1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Панихида за жртвите од бродот „Илинден“

17 октомври 2009

Во црквата „Света Софија“ во Охрид се одржа панихида за спокој на душите на жртвите кои ги загубија животите при потонувањето на бродот Илинден во Охридското Езеро. Потрагата по вистината продолжува.

https://p.dw.com/p/K96j
Бродот кој однесе 15 животиФотографија: picture-alliance/ dpa

Тага, болка и насолзени очи. Со цвеќе во рацете и неми поглед упатени кон охридските свештеници, кои во катедралната црква „Света Софија“ отслужија богослужба во спомен на петнаесетте жртви кои на петти септември годинава ги загубија животоите при несреќата на бродот „Илинден“ во Охридското Езеро. Уште сме во шок и на болката и` нема крај, вели Светла Николова, чија мајка беше една од жртвите:

„Ви благодариме што го организиравте поменот и сочуствувате со нашата болка. Загинатите имаа желба да го видат Охридското Езеро за кое во Бугарија се зборува многу и им се допаѓа на сите. Мајка ми имаше преголема желба да дојде тука. Дојде и животот и заврши во езерото.“

Денеска почна и финалното експертско вештачење

Schiffsunglück Mazedonien Ohrid
Драматично спасување на жртвите на петти септемвриФотографија: MIA

Истражниот судија Весна Кичеец деновиве го доставила Извештајот од истрагата на вештите лица, кои заедно со експертите од Словенија, Хрватска, Бугарија и Македонија треба да го извршат вештачењето на бродот „Илинден“.

Од финалното вештачење ќе зависи дали обвинителниот акт ќе биде проширен и на други лица инволвирани во бродската несреќа, или, пак, како единствен обвинет за несреќата ќе остане капетанот на бродот „Илинден", Сотир Филески, кој од денот на несреќата, 5 септември е во притвор.

Автор: Милчо Јовановски

Редактор: Трајче Тосев