1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Wirtschaft Nachrichten

15 март 2011

Со оглед на нуклеарната катастрофа која се заканува во Јапонија, берзата во Токио бележи голем пад. Германските концерни за струја го примија на знаење мораториумот за атомските централи.

https://p.dw.com/p/10ZGY
Фотографија: AP

На берзата во Токио панично се продаваат акции

Со оглед на нуклеарната катастрофа која се заканува во Јапонија, берзата во Токио денеска (15.03) бележи голем пад. Индексот Никеи падна за 14 проценти. Јосуке Шимицу од Финансискиот институт Ретела Креа Секјуритис смета дека тоа се должи на паника и вели: „Сите сакаат да се ослободат од своите акции“. Вчера индексот Никеи веќе падна за 6,18 насто.

Концерните го примија на знаење мораториумот за атомските централи

Мораториумот на одлуката за продолжување на работата на атомските централи не предизвика протести кај големите производители на електрична енергија во Германија. Порптарол на концернот РВЕ за агенцијата ДАПД изјави дека по ова прашање „приматот, се разбира, го има политиката“. Портпарол на најголемиот германски концерн за енергија Е.ОН мораториумот го коментираше со само една реченица: „Го примаме на знаење“. Сепак, концерните за струја веројатно се обидуваат да спречат старите реактори да бидат веднаш затворени. РВЕ смета дека неговиот спорен стар реактор Библис А, и покрај мораториумот, би можел засега да остане во мрежа. Е.ОН, пак, и покрај мораториумот не гледа причина да ја затвори баварската атомска централа Исар 1. Портпарол на концернот изјави дека Исар 1 ги исполнува неопходните безбедносни услови и прописи.

ММФ ќе и‘ даде нов заем на Грција

Меѓународниот монетарен фонд ќе и` даде нов заем на задолжената Грција. ММФ донесе одлука да даде зелено светло за транша од 4,1 милијарди евра. Фондот, освен тоа, ја предупреди Грција дека се неопходни опсежни реформи, како на пазарот на работна сила, така и во пензискиот систем. Заемот е дел од тригодишната програма со Европската унија во вредност од 110 милијарди евра за спас на грчката економија.

Автор: Ролф Венкел / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Симе Недевски