1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Параолимпијадата - мисија за подобар третман на хендикепираните

Штефан Нестлер5 септември 2008

Пекинг, по олимпијадата, сега е домаќин и на параолимпијадата. Постигнувањата на инвалидизираните спортисти во функција и на подобар однос спрема хендикепираните лица во Кина, смета Рајнер Шмит, повеќекратен параолимпиец

https://p.dw.com/p/FC3k
Рајнер Шмит на тренинг спроти параолимпијадатаФотографија: DW/ Nestler

Околу 4 илјади хендикапирани спортисти од светот од утре, 6-ти септември, ќе се натпреваруваат во 20 дисциплини на параолимпијадата. Во германскиот тим повторно ќе биде повеќекратниот победник од тие натпреварувања, 43-годишниот пингпонгар Рајнер Шмит, учесник на сите параолимпијади од Сеул 1988-ма, откако игрите на инвалидизирани лица го носат тоа име. Во колекцијата на Шмит има 4 златни и три сребрени медали. Пекинг ќе биде негова шеста параолимпијада - никогаш ли нема да му е доста? „Овој пат да. Ова дефинитивно ќе биде моја последна параолимпијада. Доволно играв пинг-пог. Сега доаѓа редот за други работи во мојот живот“ - вели 43-годишниот спортист.

За разлика од многу учесници на олимпијадата, тој е вистински аматер. Теолог по струка, Рајнер Шмит егзистенција обезбедува работејќи како референт во институт на Евангелистичката црква во Рајнланд. Тренира во спортска сала на едно училиште во Бон. За време за тренинг мора да се снаоѓа. „Јас не можам да се споредам со Тимо Бол, кој е професионален пингпонгар и тренира најмалку два пати дневно. Јас имам професија. Но, на спортот му приоѓам сериозно и токму во подготовките за параолимпијадата одам многу често на тренинг. Во годините помеѓу параолимпијадите тоа значително го редуцирам, оти имам и други работи“.


„За време на натпреварувањето си го заборавам и името“


Рајнер Шмит е роден без подлактици и со пократка десна натколеница. Рекетот за пинг-понг го држи со помош на карбонска шина прицврстена на левата надлактица. На десната нога носи протеза. Во својата категорија во моментов е петти на светската ранг-листа. Цел му е на параолимпијадата токму во земјата на пинг-понгот да се пласира во полуфиналето. И за учесниците на параолимпијадата важи како и за олимпијците: нема политички изјави во рамките на спортските борилишта. „Секогаш шеговито велам дека кога сум во арената си го заборавам и името и мислам само на пинг-понгот. Тоа е големата уметност во спортот. Но, кога ќе заврши натпреварувањето планирам да поразговарам со неколкумина волонтери околу тоа каков е животот во Кина, што тие дознават за политичката атмосфера, едноставно за да воспоставам контакти“.


Параолимпијадата ќе го промени односот на Кинезите спрема хендикепираните


Рајнер Шмит од непосредно искуство знае дека на хендикапираните лица во Кина се гледа поинаку отколку во Германија: „Минатата година бев во Шангај и Хонгконг. Никогаш дотогаш во животот не се најдов во ситуација луѓето како грозд да се собираат околу мене и да ме допираат како да сум вонземјанин. Мислам дека таму хендикепираните воопшто не се појавуваат во јавниот живот и има голема потреба од промени во тој поглед“.

Рајнер Шмит е оптимист дека постигнувањата на спортистите на параолимпијадата можат да го променат генералниот став на Кинезите спрема хендикепираните лица: „Тие настапуваат во јавноста, нив ги покажуваат во медиумите, ги третираат не како хендикепирани, туку како спортисти. Верувам дека со тоа ќе се сменат сликите во главите на Кинезите“.

►◄