1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пак пропадна обидот за деблокада на судските реформи

Горан Петрески31 јули 2007

Власта и опозицијата не можат да најдат компромис околу составот на Судскиот совет.

https://p.dw.com/p/BNnC
Реформа на судството-еден од условите кои ги бара ЕУФотографија: Petar Stojanovski

Пропадна уште еден обид за деблокада на судските реформи. Синоќешната партиска средба заврши без решение, следната рунда е предвидена по летните одмори во втората половина од август. Власта и опозицијата не можат да најдат компромис околу составот на Судскиот совет. Не попушта никој, ВМРО ДПМНЕ го брани ставот дека власта треба да ги номинира тројцата кандидати што ги предлага Собранието а опозицијата да се усогласи со шефот на државата. Од друга страна СДСМ и ДУИ бараат членовите на Советот да немаат партиско минато. Очекуваат распределбата на кандидатите што ги предлага Собранието да биде два спрема еден во корист на власта а не да се услогласуваат со предлозите на Црвенковски.

Партиската делегација на ВМРО ДПМНЕ на преговорите за судските реформи ја предводеше членот на извршниот комитет Зоран Ставревски.

Владеачката ДПА не испрати свои претставници на синоќешните преговори, лута на шефот на државата Бранко Црвенковски, кој побара меѓународната заедница да не присуствува на партиските средби. ДУИ пак остана на ставот дека тие треба да предложат еден од петте кандидати за докомплетирање на судскиот совет.

Спроведувањето на судските реформи е неможно без комплетиран Судски совет. Советот треба да брои вкупно 15 членови, од кои осум беа избрани на непосредни избори од редовите на судиите. Членови по функција се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда. Собранието на 4 јуни годинава не ги поддржа тогаш предложените кандидати за преостанатите пет места во Судскиот совет, кои се избираат со двојно мнозинство. Судството се смета за една од најпроблематичните области во Македонија која мора да се реформира за земјата да добие покана за членство во НАТО и датум за преговори со Европската унија.