1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата Франциско уште е странец во својата куќа

Христоф Штрак/ Жана Ацеска21 јуни 2013

Во првите 100 дена новиот поглавар на Римо-католичката црква, Франциско, остави силен впечаток на јавноста. Но, забележливо е и тоа што на свештеникот од „другиот крај на светот“ римскиот систем му е туѓ.

https://p.dw.com/p/18u1K
Фотографија: Reuters

Тој не живее во Апостолската палата над плоштадот Свети Петар, туку планира трајно да остане во хотелот Санта Марта. Тешко е со зборови да се изрази целата спектакуларност на таквата одлука. Ако некој пред три месеци речеше - ќе дојде нов папа и ќе ги прекине сите ватикански навики, сите би рекле дека зборува глупости, а можеби би добил и етикета на милитантен критичар на Рим. Самиот Франциско пак аргументира дека мора да остане меѓу луѓето, палатата му е премногу изолирана. Истовремено зборува за Исус како свој пример за „сиромашен учител“.

Кратко по изборот на Франциско за папа, курсираше негова наводна изјава: „Карневалот помина“, која многу зборува. Оваа изјава не се однесуваше само на тешката свилена облека или скапите папски црвени чевли. Таа веројатно не целеше против неговите претходници, туку најави нова сериозност.

Тој доаѓа речиси „од крајот на светот“, рече самиот папа во првиот настап пред 100 дена. Да, тој не се навикна на начинот на кој делови од ватиканскиот апарат радо ја доживуваат должноста на папата. Наспроти нив, новиот папа, бившиот аргентински кардинал Жорге Марио Бергољо, себе си се гледа повеќе како „римски бискуп“ отколку како возвишен папа. Тука е и изборот на името: Франциско. Зад него се крие многу повеќе отколку што покажува со својот скромен настап. Зашто, Франциско Асишки во раниот 13 век бил револуционер на еден посебен начин.

Правецот уште не е препознатлив

Со време вниманието престана да се концентрира врз надворешноста, туку се сврте кон содржината на изјавите. Новиот папа повика на реформа на светскиот економски систем и ги осуди девијациите на финансиските пазари. Тој се жали на културата на благосостојба, владеењето на конзумот и „културата на расипништво“, Истото важи и за неговите крајно библиски повици на враќање кон христијанските начела. Црквата, според негово мислење, е поим за приближување на Бог кон човекот. За разлика од неговиот претходник, за папата Франциско во фокусот се наоѓа конкретниот човек, а не светот, што е она најдоброто кај латиноамериканската школа.

100 дена од доаѓањето на Франциско на чело на Светата столица, јасно е дека во структурата на Католичката црква и нејзиното претставување нанадвор ќе има големи промени. Но, во која насока ќе оди развојот, се‘ уште не е препознатливо. Тоа веројатно нема да ги опфати реформите на црковното учење кои би ги посакувале мнозинството Европејци, на пример јакнење на улогата на жената во Црквата и укинување на целибатот.

Ostern 2013 in Rom Papst Franziskus
Фотографија: Getty Images

И папата е обичен смртник

И натаму постојат големи надежи во реформа на застарените структури на црковната влада, Куријата. Во неа често некои работи се прават паралелно или пак една струја работи против друга. Папата Франциско пред неколку дена првпат ја начна оваа тема во доверлив разговор со латиноамериканските свештеници. Тој зборуваше за различни струи во самата црква и се жалеше на корупција. Исто така, спомена и постоење „хомосексуално лоби“ во Ватикан. Папата потсети оти речиси сите кардинали пред Конклавата бараа реформа на Куријата.

Папата Франциско планира да тргне по свој пат кон промени. Кон средината на април тој формираше комисија од осум кардинали од сите континенти, која треба да подготви реформа на ватиканските структури на власта. Кон тоа тело, под раководство на кардиналот Оскар Родригез Марадиаге од Хондурас, припаѓа и германскиот кардинал Рајнхард Маркс, но само еден кардинал од Куријата. Првиот состанок на оваа комисија на почетокот на октомври ќе покаже конкретно накаде „бискупот од Рим“ планира да ја води Црквата и нејзината централа.

Дали навистина ќе има сила за длабински промени? Без оглед на сите добри намери и планови, папата Франциско е обичен смртник, чие време за покренување и спроведување новини е временски ограничено - тој има веќе 76 години.