1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парадоксот на визијата за мир

30 јули 2018

Република Македонија би можела да продолжи со таа самоперцепција за историската неправда. Но, со тоа таа уште повеќе би ја култивирала пасивната положба на жртва, што би било погубно за неа. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/32HlE
Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

Германското искуство  на европското помирување и  улогата на Вили Брант

Демократијата претпоставува самосвесни, политички образовани, критички граѓани. Самосвесната личност, која критички го ползува разумот, беше императивот на европското Просветителство, формулирано најнапред во филозофијата на Имануел Кант. Критичката граѓанска свест  подоцна стана императивот и на секоја модерна демократија. Кант сметаше дека самостојната, слободоумна и критичка личност е незамислива без моралниот закон во  себе. Што значи, демократијата  е делување на морално одговорни, автономни личности.

Западна Германија ја  научи вистински демократијата дури по катастрофата на војната. Дури по долгата диктатура на национал-социјализмот, Германците го надминаа чувството на „жртва“ на историјата. Тоа чувство беше суштината на германската траума од исходот на Првата светска војна. Парадоксалното искуство на Западните Германци во мирољубивата политика кон соседите може да биде  значајно и за Македонија. Секако, тоа го истакнувам не за да го споредам македонското и германското историско искуство. Повеќе сакам да укажам на еден географски факт, својствен на двете земји. Имено, Германија се наоѓа во „срцето" на Средна Европа, како што Република Македонија е во средината на јужниот дел од Балканот. Таа географска положба  денес е културна, стопанска и политичка предност на Германија. Меѓутоа, во минатото, тој факт за Германците беше причината за многу трагични историски искуства. Германците, на крајот, од нив научија дека војните можат да се избегнат само кога една држава умее од сите свои соседи да направи пријатели.

Улога на жртва

Македонија, навистина, никогаш не водела војни со своите соседи. Таа, сепак, била жртва на војните на Балканот. Со оглед на тоа историско искуство Македонија долго се чувствуваше жртва на балканската историја. Република Македонија би можела  да продолжи со таа самоперцепција за историската неправда. Но, со тоа таа уште повеќе би ја култивирала пасивната положба на жртва, што би било погубно за неа. Парадоксално, доколку  Македонија би можела да извлече полза од туѓите искуства, тогаш таа, можеби, полесно  би го нашла својот пат да ја надмине самоперцепцијата како „жртва на историјата“. Македонија така од „пасивен објект" на историјата би се преобразила во активен и одговорен субјект во создавањето мирољубива политика. Колку тоа и да се чини идеалистички во сегашниот балкански контекст, сепак, во европскиот контекст има многу примери кои го потврдуваат тоа сознание. Впрочем, Република Македонија го стори првиот чекор во тој правец со осамостојувањето и со определбата за евро-атланската интеграција. Сосем природно е што тој процес сега од Македонија бара таа најнапред да стекне пријатели меѓу своите најблиски соседи.

Само во таа смисла искуството на Германија може да биде поучно и за Македонија, притоа без обид за споредба на нивната сопствена улога во историјата. Всушност, Западните Германци демократијата ја учеа додека се навикнуваа и на сознанието дека тие, историски, се поразена нација. Никогаш повеќе Германците не сонуваа да станат голема, силна нација или горд народ, како што тие се однесуваа во  Третиот Рајх. Прифаќајќи ја неволјата и поразот, Западните Германци веднаш почнаа да се соочуваат со себеси, со својата улога во историјата и со сопствените грешки. Врз тие сознанија се создаваше демократскиот и мирољубив дух на Сојузна Република Германија. Преку тие сознанија се обликуваше современиот германски национален идентитет. Тој денес е  незамислив без европската идеја.  Преку  визијата на првиот германски канцелар, Конрад Аденауер, Западна Германија уште 1951 стана двигателот на идното европско обединување. Пред да дојдат на власт национал-социјалистите, тој беше градоначалник на Келн. Како уверен католик и политичар на католичката партија Центрум, тој одбил да го дочека Хитлер при неговата посета на Келн, велејќи дека има поитни обврски. Во Келн уште се раскажува дека итната обврска веројатно била карневалот. Секако, набрзо Аденауер бил суспендиран и осуден на домашен притвор. Најнапред  тој се обидел да се скрие, но затоа полицијата ја притворила жена му.  Таа била толку мачена да признае каде и‘ е сопругот, што кусо време потоа се самоубила. Аденауер, подоцна, своето лично болно искуство во војната го преобразил во мирољубива визија. Европското обединување како прва цел си го постави  токму обезбедувањето на мирот и надминувањето на воените судири.

Mazedonien Griechenland Namensstreit beigelegt  Zaev und Tsipras
Зоран Заев и Алексис ЦипрасФотографија: Reuters/A. Konstantinidis

Двигател на обединувањето

Германија стана двигателот на европското обединување не само заради сопствената историска свест за сите штети и страдања што таа ги нанесе на други народи, туку и заради  болното сознание за сопствените порази и загуби. Тие порази и загуби беа фактот на двете германски држави, поделената поранешна престолнина Берлин, загубата на многу од германските покраини кои по војната останаа во Полска, Русија, Чехословачка. Секако, не треба да се заборават и милионите прогонети Германци од сите делови во Европа. За  Бонската република долго време втората германска држава не беше демократски легитимирана држава. Таа затоа не смееше да биде призната во меѓународните односи.  Со државите што би ја признале, СРГ ќе мораше да ги прекине дипломатските односи. ГДР и членките на Источниот блок, пак, имаа само еден ултиматум во односите со СРГ: никакви преговори за мир  пред признавањето на ГДР.  Тоа долго го спречуваше приближувањето на двете германски држави. 

Вили Брант и неговиот социјалдемократски колега Егон Бар 1963-тата го изготвија концептот  за политиката кон Источна Европа. Главното начело на тој концепт беше мотото: Промена преку приближување. 1969-та Вили Брант  победи на изборите токму со визијата за новата германска мирољубива политика. Главна цел на неговиот мандат стана помирувањето и добрососедските односи со Советскиот Сојуз, ГДР и со сите земји во Источниот блок. Вили Брант сметал дека само со таква мирољубива политика може да се надминат призраците од  трагичните историски периоди во Европа. Секако, тој знаел дека на патот дотаму првата постојка е Москва. Договорите со Москва биле тешки и сложени, затоа што од сојузната германска влада се барало да ја признае ГДР како втора германска држава. Брант и неговите соработници наоѓаат начин да го сторат тоа, притоа, не откажувајќи се целосно од  надежта дека еден ден двете Германии ќе се обединат. Решението е најдено во идејата на европското обединување. Во едно писмо до Москва, германскиот канцелар стратешки мудро укажува дека Германците се надеваат дека  еден ден, во обединета Европа, тие ќе го остварат и своето обединување. Брант е првиот германски политичар што го призна постоењето на две германски држави. Само така 1970-тата  беше постигнат договорот со Москва. По него следеше договорот потпишан од четирите големи сили за статусот на Берлин. Со него беше  олеснат пристапот до Берлин преку територијата на ГДР. Во договорот со ГДР беше договорено и отворањето на конзуларни претставништва.

На коленици за покајание

Конечно, во договорот со Полска  во декември 1970-тата, Германија потврдува дека ја признава неменливоста на постоечките граници.  На крајот од посетата, пред да ја напушти Варшава, Вили Брант положува венец на споменикот во некогашното Варшавско гето. Тогаш тој паѓа на колена. Токму тој што не учествуваше во војната водена од национал-социјалистите. Тој падна на колена. Тој, социјалдемократот  Брант, кој годините на војната ги помина во егзил во Норвешка, падна на колена пред историското паметење на страдањето на Евреите. Вили Брант тоа го стори за сета Германија, беа тогашните коментари во весниците. Таа слика на германскиот канцелар, кој коленичи од покајание  пред споменикот во Варшавското гето, го обиколи за миг светот и стана траен симбол за помирувањето меѓу народите.

Willy Brandt kniet in Warschau
Вили Брант се поклони пред жртвите на Варшавското гето во 1970.Фотографија: AP

Дома, во Западна Германија, тоа на Вили Брант му  создаде многу внатрешнополитички проблеми. Политичарите на ЦДУ го обвинија дека „ги продал германските интереси“ и дека ја загрозил безбедноста на Сојузна Република Германија. За Германците протерани по војната од Полска и од Русија ( од областите Шлезија, Источна Прусија, Померија и др.) Вили Брант стана предавник на нивната татковина. Една година подоцна  Брант ја доби Нобеловата награда за мир. Кога веста беше соопштена во Бундестагот, само мал дел од пратениците станаа и му аплаудираа на Нобеловецот. Многу години подоцна, при обединувањето на Германија,  сите Германци сфатија колку значајна беше политиката на владата на Вили Брант во односите со Источна Европа. Тој, тогаш, 1989-тата, кога падна Берлинскиот ѕид, стоеше на балконот во Берлин и ја изговори историската реченица: „Сега зараснува во едно тоа што припаѓа заедно“. Тоа што неколку децении беше раскинато и разделено – германскиот народ во двете држави.

Визиите за мирот и демократијата понекогаш бараат парадоксални одлуки. На Балканот уште нема политичари од форматот на Вили Брант. Таму историјата уште не дозволува да се артикулира политичката визија за мир меѓу народите. Но, тоа што денес уште се чини незамисливо за многумина во Македонија и пошироко на Балканот, бездруго ќе биде замисливо за идните генерации. Едно, притоа, е јасно: без идејата на европското обединување нема да дојде до траен мир на Балканот.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.