1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Пандемијата ги направи децата тажни и осамени

ДТЗ
17 август 2021

Во истражувањето на „Меѓаши“ децата требале да замислат дека пишуваат писмо до Министерството за образование. Во писмата упатени до МОН, учениците прашувале зошто кафеаните работат, а училиштата не работат.

https://p.dw.com/p/3z5dF
Symbolbild | Coronavirus | Berufststart
Фотографија: Wedel/Kirchner-Media/picture alliance

Пандемијата влијае негативно и на најмладата популација. Голем процент од децата за време на пандемијата од Ковид-19 се чувствуваат изолирано и осамено, им недостасува дружењето во училиштето. Физичкото насилство, кое беше присутно изминатите години во училиштата, сега е заменето со дигитално насилство и навреди. Голем дел од децата покажуваат вознемиреност и симптоми на депресија, се грижат за сопственото здравје и за здравјето на своите најблиски, ги мачи кога ќе заврши пандемијата и се ќе се врати во нормала.

Изолираност со онлајн наставата

Околу 68% велат дека се чувствуваат помалку поврзани со нивните другарчиња, на 65% им недостасува училиштето, не само како образовна компонента, туку како можност таму да воспостават пријателство. Загрижува и тоа што на децата им недостасува поголема слобода. Ова го покажува најновото истражување на „Меѓаши“, спроведено на 1 231 дете, од 10 до 18 години, од целата држава за искуството од онлајн наставата за време на пандемијата.

-повеќе на темата: Какви последици има пандемијата врз нашите деца?

Според Драги Змијанац од „Меѓаши“, пет проценти од учениците биле целосно исклучени од онлајн наставата оти немале можност да ја следат, една третина од децата делат компјутер со некој член од семејството, што го попречува квалитетот на учењето од далечина. 48% од децата имаат свое лично технолошко помагало.

Писма до МОН

Во истражувањето децата требале да замислат дека пишуваат писмо до Министерството за образование. Во писмата упатени до МОН, учениците прашувале зошто кафеаните работат, а училиштата не работат. Дел од децата барале да се вратат во училиште, да не учат од дигитални учебници и да учат само тоа што ќе им биде потребно. 

-повеќе на темата: УНИЦЕФ алармира: 168 милиони деца не одат на училиште поради короната

Онлајн наставата се одразила негативно врз менталното здравје на децата. Според истражувањето,  1 од 10 деца (9%) имале значителна вознемиреност. Секое седмо дете (15%) се соочува со значително ниво на симптоми на посттрауматски стрес. „Ова се генерации кај кои многу треба да внимаваме на нивното ментално здравје. Кај половина од децата се забележуваат проблеми со концентрација, вознемиреност кога ќе се спомене стресен настан, особено за лице од семејството кое починало од Ковид-19. Имаме 84 деца, во чии семејства имало заболен од Ковид-19“, вели универзитетската професорка Софија Арнаудова од Институтот за социјална работа и социјална политика при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Дигитално насилство

Истражувањето покажува дека вкупно 62% од основците и 84% од средношколците се изложени на некои ризици на интернет. Дигитално насилство, конкретно, доживеале 37% од учениците во основно училиште и 66% од средношколците. Вкупно 22% од децата од основно училиште и 30% од средношколците виделе или слушнале дека нивните врсници страдаат од дигитално насилство.

-повеќе на темата: Светски ден на децата: Опасност од „загубена Ковид-генерација“

„Кога беа прашани каков е тој вид на дигитално насилство, многу од нив најчесто велеа дека имаат групи во кои знаат да се договараат пред писмена, пред испрашување и дека многу често одредени деца биле исклучувани од тие групи. Од друга страна, многу од децата велат дека им се потсмевале за тоа како изгледаат нивните домови, особено оние кои живеат со семејства со понизок економски статус. Многу од децата кои немале можност да пуштат камера исто така во текот на часовите биле исмевани и добивале и погрдни коментари во приватни пораки“, вели Арнаудова. 

Децата набројале голем број негативности кога станува збор за учење од дигитален учебник, пред сè затоа што ќе бидат врзани постојано за компјутер или пак нема да можат да се изолираат во друга соба за да учат, како што тоа го прават со класичните учебници. Како придобивки од дигиталниот учебник, учениците ги навеле заштита на животната средина и штедењето на хартија.