“? И како што експертите секогаш убаво кажуваат: во основа всушност сѐ е во ред. Прогнозите за растот на светската економија се позитивни и тоа за сите региони во светот, без исклучоци. Во моментот кога на пазарот на акции се случи пад, и на пазарот на обврзници имаше живи активности.

Повеќе на темата:

Светското богатство е на рекордно високо ниво

Страв од нов крах на берзите

Постојат неколку причини за откажување од акции. Најважна секако е растот на каматите во САД. Кога каматите растат, се намалуваат причините да се инвестира во акции, посебно ако пазарот на акции е „прегреан“. Тогаш порадо се посега по добивката. А во САД и невработеноста е во опаѓање, што треба да се поврзе и со порастот на платите. Тоа би можело да доведе до покачување на цените, што пак Централната банка на САД би можело да ја наведе уште повеќе да ги зголеми каматите од претходно планираното. Најпосле, немал број аналитичари исклучително критички гледа на политичката ситуација во својата земја, посебно откако претседателот, со објавување на еден спорен документ, влезе во конфликт со ФБИ и целиот правосуден апарат. На паркетот на најважната светска берза се шушка дека има инвеститори кои продаваат затоа што Вашингтон се движи кон - уставна криза.

Не е во прашање вистински „црн понеделник“

Како причини создадени на домашен терен да нема доволно, тука се и високочувствителните компјутерски програми кои управуваат со речиси целата берзанска трговија и тоа во ритам кој се мери со милисекунди. Кога ќе тргне пад како во понеделникот, тие програми само го засилуваат трендот, зашто додека курсевите паѓаат, постојано испраќа нови сигнали за продажба: тоа е како со снежна топка која нараснува додека се тркала кон долината.

И покрај сите возбудувања, сето ова, како што се чини, беше само нормална корекција. Можно е трендот да продолжи малку да се движи надолу, но тоа може само да биде добредојдено за „прегреаниот“ пазар на акции. Всушност, не се случи вистински „црн понеделник“. Прво, падот на Волстрит почна уште во петокот со губиток од 600 поени. Второ,  во вистинскиот „црн понеделник“ во 1987. година, индексот Дау Џонс падна  за 23 проценти. Во споредба со тоа, 4,7 проценти од понеделникот изгледаат речиси скромно.

Значи, без паника. Да дишеме и натаму мирно. А Доналд Трамп можеби би требало да увиди дека берзата нема голема врска со она што тој го прави или не. 

 

Boehme Henrik Kommentarbild App
Хенрик Беме Уредник за економија, со фокус на меѓународната трговија, автомобилската бранша и финансиите@Henrik58