1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Панаѓурот во Давос

Андреас Бекер
26 јануари 2019

Светскиот економски форум е како сублимирана оценка на извршните власти за состојбата во светот. Но тоа најчесто се само фрази. Затоа е тешко да му се одолее на цинизмот, смета Андреас Бекер.

https://p.dw.com/p/3CAkC
Weltwirtschaftsforum in Davos
Фотографија: picture-alliance/dpa/Keystone/G. Ehrenzeller

Играта Базворд-Бинго, често нарекувана и Булшит-Бинго, е многу едноставна. Секој играч пишува список од 12 фрази во типичен жаргон на политичките и на економските лидери за кои е уверен дека ќе бидат кажани во расправата. Победник е оној кој прв ќе ги штиклира фразите кои ги набројал. Постои и опција во тој случај гласно да се викне: Бинго!

Светскиот економски форум во Давос е одлично место за таа игра. Собраната „елита“ од светот на економијата и политиката во толкава мерка се навикна да кажува само Базвордс, што голем број на погодоци е загарантиран.

Имено, „Глобализацијата 4.0“ мора да биде „поинклузивна“, мора да биде „фер“ и пред се' мора да биде „одржлива“. Уништувањето на животната средина во светот се става пред „големи предизвици“, но и доведува до „Четврта индустриска револуција“ и отвора можност за огромен „потенцијал на растот“. Затоа пред проблемите „лидерите“ мораат да се постават „проактивно“, ако сакаат да останат „конкурентни на пазарот“. Притоа, мора да се следи „мултилатералниот концепт“, за се дојде до „вин-вин ситуација“.

Со малку среќа, потребни се само неколку минути да бидат кажани сите овие 12 фрази.

Моралот 4.0

Клаус Шваб, основач и церемонијал мајстор на форумот во Давос дури се заложи за „ре-морализација на глобализацијата“. Човек се прашува - па, каде беше моралот сите овие децении додека во Давос се изговараа сите овие фрази кои и не’ доведоа во оваа ситуација.

За навистина да уживате во играта Базворд-Бинго морате, рака на срце, да бидете чист циник - бидејќи темите за кои се зборува се важни, а проблемите се и повеќе од сериозни.

Повеќе:

-Глобализација 4.0 – само уште едно флоскулче од Давос?

-Елита во длабок снег: Што носи Давос 2019?

Само, може ли Економскиот форум во Давос да понуди решенија? Па тој пропадна веќе и кај целта која сам ја прокламира: да го зголеми бројот на жени учеснички на форумот на значително повеќе од 20 отсто. Форумот можеби сака да ја следи целта: „Да се подобри состојбата во светот“ (така гласи официјалната парола), но концерните не би плаќале стотици илјади долари за членарина кога би се работело само за тоа.

Andreas Becker Wirtschaftsredaktion
Андреас Бекер, автор на коментаротФотографија: DW/J.Grünfeld

Нивните шефови тука само за неколку дена можат да остварат мноштво контакти и да отворат можност за нови бизниси - така што заштеденото време вреди секој платен цент. А, тука се за среќа и цела низа претседатели на држави или влади, бидејќи Економскиот форум во Давос се залага и за „јавно-приватно партнество“. А, тоа е уште еден Базворд.

А и политичарите доаѓаат тука да се сретнат со колегите, да привлечат инвеститори и да и' се претстават на јавноста - бидејќи во Давос не недостига медиумско внимание.

Место на противречности

Пораката дека нешто навистина мора да се смени стигна и до Давос. За време на годинешниот Економски форум имаше толку планови за заштита на животната средина и за поправеден свет, човек речиси и да се праша дали всушност стигнал на конгрес на противници на глобализацијата со нивната парола „Можен е поинаков свет“.

Давос е, притоа, место на противречности, бидејќи - елитата која таму се собира се' уште никогаш не дошла со толку приватни авиони.

Има ли полза од сето тоа? Дали во Давос некогаш некој го променил своето мислење? Во Давос е прикажан и новиот документарен филм на Ричард Атенборо за климатските промени. А кога го прашаа - зошто премиерата на филмот е токму во Давос, тој без грам цинизам одговори: Тука се собираат толку многу влијателни луѓе што би било неодговорно да не се искористи оваа можност.