1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Хрватска го заслужи финалето, Франција благ фаворит

Златко Калински
14 јули 2018

Македонската фудбалска легенда Дарко Панчев во интервју за ДВ го анализира Мундијалот во Русија, давајќи 3 за квалитет и 10 за организација. Очекува финалето Франција- Хрватска да биде натпревар со многу тактизирање.

https://p.dw.com/p/31ReV
Fußball WM 2018 Russland - Kroatien
Фотографија: Reuters/H. Romero

ДВ: Ден е пред мундијалскиот расплет, пред финалето Франција-Хрватска! Со прашањето, дали е изненаден од ваквата завршна разврска започнува разговорот со Дарко Панчев, најголемото име  во македонскиот фудбал, ненадминливиот голгетер, фудбалскиот шармер, „крвникот“ за противничките голмани, некогаш играчот кој со задоволство се гледа...!

Дарко Панчев: „Франција беше еден од моите фаворити. За Хрватска верував дека ќе се крене релативно високо,но дека ќе дојде до финалето, искрено не очекував.Анализирајќи ја мундијалската патека по која се движеа Хрватите и што се им се случуваше на тој пат, мислам дека тие заслужија да играат во финалето.“

Експлозија на Хрватска, освоени симпатии како мала земја која стана дел од најголемата завршна спортска претстава. Дали ова финале е знак за достигната полна зрелост на хрватскиот тим?

„Хрватска веќе 20 години постојано игра на најголемите фудбалски натпреварувања. Има континуитет, има играчко искуство, тие веќе со години се дел од светскиот фудбалски крем. Имаат играчи кои настапуваат во големи европски клубови, а Русија 2018-та е своевиден нивен врв по годините работа по осамостојувањето“. 

Повеќе:

-Речиси гротескната фудбалска тајна на Хрватска

-Франција е зрела за титулата светски првак

-Хрватска- убава, луда приказна

Дострелот на Французите можеше да се предвиди! Силата на „триколорите“?

„Франција има одлична одбрана. Има силни поединци, еден Мбапе,еден Гризман кои беа клучни во дадени моменти. Франција покажа моќ, зрелост...можеби не играше атрактивно, но имаше постојаност и сила како тим.“

Откако утре коцката ќе биде фрлена, како Дарко Панчев го гледа текот на големото финале?

„Двете репрезентации пред целта стигнаа со доста тактизирање,со внимателна игра. Впрочем, Хрватска трипати ја вкуси суровоста на продолженијата и пеналите. Очекувам меч со голема претпазливост од двете страни, чекање на грешка на противникот, ќе се повикува и среќата на помош. Франција е благ фаворит."

Fußballer Darko Pancev
Фотографија: DW

Светот е во трескавично очекување на новиот светски фудбалски шампион. А, веќе од поодамна  Германија, Бразил, Шпанија, Аргентина се дома! Дали дебаклот низ кој минаа великаните на светскиот фудбал, влијаеше врз прикажаниот квалитет?

„Шпанија имаше можеби еден од најдобрите состави на ова светско првенство, а видовме како заврши. Зошто? Тие имаа внатрешни проблеми, кои оставија последици врз нивната игра. Германија немаше моќен тим како во минатото, а имаше неколкумина истрошени играчи во поодминати години.Од Германците јас не очекував дека ќе ја одбранат титулата, но не и дека толку брзо ќе си заминат. Бразил, секогаш е топ-тема во фудбалот! Беше моќен во јужноамериканските квалификации, на хартија беше апострофиран како главен фаворит за титулата, но одново остана без можност за победнички триумф! Фудбалот мислам дека оди во негативен правец во однос на убавината и на квалитетот на играта.Тоа се чувствува и кај Бразилците. Играат во врвни клубови, финансиски одлично минуваат и како да се губи кај нив и мотивот. Нема веќе доминантни селекции, какви што имаше во минатото, па и Бразил веќе не е тоа.“

За некогашниот голгетерски ас, за неговото сфаќање на фудбалската игра и начинот на нејзината презентација, ова Светско првенство се соочи со своевидна играчка декаденција!

„Се игра премногу  дефанзивно, многу се тактизира, сведоци сме на се помалку големи натпревари за долго паметење, за се помалку врвни играчки креации.Фудбалот е во надолна линија, а колку сево ова ќе трае останува да видиме.Се паметат генерациите на Пеле, на Кројф, на Бекенбауер, има ли сега екипа која ќе остане во долго сеќавање?Ова светско првенство покажа дека со ваквиот пад на фудбалот и помалите селекции се здобија со шанса да отидат до одредени височини.Така, една просечна Шведска, една Швајцарија,Колумбија  и да не набројувам влегоа во нокаут фазата. Ова придонесува за една посебна димензија , но на уштрб на квалитетот.Ако би го оценувал квалитетот на првенството од 1-5, би му доделил „јака тројка“!

Имаше ли мечеви за „чиста петка“?

„Секако! Пред сите Шпанија-Португалија, кој заврши 3:3, потоа Франција-Аргентина, Белгија-Јапонија и уште неколку други без многу голови, но исклучително интересни.“

Какво беше судењето на Мундијалот и како да се оцени на ВАР-технологијата?

„Судењето е квалитетно како ретко досега, а ВАР технологијата , за мене не е нешто посебно. Ја кочи играта, многу се чека на одлуките. Мислам дека е добра само ако потврдува дали е постигнат гол или не! Сѐ друго треба да се остави на одлуката на арбитарот!

Кој фудбалер во моментов е најблиску до „Златната топка“, вредниот трофеј кој му се доделува на најдобриот поединец на шампионатот?

„Се помалку има поединци-великани, играчи  кои одушевуваат !Според мене изборот се сведува на три имиња.Тоа се Мбапе  од Франција, Хрватот Модриќ и според мене најдобриот засега, Белгиецот Азар, кој остана без финалето!

Русија како домаќин, стадиони,терени, навивачи?

„Според мене, Германија во 2006-та и Русија во 2018-та се надобрите домаќини на Мундијалите во последните 30 години. Тоа се уверливо најдобро организираните првенства. Секоја чест за домаќинот! Прекрасни стадиони, полни со народ кој ужива во настанот, цели семејства на трибините...! Навивачи од сите краишта на светот, еден месец речиси без никаков инцидент. Ако треба да се даде оценка за организацијата на првенството од 1-5, јас би дал „чиста десетка“!- во свој стил легендарниот Дарко Панчев го завршува за Дојче Веле своето видување на Светското првенство.